Спектакл-мајсторот Иван Поповски ја поставува претставата „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков

Во рамките на новата репертоарска програма во Македонскиот народен театар привршуваат подготовките на мега-спектаклот „Мајсторот и Маргарита“ од рускиот автор Михаил Булгаков, а во режија на Иван Поповски, кој веќе 27 години од својот живот работи и твори низ театрите во руската престолнина Москва.

Театарскиот режисер Иван Поповски (1969) студиите ги заврши на отсекот за театарска режија на Руската академија за театарска уметност (ГИТИС) во Москва, во класата на проф. Пјотр Фоменко. Еден е од основачите на сега познатиот руски театар „Пјотр Фоменко“ во Москва, а режираше повеќе проекти во Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова. Тешко е да се набројат сите претстави што ги поставил во театрите ширум Русија, Европа и САД.

Исклучително ретка можност е да се види негова претстава на репертоар на македонските театри. Во Македонија најчесто доаѓа со претстави подготвени во Русија, а како гости на Фестивалот „Охридско лето“. Во 2001 година го постави спектаклот „Македонија – Одисеја 2001“, со кој беше отворено „Охридско лето“.

Од 2007 година е амбасадор на културата на Република Македонија во Русија. Во 2009 година го доби и Пушкиновиот орден за посебни заслуги во промоцијата на рускиот јазик и уметност, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.

Во подготовките на сценскиот спектакл „Мајсторот и Маргарита“, што се поставува по текст од култното дело на еден од неговите омилени руски автори Михаил Булгаков, се вклучени актерите од ансамблот на Македонскиот народен театар и од неколку други театри во Македонија, како и соработници од Италија и од Русија.

Додека се одвиваат подготовките на „Мајсторот и Маргарита“ на сцената на МНТ, пренесуваме повеќе цитати од рецензиите на театарски критичари од Русија за претставата „Сон на летната ноќ“, последната премиера на Иван Поповски во Москва во „Ателјето на Пјотр Фоменко“.

„Сон на летната ноќ“ во режија на Иван Поповски во „Ателјето на Пјотр Фоменко“

„…Во време кога се чини дека веќе ништо не предвидува радосна театарска игра, на публиката ѝ се присони ’Сон на летната ноќ‘ произведувајќи ефект на кислородна терапија за оние што се задушуваат… Иван Поповски ’соши‘ претстава според стар терк, принудувајќи нè да се потсетиме и за психолошката тантела и за олеснетото дишење и за актерството што побудува, а на дефилето од театарски премиери неговото дело изгледа просто шокантно…“

(Олга Фукс, „Театралнаја Афиша“, август, 2015 г.)

„…Шекспировата пиеса ’Сон на летната ноќ‘ ја режираше Иван Поповски, верниот ученик на Фоменко. Секоја негова претстава нетрпеливо ја исчекуваме, радосно претчувствувајќи театарско доживување. Веќе одамна претставите на режисерот, кој работи и во Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова станаа исклучителен украс на московскиот пејзаж. Тој таму режира филигрански, со ситни детали. Тука, на големата сцена, бујната режисерска фантазија станува неверојатна. Иван Поповски повторно ги оправда очекувањата: малку чудно сиже со три паралелни плана, имагинативно интерпретирано и прекрасно одиграно од различните генерации актери на ’Ателјето на Фоменко‘ според најдобрите традиции на еден од најпопуларните театри што публиката неверојатно го сака, каде што, за среќа, не многу ревносно ја бркаат европската мода, не ги злоупотребуваат ’темите на денот‘, и граѓанскиот патос…“

(Ирина Шведова, „Московскаја правда“, 25.9.2015 г.)

„…Претставата ’Сон на летната ноќ‘ на сцената на ’Ателјето на Пјотр Фоменко‘ веќе ја нарекуваат фоменковски пример каков што немало откако од овој свет си замина Мајсторот. Која од сите уметности владее со такви моќни средства што ја обзема душата со впечатоци и си игра со неа автократски? – уште пред два века прашуваше Висарион Белински. Одговорот и вчера и денес е ист – секако, театарот. Имено, вака ја обзема душата оваа претстава.

Какви сè не епитети слушна за неговата претстава, Иван Поповски, режисер родум од Македонија, ученик на основачот на театарот, познатиот и неспоредлив Фома. Сите критичари се сложија во едно: првпат по смртта на Пјотр Фоменко во театарот се врати неговиот дух. А восхитот на гледачите кои три и пол часа беа потонати во волшепство, тешко е да се пренесе. Нема никакви модерни трикови како екрани, проекции и други визуелни ефекти, без кои современиот режисер се чини веќе не може. Иван Поповски, за среќа, може. Класичната постановка може да биде не помалку спектакуларна, доколку за работа се фати талентиран човек…“

(Евелина Гурецкаја, „Холивуд репортер“ од  25.9.2015 г.)

„…но, се појави претставата ’Сон на летната ноќ‘ во режија на Иван Поповски и старата магија си дојде на своето место…

Светла, ведра, романтична, енергична и смешна, се само неколку зборови што прво ви паѓаат на памет кога сакате да ја опишете, а со тие зборови најчесто ги опишуваме и претставите на самиот Фоменко. ’Сон на летната ноќ‘ е стилско и духовно враќање на театарот, соодветно да го режира Поповски. Во случај да сте заборавиле, се вели дека Поповски прв ја добил идејата за театарот.

