Музејска поставка

МУЗЕЈСКА ЗБИРКА НА МНТ – експликација на поставката

Екстериерски „експонат“
На долна/пристапна етажа, лево од влезот во МНТ, сочуван е дел од ѕидот од темелите на Стариот театар, кој се наоѓал на речиси исто место. Зградата на Стар театар, чијашто изградба ја иницирал и долго ја водел Бранислав Нушиќ, била започната на самиот почеток на јуни 1915 година (во екот на Првата светска војна). Заради редица причини, нејзината изградба се развлекла на цели 12 години. Дури на 26 октомври 1927, таа била свечено отворена и им служела на актерите и на гледачите се до земјотресот од 26 јули 1963.

Влезно фоаје
Музејската постановка во овој простор ги раскажува најмаркантните епизоди од историјата на скопските театарски згради.

Во првата витрина од десната страна експонирани се оригиналните разгледници и фотографии од зградите во кои претставите се играле до 1927:

– таканаречениот Турски театар, наречен и Ада Кафе, изграден 1906, кој Бранислав Нушиќ 1913 година го адаптирал во прв скопски театар и го отвоил на 27 декември истата година; за жал, по само четириесеттина дена, театарот изгорел до темел;
– таканаречената Театарска арена која, по пожарот, Нушиќ ја изградил за само три месеци; таа несмасна градба им служела на Скопјани од мај 1914 до 15 јули 1915, кога градската управа решила да ја урне, верувајќи дека Стар театар ќе биде вселен до почетокот на сезоната; воените случувања тоа го попречиле
– кафеаната „Зрински“, во која агилниот Нушиќ решил да го всели својот ансамбл во јануари 1919 година; разурнато од војната, Скопје во тој миг немало не само подобар, туку апсолутно никаков соодветен театарски простор;
– втората Арена, која Нушиќ ја изградил во текот на летото 1919 (пак за три месеци!), убеден дека во неа театарот ќе работи кратко, додека не се оспособи недовршената зграда на Стар театар, дополнително девастирана во текот на војната 1914-1919; сепак, оспособувањето на Стар театар се развлекло на полни шест години.

Бранислав Нушиќ е единствениот човек кој – во еден ист град, во текот на само шест години… – успеал да гради и изгради дури четири театарски згради! Какви и да биле тие!

Во втора витрина експонирани се фотографиите од изградбата на Стар театар, сите снимени во периодот јуни/октомври 1915.
Ѕидната плоха (десна страна од фоајето): две масла на платно со мотив на Стар театар; автор на маслата е Бранко Костовски, долгогодишен сценограф на Македонски народен театар.
Ѕидната плоха (лева страна од фоајето): два оригинални нацрти од 1926/27 година – фасадата на Стар театар и електрична инсталација од таванот на салонот; помеѓу овие нацрти експонирани се оригиналните фотографии од ентериерот на Стар театар,
Во трета витрина (лева страна од фоајето) експонирани се плакатите, програмките и фотографиите од неколку претстави на ансамблот на Драмата на МНТ од периодот 1945/1950 година; во витрина се сместени и неколку лични предмети на некои од актерите и дел од асесоарот дониран од тогашните гледачи: ладало на Мери Бошкова, бинокл, бисери…
Четврта витрина е симболичен омаж за зградата на Стар театар, урната по земјотресот од 26 јули 1963; нејзините делови се оригинална маска од фасадата и дел од стаклениот лустер од салонот, кој од урнатините го спасила актерката Нада Гешоска. Меѓу фотографиите е и онаа на шаторската населба, во која по земјотресот живеле актерите на МНТ.
Масло на платно со мотив Стар театар, дело на Тома Владимирски, сликар, еден до легендарните сценографи на МНТ.

Прв кат
Галерија портрети на уметниците / основоположници на МНТ:
Портрет на Ана Липша-Тофовиќ, оперска примадона; масло и темпера на панел; дело Димитар Кондовски
Блаже Конески, прв лектор/драматург/преведувач на МНТ; масло на платно; дело на Коле Манев
Тодор Скаловски, прв диригент и директор на Операта на МНТ; цртеж на Павле Кузмановски
Томе Арсовски, драмски писател кој во МНТ влегол најпрвин како пејач во хорот на Операта на МНТ; масло на платно; дело на Коле Манев
Кирил Ќортошев, актер; масло на платно; дело на Димитар Кондовски
Илија Џувалековски, актер и режисер; молив во боја; дело на Димитар Кондовски
Димче Трајковски, актер; молив; дело на Димитар Кондовски
Предраг Дишљенковиќ, актер; пастел; дело на Димитар Кондоски
Тодор Николовски, актер; масло на платно; дело на Коле Манев
Петре Прличко, актер и режисер; масло на платно; дело на Димитар Кондовски
Ристо Шишков, актер; масло на платно; дело на Коле Манев

