Електра


Адаптација и режија: Андриј Жолдак   Дејство во античкиот мит за Електра Електра, ќерка на кралот Агамемнон и кралицата Клитемнестра, и брат ѝОрест, заговараат одмазда против мајка им, Клитемнестра, и нејзиниот љубовник, Огист, заради убиството на татко им, Агамемнон. Овој антички мит претставува основа на трагедиите на Есхил, Софокле, Еврипид и Жан-Пол Сартр.

Улоги:


Дарја Ризова - Електра, ќерка на АгамемнонElektra_039Александар Ѓорѓиески - Орест, син на Агамемнон


Звездана Ангеловска - Клитемнестра, нивна мајка, жена на Агамемнон


Славиша Кајевски, Борче Начев - Агамемнон, нивни татко


Никола Ацески - Огист, љубовник на Клитемнестра


Еврипид – Славиша Кајевски, Борче Начев


Звездана Ангеловска - Жена на Еврипид


Александар Михајловски - Исус


Анастазија Ташковска, Михаела Николоска - Електра во детството


Арна Шијак - Телохранител на Клитемнестра, негувателка на Електра и Орест


Elektra_060

 Сценографи – Андриј Жолдак, Лукас Нол


 Костимографи – Лукас Нол, Даниел Жолдак


 Автор на музика – Сергеј Патрамански


 Асистент на режисерот –Никола Кимовски


 Извршен продуцент– Виктор Рубен


 Автор на плакат – Срѓан Јаниќијевиќ


 Камерман –Кузман Клековски


 Асистент-сценограф – Тања Блажевска - Христова, Даниел Жолдак, Илина Ангеловска


 Светло-мајстор – Илија Тарчуговски


 Тон-мајстор –Александар Арсиќ


 Модул-оператор –Костадин Велков


Андриј Жолдак за оваа своја продукција
Приказна базирана врз античкиот мит за клетвата и зa злосторството во едно кралско семејство и за тоа како Господ ги казнува вашите деца. Зашто сите ние стануваме одговорни за постапките на нашите родители, дедовци и прадедовци (сакале или не). Ние сме, исто така, одговорни и за нашите сопствени постапки, тие што ги правиме сега, не помислувајќи дека тие не врзуваат со нашите деца и со децата на нашите деца.
Оваа претстава ќе ја истражува суровоста скриена во длабочината на човековото битие, во неговата/нејзината потсвест (која не се гледа или, можеби, спие), за во некој историски миг (критичен за државата, за семејството или самиот човек) таа наеднаш да избега и да стане сила што целосно ја презема контролата врз стварноста. Во фокусот на претставата е токму прашањето за суровоста,
за длабочината до која таа продира внатре, во човековото битие - до километар или до повеќе километри. Зошто човекот, во одредени ситуации, станува понасилен отколку што умее да биде насилен билниот или животинскиот свет?
Сестрата Електра и братот Орест решаваат пак да ја воспостават праведноста и, преку нив, Господ ги казнува тие што вршат злосторства. Секој мал или поголем кримен, порано или подоцна, мора да биде разоткриен и казнет. Сега, во 21-от век, токму како и пред илјадници години, луѓето навистина не умеат соодветно да одговорат на прашањето: „Што, во екстремните ситуации, бива со човечкото суштество, со човекот?“ Како што напишал Фјодор Михајлович Достоевски, човечката душа е во темница. А Георг Бихнер, пак, заклучил дека, доколку се загледаме во човечката душа, ќе ни се пристори дека се загледуваме во амбис и „ќе ви се зашемети од тоа што ќе го видите“.


Митот за Електра
Електра била ќерка на кралот Агамемнон и на
Elektra_013кралицата Клитемнестра. Таа и брат ѝ Орест решиле да
им се одмаздат на сопствената мајка Клитемнестра и на
нејзиниот љубовник Егист заради убиството на татко им
Агамемнон. Овој грчки мит е основа на трагедиите за
Електра, напишани од Есхил, Софокле, Еврипид, Жан
Пол Сартр...


Андриј Жолдак (1962 г., Киев, Украина), режисер.


