Да тргнеме Сењор

Автор: АНА РИСТОСКА
Режисер: НЕЛА ВИТОШЕВИЌ

Да тргнеме сењор!

Претстава која ги отвора вечно неодговорените прашања за животот наспроти смртта. Пет испреплетени приказни, и седум лика, кои со многу емотивен, на моменти апсурдно-комичен тон преку нарација и внатрешни монолози, зборуваат за љубовта, среќата, тагата; за убавината на постоењето и минливоста на човечкиот живот.
„Таму каде што луѓето водат нормален живот, денот им се гледа долг, исполнет. Но тоа е лага. Одовде кога го гледаш само изгревањето и заоѓањето секој ден, сфаќаш дека тоа е само миг. Дури да трепнеш со очите. Ден, ноќ “.

Таткото: „Да тргнеме сењор!“
„Како деца трчавме да ги фатиме белите памучни цветови на тополите за да имаме среќа…
Погрешно правевме. Неа не можеш да ја фатиш… “

Таткото: „Да тргнеме сењор!“
„Човек може да избрише многу нешта од својата меморија. Со време да ги заборави луѓето што ги познавал, да не биде сигурен дали некои настани навистина се случиле или не, но единствено нешто што не може да измени се спомените од детството. Тие стојат таму засекогаш создадени во несвесна состојба. А возрасното тело само копнее и се повикува на нив, секогаш кога сака да се засолни од животот полн со грижи“.

Жената: „Да тргнеме сењор!“
„Да бев птица ќе одлетав досега негде, да бев куче ќе бев скитник, да бев капка, ќе се пробивав секаде без никој да ме види, да бев дрво ќе знаев како се љубат двајца што се сакаат, да бев ѕвезда ќе паднев за некој да посака желба… може така ќе бев среќен…“

Јоко: „Да тргнеме сењор!“
„Треба да се откажеш од бескорисните желби и да научиш да живееш во моментот, не во минатото или во замислената иднина. Да постанеш тоа што сакаш не е гаранција за среќа. Посакувањето го одзема задоволството и среќата. Посакувањето и копнежот води до физичко страдање и предизвикува одново раѓање“.

Јоко: „Да тргнеме сењор!“
„Да беше жив денес ќе имаше четириесет и пет. Да беше жив може ќе ти го заборавев роденденот, ќе ти речев голем си веќе, нека ти го памeти жена ти и децата, а вака ќе го паметам секогаш“.

Старата: „Да тргнеме сењор!“

УЛОГИ
Игор Ангелов – Таткото, Дон Кихот
Драгана Костадиновска – Ќерката
Дениз Абдула – Санчо Панса
Ивица Димитријевиќ – Мажот
Софиа Насевска-Трифуновска – Жената
Катина Иванова – Старата
Александар Ѓорѓиески – Јоко

Back to Top