Историјат

СОЗДАВАЊЕ НА НУ МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР
„Колку е блиску сонцето!“

Толку многу симболика во оваа реплика, изговорена од страна на актерката Вера Вучкова како Валја во претставата „Платон Кречет“ – вечерта, точно во 20 часот, на 3-ти април 1945 година. Се случи тоа веднаш по кревањето на завесата за изведба на првата премиера во два месеца пред тоа основаниот Македонски народен театар, како прва национална професионална театарска институција во Р. Македонија.

1474797_10201896000659022_1368531360_n
Атмосферата непосредно пред и околу овој извонредно значаен и голем чин во културниот живот на македонскиот народ и воопшто во македонската историја останува во сеќавањата на директните учесници во зафатот и на публиката, а за следните генерации ја има зачувано и дневниот печат, под наслов „Народен театар во Скопје: Свечано отварање на I сезон“ („Нова Македонија“, 03.04.1945 година).

Македонскиот народен театар официјално е конституиран со Одлука на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45) од 31 јануари 1945, како драмски театар. Во текот на првите две сезони МНТ и функционира исклучиво како драмски театар, макар што перманентно настојува да го доизгради, докомплетира за тоа време типизираниот модел на национална театарска институција, составена од три ансамбли: драмски, оперски и балетски. Напорите на неколку управувачки гарнитури, поддржани и од амбициите на републичката културна политика но и на некои среќни околности (кадровски и финансиски), овозможија во текот на наредните четири години Театарот да се доорганизира: оперскиот ансамбл беше конституиран во 1947 година со првата оперска праизведба, „Кавалерија рустикана“ изведена на 9 мај, а балетскиот ансамбл во 1949 со првата балетска праизведба, „Валпургиска ноќ“ изведена на 27 јануари.

1474015_10201896003699098_67221517_n

Првиот драмски ансамбл на МНТ е во состав: Димитар Ќостаров, режисер и директор на Драмата, Илија Милчин, актер и режисер, Тодор Николовски, Петре Прличко, Крум Стојанов, Трајко Чоревски, Мирко (Тихомир) Стефановски и Благоја Црвенков, актери, Томо Тодоровски – Владимирски и Василие Поповиќ-Цицо, сценографи. Кон овој состав се приклучуваат и дваесетина членови на техничкиот и административниот персонал, вработени во големата и исклучително функционална театарска зграда, изградена во 1927 година.

Во текот на 1945 година драмскиот ансамбл ќе се докомплетира со нови членови: Тома Кировски, Деса Прличкова, Илија Џувалековски, Добрила Пуцкова, Кирил Ќортошев, Добрила Чабриќ, Марија Бошкова – Мери, Драга Арсенска, Никола Ангеловски, Вера Вучкова, Тома Велковски, Милена Година, Томе Гаговски, Владимир Гашевски, Блашка Дишљенковиќ, Предраг Дишљенковиќ, Тодорка Кондова, Александар (Саша) Маркус, Лили Пенчева, Димче Трајковски, Марија Томовска, Славица Тодоровска, Ан. Трајков и Лена Тешанова. Во текот на првата половина од 1945 година како лектор и драматург во МНТ работи и Блаже Конески. Првата претстава што ја изведува драмскиот ансамбл на МНТ е драмата Платон Кречет на Александар Корнејчук, одиграна на 3 април 1945 година во режија на Димитар Ќостаров. Критиката настанот го оценува како исклучителен успех. Самиот Ќостаров, односно неговата реалистичка/веристичка естетика втемелена врз методот/системот на Станиславски, битно ќе ги детерминира првите две децении од историјата на Драмата при МНТ, целосно определувајќи го нејзиниот иден развиток. Во текот на своето 55-годишно постоење, Драмата при МНТ поставила околу 300 премиери и одиграла околу 8000 претстави. Поминувајќи низ различни творечки фази, но и остварувајќи, во одредени периоди, забележителни, дури и блескави резултати, Драмата при МНТ настојува да ја изгради/профилира сопствената естетика, која би требало и да ги разликува нејзините претстави од претставите на другите Театарски куќи во Македонија, но едновремено и да ја потврди/афирмира како национална драмска и театарска институција.