Дипломирал студии по режија на московскиот Институт за филм и театар, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Васиљев. Авторската поетика на Жолдак, како и неговиот режисерски ракопис, несомнено се резултанти на неговите перманентни интереси за филмот (Фелини, Бергман, Параџанов, Тарковски) и на истражувањата во областа на ликовните уметности. Повеќе години Жолдак го управувал Државниот академски драмски театар „Тарас Шевченко“ во Харков, на чија сцена режирал пет големи проекти кои, освен изведбите во Украина, биле изведени на престижните фестивали во повеќе од триесет европски земји. Во 2005 г. Жолдак ја режирал Шекспировата пиеса „Ромео и Џулиета“, реализирана како копродукција помеѓу Берлинскиот фестивал (Berliner Festspiele), Европската агенција за култура (Agency Culture-Europe) и Аладемскиот драмски театар во Харков. По премиерната изведба на Берлинскиот фестивал и последователна изведба во Варшава, украинските власти го забраниле изведувањето на „Ромео и Џулиета“ во самaта Украина, принудувајќи го Жолдак да го напушти театарот во Харков. Оттогаш, тој постојано живее во Берлин, работејќи во водечките театри во Германија, Русија, Финска, Шведска и Швајцарија. Благодарение на својот долгогодишен опит на театарски практичар, како и на постојаниот ангажман во областа на театарската теорија, во текот на последниве години Жолдак е ангажиран како водител на низа теориски и оперативни театарски работилници во Велика Британија, Холандија, Шпанија, Германија, Финска, Франција, Јапонија...


Добитник е на Наградата за изведувачки уметности на УНЕСКО (2008), која се доделува за личен придонес кон развојот на театарската уметност, на две Златни маски за најдобра оперска режија и најдобар оперски режисер во Русија (2014, за операта „Евгениј Онегин“, поставена во Санкт Петербург), на наградата Талија за најдобра претстава изведена во Финска (2010, за претставата „Ана Каренина“, поставена во театарот во Турку) во Русија. Добитник е на наградата за најдобра режија на меѓународниот театарски фестивал во Сибиу (Романија), наградата за најдобар режисер во Романија (за постановката на „Отело“, 2002), наградата за најдобра експериментална претстава на фестивалот во Торун, Полска (за постановката на „Галеб“, 2002),), наградата од публиката на фестивалот „Златен лав“ (2002), наградата од критиката на белградскиот БИТЕФ (за постановката на „Три сестри“, 2000)... 2002 година, претставата на Жолдак „Хамлет. Соништа“, изведена во продукција на театарот во Харков, учествува на скопскиот МОТ и ја добива наградата од театарската критика. Во театрографијата на Жолдак, скопската „Електра“, поставена на сцената на МНТ, е неговата 41. професионална театарска режија. (ј.л.)


Лукас Нол (1968, Карл-Маркс-Штат, бивша Демократска Република Германија), сценограф/сценски дизајнер


Базичните сценски знаења и соодветни сценографски вештини најпрвин ги стекнувал во Државната опера во Берлин. Потоа работел како стручен соработник во Музејот на уметностите во Дрезден, за најпосле да стане асистент за сценски дизајн во повеќе театри.
Дипломирал на дрезденската Академија на уметностите (1997). Од 2002 г. работи како водител за сценскиот дизајн во Државниот театар во Гисен, Германија. Напоредно, како сценски дизајнер, тој е ангажиран во многу независни проекти, но и во проекти што се реализираат во театрите во Германија и во странство.
Како сценски дизајнер бил ангажиран во Корејската национална опера во Сеул, каде работел во првата продукција на „Лулу“; операта во Вроцлав го ангажирала во „Парсифал“; Естонскиот национален театар му го доверила сценскиот дизајн за „Јулиј Цезар во Египет“...


Нол станал постојан соработник на повеќемина еминентни драмски и оперски режисери и кореографи. На двапати, 2007 г. и 2013 г., германскиот магазин „Светот на операта“ („Opernwelt“) неговите проекти ги има номинирано за наградата за сценски дизајн на годината. Во 2013 г. бил поканет на изложбата „Светски сценски дизајн“ во Кардиф, каде неговите трудови биле селектирани во најтесен избор за најдобар сценски дизајн.


