Награди

 Гран-при за претставата „Електра“ на Фестивалот на античка драма „Стоби“


 

-Гран-при

-Андриј Жолдак за најдобра режија

-Дарија Ризова за главна женска улога

Заврши 13-тото издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“ на кој Македонскиот народен театар ја доби гран-при наградата за претставата „Електра“ во режија на светски познатиот Андриј Жолдак, освен гран-при наградата жирито ги додели и наградите за најдобра режија на режисерот Андриј Жолдак и најдобра главна женска улога на актерката Дарја Ризова.

„Електра“ беше одлично прифатена од страна на публиката и пропратена со овациии, но и пред претставата имаше огромен интерес кај публиката и медиумите.

И оваа година фестивалот „Стоби“ имаше репрезентативна програма кој започна од 8 – 22 септември 2015 год. Во рамките на фестивалот, освен ансамблот на МНТ, настапија реномирани театри од Турција, Грција, Албанија, Словенија и неколку театри од Македонија.
Во рамките на фестивалот „Стоби“ покрај натпреварувачкиот карактер беше отворена темата за современите аспекти на античкиот театар „Античка плоча“, дебатно-истражувачки карактер, чија цел е размена на искуства од различен профил на директни и индиректни учесници во создавањето современ театар и неговата критичка мисла, од кој подоцна ќе произлезе и зборник. Настанот беше поделен на две сесии на кои свои истражувања, искуства, излагања разменија етаблирани индивидуалци од различни профили: режисери, драматурзи, актери, академски професори и критичари.

Македонскиот народен театар триумфираше и во Црна Гора на
фестивалот за интернационален алтернативен театар „ФИАТ“ во Подгорица на 15 септември каде ги освои наградите : најдобра претстава во целина,најдобра режија и најдобра женска улога,а на 4 септември „Електра“ го затвори Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт.


 

 

Фестивал за интернационален алтернативен театар „ФИАТ“ – Подгорица, 2015


 

На 30-тото издание на фестивалот за интернационален алтернативен театар “ФИАТ” во Подгорица Македонскиот народен театар учествуваше со две претстави, “Електра” во режија на светски познатиот театарски режисер Андриј Жолдак и”Столови” на младиот режисер Дамјан Читкушев.

МНТ освои четири награди, претставата „Електра“ освои три награди и тоа:

За најдобра претстава – Електра ги обединува сите продукциски потфати, дисциплинирана, точна и истовремено емотивна глума, естетска заокруженост и доследно спроведување на режисерската визија.Тоа претставува ново толкување на митот за Електра, вклопено во современиот свет и проблемите во него.

Андриј Жолдак за најдобра режија – Режисерската визија на Жолдак во себе ги спојува врвните филмски и театарски естетики. Во неа се препознаваат уметноста на великанот,теориска промисленост и неговата уникатна поетика.

Дарија Ризова за главна женска улога- Дарија Ризова е Електра на 21 век,која давајки ги од себе сите физички и актерски средства,донесе сугестивно,вдахновено,точно и потполно поинакво толкување на Електра.
Нејзината Електра содржи нереална интелигенција која ја покажува денешницата.

Специјалната награда за иновативен концепт ја доби нашиот режисер Дамјан Читкушев за претставата „Столови“ од Ежен Јонеско.
Читкушев демонстрираше автентичен режисерски ракопис, препознатлив во секој сегмент во претставата, со врвна естетика и одлична игра на актерите, кој доследно ја спроведе својата поетска визија.

„Столови“ се играше во салата Додест КИЦ Будо Томовиќ а „Електра“ во фабричката хала Радије Дакиќ. „Електра“ публиката ја награди со вистински овации и огромен аплауз, а и двете претстави предизвикаа сериозен интерес кај театарската публика и медиумите. МНТ повторно се покажа во најдобро светло пред црногорската публика, а режисерот Андриј Жолдак и „Електра“ беа ѕвезди на фестивалот, „Електра“ побуди огромен интерес, а МНТ и организаторите вложија големи напори оваа претстава да се одигра на фестивалот во несекојдневни театарски услови.

Македонскиот народен театар триумфираше во Црна Гора на „ФИАТ“ и се претстави во најдобро светло, нудејќи нов, напреден, модерен, иновативен и храбар театар.


Медитерански театарски фестивал „ПУРГАТОРИЈЕ“ – Тиват, Р.Црна Гора, 2015 г.