Сценографски и костимографски скици
Десниот агол од фоајето Скици за оперски и балетски претстави играни во МНТ во период 1947/1952: автори на скиците се Тома Владимирски, Василије Поповиќ – Цицо, Бранко Костовски, Мира Глишиќ и Рада Петрова-Малкиќ
Левиот агол од фоајето Скици за драмски претстави играни во МНТ во период 1945/1955: автори на скиците се Тома Владимирски, Василије Поповиќ-Цицо, Бранко Костовски, Рада Петрова-Малкиќ

Витрини
Прва и втора витрина (десна латерала) ги експонираат макетите за две сценографии на Бранко Костовски, изведени
во МНТ во 1967 година: Антигона на Софокле и Вител на Коле Чашуле;
Помеѓу витрините поставена е една од оригиналните маски,
кои биле вградени на фасадата на Стар театар. Маската ја сочувала актерката Нада Гешоска.
Трета витрина ги тематизира почетоците на работата на Балетот на МНТ: неколку плакати и програмки од првите претстави, фотографиите од првата претстава Бахчисарајски фонтан и нејзините протагонисти Натка Пенушлиска и Ѓорѓи Македонски, круничката на Црн лебед и шпиц-патиките на
првенката Елпида Паковска…
Четврта витрина ги тематизира, на истиот начин, почетоците на македонската Опера, евоцирајќи го и споменот на нејзиниот несомнен творец Ловро Матачиќ, еден од најголемите диригенти на 20 век.

Петта витрина (централно фоаје) им е посветена на тројца основоположници на македонската сценографија: Тома Владимирски, Василије Поповиќ-Цицо и Бранко Костовски. Витрина ги чува нивните боички и прибор за цртање, нивните фотографии, документи и лични предмети, како и автокарикатурата на Василије Поповиќ-Цицо.

Шеста витрина (централно фоаје) е посветена на култната национална пиеса Македонска крвава свадба на Војдан Чернодрински, праизведена во Софија на 20 ноември 1900 година. Освен плакатите и фотографиите од првата изведба на сцената на МНТ, витрина експонира и три интересни предмети: оригиналниот текст од третото издание на пиесата, објавено во Софија 1928, фотографијата од 1936 на која се селаните од с. Кривогаштани, снимени по изведбата на
Македонска крвава свадба и камен од темелите на урнатата куќа на Војдан Чернодрински, во село Селце, Дебарско. Симболичниот камен ја меморира легендата според која Војдан не сакал на гробот да му креваат споменик, туку да
му донесат камен од родното село. На Новите гробишта во Софија, кај што е тој погребан, стои паметник. Каменот кој го барал, изваден е од темелите на неговата куќа и донесен на неговиот гроб дури 2000 година.

Седма витрина (лева латерала) им е посветена на двајца доајени на македонската глума и режија, Илија Милчин и Илија Џувалековски. Освен нивните фотографии и плакати од нивните претстави, во витрина се и некои лични предмети на двајцата: тетратки со белешки, документи, ордени, виолината и вештачката брада со која Џувалековски играл во мјузиклот Свирач на покривот…

Осма витрина (лева латерала) им е посветена на трите големи дами на македонското актерство: Тодорка Кондова, Љупка Џундева и Милица Стојанова. Освен личните предмети – плетенката и накитот на Џундева, ракавиците со кои Стојанова ја играла Елиза Дјулитл во Пигмалион, учебникот по глума што го напишала Тодорка Кондова… – во витрината е и еден важен документ: оригиналното свидетелство на Милица Стојанова, кое потврдува дека таа во 1949 година завршила Државна средна театарска школа, прва актерска школа во Македонија.

Деветта и десетта витрина (лева латерала) посветена им е на двајцата драматичари кои што дебитираат токму на
сцената на МНТ: Венко Марковски и Коле Чашуле. Освен плакатите, програмските и фотографиите од нивните капитални драми (Гоце на Марковски, која подоцна стана либрето за прва македонска опера; Вејка на ветрот на Чашуле, која се смета за прва македонска модерна драма), овие автори се претставени и со карикатурите на Василије Поповиќ-Цицо. Во витрината на Чашуле е и машина за пишување на која тој ја напишал својата пресвртна драма, како и цилиндар марка Борсалино, со кој „настапувал“ како дипломат.

Збирка костими
Збирка, во моментов, презентира 15 костими – 14 оригинални и 1 реплика – во кои играле некои од најрелевантните актери, пејачи и танчери во седумдецениската историја на МНТ: од Петре Прличко, Мери Бошкова, Тодорка Кондова, Илија Милчин, Данка Фирфова, Зина Креља, Елпида Паковска… до Весна Петрушевска и Никола Ристановски.

Back to Top