ПИСМО ДО НЕРОДЕНИТЕ РЕЖИСЕРИ И АКТЕРИ


Ова писмо е поврзано со два настани во мојата работа фактот дека во Градскиот театар во Турку (Финска) на 17. мај, 2013 г. за последен пат беше изведен мојот перформанс „Вишновата градина“ од Чехов и со пробите за „Мадам Бовари“ од Густав Флобер во Санкт Петербург (Русија) во декември 2013 г. Знам, сега има момци и девојки, мажи и жени кои треба да се сретнат, кои развиваат врска, жените ќе бидат бремени. Можеби во нивните утроби постојат ембриони на идни режисери.
Потоа тие ќе дадат живот на тие деца – машки и женски. Тие растат а за нив е и моево писмо. Никогаш не му верувај на актерот. Убиј ја љубовта кон актерот во себе. Актерот ќе ти признае љубов, ќе ти фрли магија и ќе те обземе, шокира и хипнотизира. Неговата убавина и талент ќе те изгори и полека ќе те притиска кон црната дупка. Ќе бидеш во огин и ќе паднеш во агонија, ќе се тресеш со него кога твоите очи ќе се сретнат со очите на вистинскиот Актер. Светот ќе се врти околу тебе, ти ќе ја изгубиш својата рамнотежа. Очите, умот, душата и здивот на актерот ќе навлезат во тебе. Неговата сексуална и психичка енергија ќе те направат роб на љубовта, а потоа зависен домаќин. Од таа страна ти ќе бидеш спремен да се предадеш и да се откажеш од сè на светот поради него. Тоа што било важно еден час претходно повеќе нема да постои и така ќе биде.
Вистинскиот актер ќе сака да „спие“ со тебе, да споделува со тебе ноќи за љубов и омраза, а после доаѓа кокаинска треска полна слики од проби помеѓу вас двајца, интелектуални и психолошки струи кои ве врзуваат, блескајќи помеѓу вас и кршејќи ги срцата. Актерот ќе гребе, гризе и ќе провоцира бесконечно флертување со тебе. Тој сака да ги сркне капките крв од твоето тело и душа, кажувајќи „Ова е за тебе, земи го, сето ова е за тебе, мој единствен прв режисеру“ - иако имаше и други пред тебе. Тој ќе каже дека тоа што го чувствува за тебе е зашеметувачко, исполнето со твоја крв и сперма.