1473715_10201896037499943_2066891463_n
Својата дејност МНТ ја вршеше во неколку објекти. До земјотресот во 1963 година, тој работеше во старата зграда, наменски изградена во 1927 година. Катастрофалното поигрување на почвата целосно го онеспособи објектот и тој беше урнат. Таа голема и исклучително функционална зграда располагаше со 5 600 м2 и 750 седишта. Така, од 26 јули 1963 година па сѐ до 19 февруари 1965 година, МНТ беше останат без објект. На тој датум свечено беше отворена монтажната театарска зграда од 2 400 м2 со 370 седишта. Вистинска пресвртница во просторна насока се случува во 1983 година, по вселувањето во новиот монументален објект.

ОПЕРА
Историскиот чин на создавањето на македонската опера почнува во февруари-март 1947 год. Македонската музичка петорка од: Тодор Скаловски, Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Трајко Прокопиев и Петре Богданов – Кочко поминаа добра и солидна школа под раководство на познати уметнички имиња и таа прочуена македонска музичка петорка решава македонската оперска куќа свечено да се отвори со изведбата на операта КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА. Првата оперска претстава на македонски јазик почнаа да ја подготвуваат (по иницијатива на Здружението на музичарите на РМ) членовите на Здружението, Хорот и Оркестарот на Радио Скопје и Студентскиот хор.
КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА премиерно беше изведена на 09.05.1947 год. во изведба на: Тодор Скаловски (диригент), Бранко Поморишац (режисер), Петре Богданов – Кочко (хор-мајстор), Стефан Гајдов (инспициент), Живко Фирфов (суфлер) и на сцената вокалните солисти: Данка Фирфова, Елисавета Савченко, Петре Богданов – Кочко, Васил Ќортошев, Милка Гушевска, Стефан Русјаков и Ганка Атанасова.
Операта на МНТ официјално, како професионален уметнички ансамбл ќе заживее во 1948 год. Со уредбата на Министерството за просвета во Македонскиот народен театар се формира Опера на 01.01.1948 год. Хорот на Радио Скопје целосно преминува во Операта, а Симфонискиот радио оркестар станува оперски оркестар. За прв директор на Операта е назначен Тодор Скаловски (01.11.1947 год.)
Во новата организациона структура на МНТ (Драма и Опера) Димитар Ќостаров е именуван за директор на Драмата (11.12.1947), а на чело на Театарот како негов управител доаѓа писателот Коле Чашуле (17.02.1948)
Првата оперска сезона во МНТ кулминира со изведбата на операта ТРАВИЈАТА од Џузепе Верди (29.11.1948 год.), дело што ќе биде еден од столбовите на оперскиот репертоар, и ќе биде најгледано на оперската сцена. Со ТРАВИЈАТА е поврзано и раѓањето на македонскиот балет, формирањето на балетскиот асамбл, со што се заокружува уметничкиот лик на МНТ. Негов основач е балетскиот уметник Ѓорѓи Македонски.
Травијата е опера во 3 чина. Светската премиера ја доживува на 06.03.1853 година во Венеција. Македонската премиера е одржана на 29.11.1948 во Скопје. Пишувана е на либрето од Ф.М.Пјаве според романот на А.Дима-синот “Дамата со камелии“.Дејството се одвива во Париз во средината на 19-от век.

БАЛЕТ
Својата прва премиера, Балетот на МНТ ја прикажал на 27.01.1949 год. во кореографија на Ѓорѓи Македонски, под диригентската палка на Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ – Цицо, костимограф Милица Бабиќ – Јовановиќ, беше изведен балетот ВАЛПУРГИСКА НОЌ од операта ФАУСТ на Шарл Гуно. Во таа прва претстава настапиле: Ѓорѓи Македонски, Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ…….
Нов балетски празник се случил на 30 декември 1949 година, кога младиот ансамбл го прикажал својот прв целовечерен балет – „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во „Бахчисарајска фонтана“ се појавува практично и првата генерација македонски балетски играчи кои во следните години, а повеќето од нив во следните две децении, ќе бидат главни носители на репертоарот. Меѓу нив се имињата на Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска и Јанка Атанасова, односно Тони Шулевски, Александар Гочков и Љубомир Спасовски, малку подоцна и Вера Божинова, Смиљка Силјанова и Олга Дорошева.

Back to Top