 

Македонскиот народен театар најдобар на Медитеранскиот театарски фестивал „ПУРГАТОРИЈЕ“ – Тиват, Р.Црна Гора

– Награда во целина за претставата „Животот на Молиер“

– Награда за најдобар актер Никола Ристановски за улогата на Молиер

На затворањето на 10-тото јубилејно издание на Фестивалот на медитеранскиот театар „ПУРГАТОРИЈЕ“ 2015 во Тиват, ќе биде доделувањето на наградите. Жирито во состав Мани Готовац – театролог, претседателката Тања Бошковиќ – актерка и Зоран Живковиќ – продуцент, по 6 одиграни претстави во официјалната селекција, на 29.8.2015 год. во Тиват донесе едногласна одлука наградата за најдобра претстава да ја додели на претставата „Животот на Молиер“ во продукција на Македонскиот народен театар, а наградата за најдобар актер ја доделува на актерот Никола Ристановски за улогата на Молиер.

Во натпреварувачкиот дел од програмата во селекција на Татјана Мандиќ-Ригонат имаше силна конкуренција на претстави: „Хасанагиница“ во режија на Јагош Марковиќ, „Животинска фарма“ во режија на Андраш Урбан,„Животот на Молиер“ во режија на Александар Поповски, „Мама миа“ на Југ Радивојевиќ, „Казимир и Каролина“на Снежана Тришиќ, „Скршениот ковчег“ на Игор Вук Торбица, „Александра Зец“ во режија на Оливер Фрљиќ.

Тиватскиот театарски фестивал, во организација на Центарот за култура Тиват, започна со спектакуларната изведба на мјузиклот „Мама миа!“ на белградското Позориште на Теразијама 25 јуни на летната сцена во Тиват. Селекторката Тања Мандиќ Ригонат одбра претстави кои сведочат за желбата на театарските творци да театарот биде место каде општеството, човекот се преиспитуваат на уметнички моќен начин, од длабоките пориви на креативноста, мечта, полемика и креативен дух, каде темите јасно се изоструваат без оглед на жанрот, претстави во кои актерските достигнувања се на високо ниво како и сите други елементи на театарскит чин.

Овогодинешната селекција уште еднаш го потврди „ПУРГАТОРИЈЕ“ како важен театарски фестивал на кој е возможно да се видат извонредни уметинички дела од најразлични театарски уметници, режисери, актери, сценографи, костимографи, композитори, балетани…


Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“


Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, 2015 г.

Претставата „Електра„ во режија на Андри Жолдак на Македонскиот народен театар од Скопје е најдоброто уметничко остварување во целина на 50-от по ред македонски театрски фестивал „ Војдан Чернодрински„ во Прилеп. Со одлука на тричленото  жири ова претстава ја понесе и наградата за најдобра режија, најдобра женска улога на актерката Дарја Ризова, како и наградата за млад актер на Александар Ѓорѓиоски.

-Андри Жолдак со својата естетика влегува во принципите на коментирање на светот во кој што живееме. Со претставата целосно го оправдува текстот кој што зборува за војните, убиствата, желбата за превласт, манипулацијата, моќта на парите, моќта на владеењето и сето тоа го прави на еден модерен начин, изјави претседателот на жири комисијата, Ѓорѓи Јолевски.

Годинава на 50-то  јубилејно издание во официјална конкуренција беа одиграни 13 претстави, а фестивалското жири додели вкупно 16 награди за најдобри уметнички остварувња.


Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, 2014 г.

Награда за кореографија и сценски движења се доделува на Сташа Зуровац за кореографија и сценски движења во претставата Вечната куќа во изведба на МНТ

Награда за музика се доделува на Горан Трајковски за музиката во претставата Вечната куќа во изведба на МНТ Скопје.

Наградата за костимографија се доделува на Благој Мицевски за костимите во претставатаВечната куќа на МНТ од Скопје.

Наградата за сценографија се доделува на Валентин Светозарев за сценографијата во претставатаВечната куќа во изведба на МНТ Скопје.

Наградата за млада актерка се доделува на Дарја Ризова за улогата на Естел Бенвиста во претставата Вечната куќа во изведна на МНТ Скопје.

Наградата за текст се доделува на Јордан Плевнеш за текстот во Вечната куќа во изведба на МНТ Скопје.

Наградата за режија се доделува на Дејан Пројковски за претставата Вечната куќа во изведба на МНТ Скопје.

Наградата за главна женска улога се доделува на Искра Ветерова за улогата на Стела Бенвиста во претставата Вечната куќа во изведба на МНТ Скопје.

Наградата за главна машка улога се доделува на Тони Михајлоски за улогата на Ефрем Поплавски во претставата Вечната куќа во изведба на МНТ Скопје.

Наградата за уметничко остварување на претстава во целина се доделува на Вечната куќа од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски во изведба на МНТ Скопје.

Back to Top