„Јас сум твоја – само земи ме. Само за тебе. Јас никогаш не сум сакала друг како тебе. Ти – мој млад Господ. Ти – мојата крв. Мојот здив. Мојот сон. Мојата бременост од среќа. Оплоди ме, силувај ме, земи ме, измами ме и конечно купи ме, купи ме целосно. Ах, мој луд режисеру!“
Не верувај на сето ова. Сето тоа и пред тебе им било кажувано на другите, исто вака како што ти се кажува тебе, истото ќе се случува и по тебе Актер програмиран за предавство. Предавство со цел да те порази и да те пикне во неговата дупка, за да станеш негов трофеј, за алчно да те уништи, во неговата дупка да ти ја изеде утробата и да те заборави. Ти стануваш неговата плазма колекција. Во мигот кога ти ќе се вљубиш во него, актерот ќе згазне врз твојата наведната глава, твојот врат ќе го притисне надолу, ќе предизвика забрзано отчукување на твојата вжештена артерија „на копнеж и пасија“... и ќе ти ја пресече главата, со жалење или без жалење. И ќе ја фрли на тацна, бришејќи ги прстите од ѕидовите. Неговите прсти уште се со твојата крв, а ти уште би бил жив. Тој диво и пијано, со зашеметена насмевка, ќе влета во оргија во соседната соба, во потрага по нов автор, во потрага по нова жртва со своите браќа актери.
Твоите очи, гледајќи напреку на другата страна, уште живеат во отсечена глава и ти, низ полуотворената врата на соседната соба на театарот, сè уште јасно го гледаш нивниот див танц околу огнот. Низ твојата последна ужасна тишина ти гледаш како актерите пијат, танцуваат, диво се смеат и дека се полуголи. Тие веќе изгледаат како чудовиште со животински торза, влакнести, како фауни, со копита на дивокози и кози. „Свети животни“ за кои Кокто пишал, еднаш.
Во твојата глава останува само едно прашање: колку ти се допаѓа тоа што се случи? Како тоа ми се случи мене? Ти сè уште ги гледаш актерите како фрлаат ждрепка за новите текстови што би ги глумеле, на тој што би бил нивната нова жртва, на некој нов режисер кој би сакале да го сретнат - утре. Тие диво ги кинат листовите на кои се испишани нивните нови ролји и продолжуваат да фрлаат ждрепка - кој и што ќе игра.
Тие со жестина се борат за новите ролји, со луда радост на диви животни. Овие актери бараат жртви. Низ годините, поради бескрајната игра и глума на сцена, нивните мозоци станале толку деформирани што веќе не знаат кои се и што се. Дали тој/таа е жена или маж, девојка или момче. Тие се, едновремено, и Хамлет и Офелија, нивната психа е андрогина. Нивната внатрешност – Јас сакам сè и сешто - покажува дека тие, однатре, се сосема празни, целосна дупка на празнотија.
Некои од нив веруваат во Господ, но тие се големи грешници кои продолжуваат да глумат со чистотија, љубов и верба. Тие се преработени и откачени. Во овие „свети“ чудовишта, во нивните најдобри постигнувања до кои стасуваат низ конвулзии на љубов, во одделни мигови навистина се препознава надареноста и страста, подготвеноста за жртвувањето – во тие неколку секунди јасно се гледа дека ја имаат волшебната моќ да хипнотизираат, да сторат она на што никој не може да одолее, ниеден режисер ниту една публика. Кога тоа ќе го разбереш, просто мораш да го направиш истото што и Одисеј и неговиот екипаж - со јаки жици да се врзеш за јарбол на својот кораб, за да не скокнеш во разбранетиот и луд ноќен океан. Чудесното пеење на тие „прекрасни фурии – сирени“ те повикува како магија и ти ќе се носиш со таа магија како знаеш, ќе се жртвуваш заради неа. Актерите го прават тоа со тебе во чест и слава на божеството Театар.


Затоа, идните режисери треба да ги знаат правилата и тајните за преживување во актерската џунгла на театарот, дури и постојано да ја усовршуваат умешноста на преживување во оваа нова/стара реалност.


Еве неколку совети…
Не им дозволувај на актерите да се соберат во групи, разде-
ли ги. Твојата сила се искажува кога си оставен со нив насамо. Инаку, кога тие се заедно, како да се повторува еден стар мит – ти му ја сечеш главата на некој одличен актер, но друга му расте на истото место, иста или можеби поубава. Ти повторно ја сечеш, главата повторно е на место, смешкајќи ти се, зграпчувајќи те.


Не паѓај на нивниот шарм. Запомни дека сè е во нивната хипноза и големата илузија, и повторно, како во истиот стар мит запомни дека мораш да се држиш на дистанца. Не гледај наназад, не гледај на страна, не им гледај на актерите директно во очите. Запомни дека Персеј, за да се бори со медузата Горгона, морал да гледа во одблесокот од својот штит... Нивните очи, тој ѓаволско божествен контакт настојуваат да го насочат кон твоите. Не ги пуштај во срцето, бидејќи тогаш ќе согориш.