Во далечната 1991 год. Фоменко работеше со првата група студенти на Државниот институт за театарска уметност, а Македонецот Поповски, еден од студентите, ја постави претставата заедно со неговите соученици во ходник. Малата претстава ’Авантура‘ на Марина Цветаева ја погоди Москва како ураган. Поповски беше претставен како ѕвезда, Фоменко беше прогласен за ’голем учител‘, а актерите споредувани со врвните Руски актери. Сите укажуваа на тоа дека групата треба да остане заедно, како професионална трупа и по дипломирањето. Така и се случи. ’Ателјето на Фоменко‘ стана еден од најомилените театри во Москва. Можеби, не сето ова се случи благодарение на Поповски, но сè започна со неговата мала убава ’авантура‘.

’Сон на летната ноќ‘ е секако убава, но нема ништо мало во неа. Тој го искористува секое парче простор на сцената, вклучувајќи го и оној под таванот, потоа просторот во публиката, па дури и на балконите. Клучните ликови им ги додели на неколку стари соученици, а тие одговорија со одлични улоги. Но, претставата ја прават четворица актери кои веројатно и не биле родени кога ’Авантура‘ ги маѓепса московјаните…“

(Џон Фридман, „Москоу тајмс“, 15.7.2015)

„…’Сон на летната ноќ‘ на Иван Поповски публиката ја прифаќа со восхит и со ликување. Кога заврши претставата гледачите беа еуфорични, долго не ги пуштаа актерите. Јас многу сакам да им гледам на актерите в очи кога се поклонуваат. Во нив сјае такво олеснување, среќа, таква увереност во извонредноста на својата уметност. Доколку сакате да видите среќни луѓе, не заминувајте си кога актерите се поклонуваат. Но, главното чудо се состои во тоа што вие чувствувате како се преродува духот на онаа волшебна игра која со себе ја носеше Пјотр Фоменко. Не сакам да кажам ништо лошо за претставите поставени по неговото заминување, имаше и суптилни и интересни работи. Но, сепак, ваква опиеност од духот на театарот на Фоменко, вакви концентрации на енергија лишени од каква и да е тежина, кои стапуваат во меѓусебна игра, немам видено…“

(Алексеј Бартошевич „Екран и сцена“, 31.7.2015 г.)

„…Не трошејќи енергија во потрага по залудни новитети, Иван Поповски создава театар кој ја плени и ја понесува публиката во вис…“

(Марија Јурченко, портал „Култура“, Русија, 22.7.2015 г.)

„…но, Поповски не би бил Поповски, доколку не создадеше идеално убав свет… Така и ’Сон на летната ноќ‘ во ’Ателјето на Пјотр Фоменко‘ претставува инјекција со вистинска среќа за публиката, вакцина против тага…“

(Светлана Бердичевскаја „Екран и сцена“, 31.7.2015 г.)

 

„…’Сон на летната ноќ‘ е претстава за сите оние што страдаат од забоболка и од светската тага, за сите оние на кои им е дојдено преку глава учтиво да се досадуваат во театарските седишта, постојано погледнувајќи на својот мобилен: уште колку има? Ова е претстава за сите оние што имаат заборавено дека театарскиот оган се раѓа само од живи материјали, а од изобилството пластика на сцената може да се направи само електричен камин…“

(Олга Егошина, „Новие известија“ од 25.6.2015 г.)

„…Веќе кон крајот на првиот чин гледачите влегуваат во стадиум на возбуден ќеиф; кога претставата ќе заврши гледачите остануваат на своите места за долго и благодарно да аплаудираат. Целосен впечаток – на големата сцена на ’Ателјето на Пјотр Фоменко‘ се врати духот на Фома, духот на штедроста и слободната театралност, игра поради игра…“

(Марина Токарјова, „Новаја газета“ од 24.6.2015 г.)

 

„…Ваков севкупен успех во театарот новинарот на ’Независимаја газета‘ одамна нема видено: по завршувањето на претставата публиката буквално виеше од воодушевување, своето задоволство гледачите го искажуваа со свирење, со извици ’браво‘ и со аплауз. Се гледаше и тоа со колкаво задоволство самите актери – од сите поколенија на ’Ателјето на Фоменко‘ – ѝ се оддаваа на стихијата на играта што ја поседува оваа шекспирова комедија, иако освен тоа режисерот од нив барал, може дури да се каже, циркуско мајсторство…“

(Григориј Заславски, „Независимаја газета“ од 22.6.2015 г.)

 

„…’Сон на летната ноќ‘ од режисерот Македонец, Иван Поповски во ’Ателјето на Фоменко‘. Во планот на естетиката Иван е најверниот ученик на Мајсторот и го чува витаминот Т во својата режисерска палета.

Секако, ова е извонредна и, најверојатно, претстава што ќе го смени текот, што ќе му ја соопшти и на Ателјето и на театарскиот систем во целина надежта на скриениот, таен ресурс на театралноста.

Во 1990 година, кога Ателјето блескаше со сиот свој сјај, Пјотр Фоменко предлагаше, на некој начин, решение за опстојување во скржавата и безволна реалност на безвремето. Штит против оловните гнасотии на животот беше театралноста, мимикријата, скомрахиството. Да преживееме – Фоменко советуваше низ лекција по театар – да се проживеат деведесеттите можеше само измислувајќи своја сопствена реалност, размножувајќи ги илузиите, менувајќи ги маските.

Враќањето кон таа енергија може да му го предложи, на современото општество од 2015 година, истиот модел на опстојување. Ова е веројатно најважното…“

(Павел Рудњов, „www.teatrall.ru“, 4.7.2015 г.)

„…’За сончевиот твој блесок, месечино, ти благодарам!‘ По претставата одеднаш заплакав. Од емоциите што ме обзедоа. Од таа атмосфера на среќа, која со луда концентрација одѕвонуваше во салата, а потоа со тенок млаз истекуваше од вратите на театарот на различни страни од замелушената и насмевната публика…“

(Аљона Витшас, „Руски блогер“, 21.6.2015 г.)

Back to Top