За сето време, постојано, мами го актерот, но така што тој ќе ти верува и ќе се вљубува во тебе, заборавајќи на сè. Вети му постојано сè и сешто, прави го тоа само за него и само заради него, како тој да е единствениот актер на светот. Смислувај за него специфични задачи, акции, дела, покажувајќи му дека ти треба само тој и дека е извонреден. Освестувањето и развојот кај актерот создаваат себични чувства. Тие се многу алчни по успех, поради што имаат големо чувство за сопственото значење и сопствената супериорност.
Страшниот актерски бакнеж, невкусен бакнеж на пробите... одговори така што ќе ја задоволиш неговата глад по признавање и пофалба, засити ја таа длабока глад така што ќе го шокираш, ќе го поразиш, ќе го доведуваш во ризични и стресни ситуации, ќе го исплашиш толку што тој нема да има време за смислување нови планови и тактики, за размислување и за логика. Озрачи го со неочекувана Вистина – таа е за тебе како рендген. Од неа актерот ја губи својата „убиствена сила“ и своето чувство на сигурност, што е важно, бидејќи тој, во текот на пробите, постојано, секоја секунда, мора да се наоѓа во екстремно ризична позиција и да се бори за да преживее.


Секоја проба е натпревар и судир кон непознатото. Скарај ги и разделувај ги своите актери. Тој (актерот) се плаши од непознатото, тој е исплашен од сопственото разголување, ментално и психолошко. Солзите што ги леат маските што тој ги носи постојано ја покриваат неговата есенција, неговото „јас“, со стотици превези. И така, кога актерот ќе стане беспомошен, кога е разголен, кога нема потреба да глуми и кога е исплашен како дива птица, која паѓа во стапица – тогаш тој се соочува со својата суштина, со своето «јас».


Откако актерите ќе се вљубат во себе, натерај ги да се растревожат, да се исплашат од тебе и, најпрвин, отфрли ги. Поттикни ја нивната сексуалност и нивните тајно скриени емоции и сензитивни импулси, скрши им ги срцата. Остави да се
лее крвта од најскриените и најзатворените џунгла–тунели. Кога во однос со актерите си бесчувствителен и суров, циничен и неморален, тогаш има шанса за твој спас.


Убиј ги бавно и брзо, лови ги, стави им мамки и стапици, распни ги актерите. Не им дозволувај да живеат и дишат со полни гради, изеди ги, исцицај ги сите сокови и силата од нив. Спиј со актерите, но потоа задолжително предади ги, за да почувствуваат Болка. Голема болка и страдање за вистината, копнеж по изневерениот Рај. Дури потоа прави ги среќни, некогаш тажни, некогаш паметни и глупи. Не се плаши да ги понижиш или воздигнеш.


Возвиши го авторот. Дај му ја сета своја љубов секој ден и ноќ, така што подоцна таа или тој, како Ана Каренина или Ема Бовари, бегајќи од нивните мажи, жени и деца, ќе ја напуштат фамилијата и ќе те прогонуваат. Актерот сака да биде твое куче, роб, просјак и проститутка, бидејќи - всушност - тој е токму тоа.


Корумпирај го актерот, направи го монструм и направи го предавник. Тоа ќе го исплаши и ќе го соочи со желбата да не биде таков. Направи тој ниту ден да не може без тебе. Направи го зависен и зол. Развиј го неговиот интелект низ лекциите и барај го неговиот изгубен морал. Направи го добар, бидејќи тој се плаши да биде лош, потоа ќе биде подготвен да се бунтува.
Посрами го, побарај му ја Совеста и разбуди ја таа Совест во него. Актерот мора да се бунтува. Направи ги сите работи заради кои тој ќе се стекне сочувство и дека треба да се чувствува виновен и да се покае. Убиј ја вербата во актерот, дури тогаш тој ќе биде кадарен да ја осознае вистинската Вера.
Мораш да бидеш кадарен да спиеш со актерот и, едновремено, тоа да не го правиш физички.


Флертувај, играј со него, доминирај, не се плаши да му дадеш иницијатива. Обиди се никогаш да не се венчаш со актер/актерка (но постојат исклучоци: кога се случуваат средбите на еднаков со еднаков).
Не им дозволувај на актерите многу да зборуваат, додека имаат можност да зборуваат – тоа е како хипнотизирачко пеење кое не може да се сопре, како ненадејна тешка бура и порој од кој не можеш да избегаш.


Смени ги тактиките со нив, не се плаши да кажеш „не знам, учам од тебе, ти си подобар од мене, ти си пофин, ти и само ти сега си моја главна мисла. Ти си необичен, јас сум среќен со тебе...“ Тогаш од актерот почнува да излегува нешто што било скриено од тебе и од него, тогаш актерот расте и се крева. Потоа веќе го нема прашањето дали е тој жив или не е жив.


Биди претпазлив со валкани и пијани актери. Бидејќи е тешко низ нивните темни очи да се протолкува нивната вистинска природа, настојувај да ја видиш нивната суровост, како кај Кербер, како кај чуварите на концентрационите логори (колкумина вакви актери работат во големи театри?).


Најди ги скриените лидери на актерските групи и уништи ги, еден по еден; нивното соборување треба да се случува во мигот кога целава група може да го види и веднаш да ги отфрли тие лидери. Создај сопствен лидер – Актер на иднината. Однесувај се безобѕирно, брутално и агресивно со сите актери-медиокритети, кои се заслепени, примитивни, индиферентни, кои дрдорат... и со нивните претставници, со здружението на актерите, администрацијата, менаџерите и водачите однесувај се како во циркусот, бидејќи нивната главна цел е една и единствена: циркусот мора да се наполни, билетите да се продадат, актерите треба да скокнат во арената како животни, а потоа да се вратат во нивните кафези среќни но уморни, чекајќи ја следната вечер.
Ако сретнеш мрзлив актер – како да ја размрдаш неговата мрзливост? Што да направиш со незаинтересиран актер? Што да правиш со циничен и поткуплив актер? За овие прашања ќе одлучиш самиот.
Застраши ги оние што лесно се исплашуваат, уништувај ги вулгарните, ама настојувај да им ја всадиш некоја-и-друга идеја и да им дадеш сериозни задачи, да им ја отвориш перспективата и да ги подучиш како да го гледаат невидливото.


Како никој друг на светот, актерите се плашат од смртта и од гревот. Дури не само од смртта, туку и од разоткривањето на илјадници мали и големи предавства кои се собрале во нивниот живот и на сцена. Тие се натопени со овие предавства како мека крпа, со која бришеш пет метри локва крв. Нивната кожа и крвни садови се заразени со Предавство. Нивната суштина, суштината на актерот е да изневери, да игра лажно, да мами, да игра и повторно да игра. Тие продолжуваат да играат, да се вртат в круг и да се губат во тоа. Од оваа загубеност тие станаа арамии, убијци, фалбаџии, интриганти. Во историјата на светскиот театар, во многу различни држави и времиња, недобројни успешни и помалку успешни режисери биле предадени и фрлени од актерите, тепани, заведени, сексуално искористени (fucked), заљубени во самите себеси, сосечени.
Актерите се јазат како змии. Актерот е змија која е навистина опасна. Актерите ни се одмаздуваат секој пат кога нешто што тие сакале не било исполнето; тие ги изместуваат нашите судбини. Тие нè обвинуваат, шират гласини и уживаат славејќи победа секој пат кога ќе го истуркаат и во пропаст ќе турнат некој Уметник. Но сè има своја цена и одговор... постои нова генерација на бунтовни и чесни режисери која доаѓа, за која ние мора да ја поништиме денешната традиција и да ја подготвиме почвата за новата генерација.
Ние сите тоа го правиме одделно, секој на свој начин - и јас го правам истото – ги уништуваме овие предавници–актери, овие робови–актери. Тоа е причината заради која мораме да го запалиме големиот пожар, да ги запалиме театарските куќи, со цел идните генерации да го видат тој сјај  рефлексијата на нашиот подвиг.


PS
Прашања од мене за мене
Ги сакаш ли актерите?
- Љубов и омраза.
Го познаваш ли нивниот карактер?
- Не и да.
Дали сакаше да бидеш актер?
- Не.
Кога актерите стануваат предавници, кого го предаваат?
- Секого, на различни начини.
Колку често?
- Секогаш.
Дали има исклучоци?
- Да. Исклучоци се од 3 до 97.
Дали се плашиш дека актерите би можеле да се бунат против тебе?
- Тие веќе долго се бунат.


Дали има решение?


- Да.


Какво?


- Не знам...


Кој актер го гледаш како сопствен идеал?
- Тешко е да се каже, најди ги зборовите ... Може да биде Дете, Ангел, Исус, не Јуда, Срце од Ангел, чистотата на детето, љубезен, чесен, кој се бори за вистината, сочувствителен, храбар, интелигентен, отворен, религиозен, морален, интелектуален, кој не те предава, кој не убива, кој не прави прељуба, кој ја сака планетата Земја и татковината, кој длабоко ги сака мајка си и татко си, кој е праведен, харизматичен, кој има емпатија и сочувство, шаман, револуционер, нежен, силен, кој ги штити правата и човечката слобода, сака животни и цвеќиња (растенија), кој ги брани бескуќниците и сиромашните, воркохоличар, лојален, кој знае и чувствува што е љубов, кој може да се жртвува, проповедник, кој секогаш ќе дојде за да спаси, издржлив, искричав, сончев, мрачен, смешен тажен, среќен, мудар, изненаден, ирационален, убав, кој има топла и ладна крв, кој е отворен за нови нешта, хипнотичен, длабок, чист, кој е совесен, див, распеан, тивок, актер кој има ноќни сништа, кој не е завидлив, кој не е робот, кој нема цинична и рамнодушна внатрешност, кој не е интригант, кој не е шугав, актер кој може да се покае.
Некој од актерите кои се согласуваат или делумно се согласуваат со овој текст имаат можност да мислат и да се бунтуваат во својот камп на робови-гладијатори (порано, актерите биле употребувани и во таквите претстави). Сега е само сменета формата на арената: Колосеумот е преадаптиран во театарска сцена. Ама, публиката и натаму дава дава пари и оди на претстави за да доживее задоволство и јаки чувства. Луѓето и натаму доаѓаат да ја гледаат прастарата историска битка – несреќа на гладијаторите – актерите, хероите. Тие доаѓаат да гледаат како тие („среќни и проколнати“) се тука и сега ќе умрат во борба за живот.
Во овој маѓепсан круг понекогаш се раѓаат и се афирмираат и некои поинакви актери. Актерите се бунтовници, кои немаат веќе што да изгубат. Еден од нив е Спартак. Актерот-Спартак е нов вид на актер од иднината. Тој е Актер-пророк, Актер-автор.
Оттука актерот би бил роден како режисер- реформатор, режисер-бунтовник, режисер-видовник. Тој ќе биде роден од овој актер токму онака како што гасениците излегуваат од кожурец.
Секој што израснал и се протегнал низ стравотиите на постоењето на овие актери, кој е роден и живее во оваа средина, тој ќе ме разбере ...
Старите актери ги поучуваат новите млади актери кои само што влегле во театарот - како е најдобро да се измамат, понижат, што и како тие треба да прават за младите актери да ги засакаат. Но, овие млади актери веќе со сопствената кожа и крв осознале што значи враќањето во дувлата и во кафезите за животни. Оттука, за нив, главното прашање е токму прашањето за востанието, за живот или смрт. Слобода или заборав? Вистина или измама? Харакири - станува како Вистина. Ова е идеален начин ... Стани, стани, побуни се, живеј со целото срце, диши, организирај бунтови во твоите театри, исцеди ја заразената крв од себе и роди се повторно, со подобра Судбина. И уште нешто. Еднаш кажав страшна метафора за спасот во театарот. Потсети се, заради мене и заради себеси, на оваа приказна...
Има големи театарски институции, комплекс-театри, театри-фабрики кои произведуваат зададена театарска продукција, во кои работат и живеат актерите, техничарите, администрацијата и продуцентите. Има и институти и академии, каде идните актери и останатиот театарски персонал учат како да го развиваат ваквиот театарски модел. Но, ќе дојде ден... во моите мисли, кога овие театри и академии ќе бидат затворени и кога ќе почне нивната опсада. Тоа е мојата теорија за Колерата. Таа ни е потребна за да можат да дојдат другите уметници, Вистински Уметници. Овие театри се обично затворени за нив и ако некој чесен Уметник влезе во некој од тие големите театри, тие ќе се деблокираат и ќе се прилагодат на поинаков начин на работа: или ќе станат обични, или ќе забегаат во целосна изолираност, излишност.
Во овие гигантски театри-гробници можеш да видиш актери-стаорци, ама во нив работат, напоредно, и млади, отворени, талентирани; овие млади актери имаат жар во очите, копнеат да ја побараат вистината и да се борат за правдата, за вистината. Тогаш резиденти-стаорци го активираат нивниот задушувачки гнилеж, смрдливата лага на светот, застапувајќи се за само едно правило – ти ќе бидеш еден од нас, ти си како нас.
Нивните убоди се насочени кон оваа бучна младина. Тие ја инфицираат нивната крв и срце и чекаат овие млади актери да станат мутанти, попреку и со завист да гледаат во нив Во душите на старите актери се јавува страв, омраза и одмазда – зошто паднавме, зошто не сторивме нешто, зошто бевме контаминирани, ова мора да се преживее?...
Не им верувај ним, на тие „млади и недопрени“, не им верувај на нивните насмевки и братството на робовите во синџири.
Како и евнусите, кои се секогаш под психичко-ментален стрес кога стојат покрај жена, тие не можат да ја допрат и да ја оплодат (задоволат) туѓата дарба, бидејќи нивните пениси се отсечени и одамна фрлени во депонија.
И кога, следниот пат, пак ќе се појават младите со силна еротска, емоционална и интелектуална потенција, евнусите сонуваат да ги уништат, да ги кастрираат, како што претходниците ги кастрирале нив. Тоа е механизам, кој бил на сила и во времето на Еврипид, подоцна и во времето на Шекспир. Тој механизам уште ги движи театрите.
Затоа и зборувам за тие институции и театри под опсада. Прометеј, Спартак и новите („млади и недопрени“) ја опколија нивната територија. Нивната Троја е под опсада. Тие имаат многу малку вода и храна, малку муниција, времето работи против нив, нивните театри пукаат. Тогаш ја развивам сопствената стратегија - блиску до нивните театри, ама и во нив, ставам „наци-бонбончиња “ кои одгоре имаат чоколада, ама однатре се полни со отров. Тие се за вас стаорци- актери кои сте толку алчни за слава и подароци.
Стаорците-актери ги грабаат и јадат овие бонбончиња што им ги нудам и умираат. Некои умираат побрзо, некои побавно и во конвулзии, збогувајќи се со минатото. Некои, попаметни и помудри - тие се обично оние од администрација или менаџментот, ама и водечките актери - долго се кријат во дупките, што претходните стаорци-актери длабоко ги копале низ годините и вековите. Под и околу театрите тие копаат илјадници темни и
скришни ходници. Тие се опасни, бидејќи се длабоко во бункерите. Како да се намамат надвор? Како да се извлечат од нивните гнезда-дупки? Каде се скриени кралот и кралицата, нивните јајца и осилото?
Јас не се плашам од нив, бидејќи овој текст не е за нив! Во мојата имагинација Спартак испраќа отровен гас во нивните дупки, лавиринти и коридори. Секаде. Потоа настапува тишина. Тие се уништени. Потоа ќе дојде спасувачкиот тим кој од театрите ќе ги исфрли нивните смрдливи трупови, ќе ги стружи и исчисти ѕидовите, сцените и седиштата кои се заразени со нивната миризба и сенките.
Сè ќе биде исчистено и деактивирано, како што мора да се направи после радиоактивно зрачење. Театрите и академиите се запечатени. Им треба време за да се соземат...
Кога вратите ќе се отворат, кој ќе дојде? Кои идеи и мисли доаѓаат? Кои ќе бидат овие нови луѓе, нови актери и режисери? Што ги чека нив? Овие прашања се за тебе и ти самиот треба да одговориш на нив. Но оваа „голема лузна“, ова сеќавање на големата катастрофа во театарот ќе биде позната и запаметена за сите нас како „Големиот Терор“ во уметноста: сјајот од пожарот ќе остане...
Во театарот ќе се обликуваат нови текстови, ќе се бараат нови форми и адекватен уметнички јазик кој ќе се совпаѓа со твоето време.


Андриј Жолдак


  • Година:: 2014
  • Премиера:: 05.09.2014
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk