Предупредување
  • JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 983

Подемот и падот на кабарето


(„Зелениот папагал“ од Артур Шницлер, „Протестен собир“ и „Војна“ од Лудвик Тома и стихови од Ото Јулиус Бирнбаум, Рихард Демел, Марија Крисинска, Хајнрих Лаутенсак, Детлев фон Лилиенкрон, Валтер Меринг, Жан Ришпен, Данил Хармс и Ханс Хиан)



Превод и препев од англиски и чешки: ВЛАДИМИР и ЕМА МАРКОСКА -  МИЛЧИН
Режисер: ВЛАДИМИР МИЛЧИН


„Гледам пламења, кули од црвени пламења...!“
- Гијом, актер и паликуќа


Бев гимназијалец кога, по земјотресот 1963 година заминав во Прага. Таму ги открив „седумте мали форми“, театрите „Семафор“ и „Редута“. Кабарето живееше во ЧССР, тврдината на сталинизмот! Кога престојував во Братислава зимата 1976/77 г. и кога ми ја забранија претставата „Големата вода“, ги добив двете забранети книги со текстовите на Милан Ласица и Јулиус Сатински од кои подоцна се роди кабаратеската претстава „Сојтарии“, за која текстовите на сонговите ги напиша Аљоша Руси. Со еден од неговите сонгови започнува нашата претстава. Бев во Прага за пречекот на новата 2000 година и ја купив „Книга за кабарето“ издадена 1988 година. Оттогаш често ја препрочитував. Колку големи имиња од светот на литературата и уметноста учествувале во авантурата што се одвивала во визбите со опскурни имиња! Рембо и Верлен, Алфред Жари и Аполинер, сите дадаисти, надреалисти и футуристи, Ведекинд и Брехт, Карл Краус и Курт Тухолски, Пикасо, Кокто и Превер! Цела галаксија од која што во нашата престава е застапено само едно делче.


Во декември 2010 година во Берлин ја видов изложбата „Хитлер и Германците“ и таму ја купив книгата „Доаѓањето на Третиот рајх - како нацистите ја уништија демократијата и ја освоија власта во Германија“ од Ричард Џ. Еванс: „Таму каде што сонговите беа премногу политички, како во славните берлински кабареа, јуришните одреди СА удрија жестоко, ги принудија на масовен егзодус изведувачите Евреи и ги замолчаа или отстранија пејачите и актерите со комунистички, социјалдемократски, либерални или левичарски убедувања. Преостанатите изведувачи ги исчистија нивните настапи од сѐ што е политичко. А од своја страна, нацистите, сфаќајќи ја популарноста на кабарето и неопходноста да не им ги одземат на граѓаните сите задоволства, се обидоа да стимулираат ’позитивно кабаре’, во кое сите шеги беа на сметка на антинацистите. Така нацистите го кастрираа германското кабаре во 1933 година. За некои кабаретисти тоа беше премногу. Паул Николаус, политичкиот конферансие на прочуениот берлински клуб Кадеко - „Кабарето на актерите“ – пребега во Луцерн, Швајцарија, и таму изврши самоубиство на 30 март 1933 година. „Барем еднаш, без шега,“ напиша тој во претсмртната порака, „си го одземам животот. Зошто? Не можев да се вратам во Германија без шегата. Сега не можам да работам таму, сега не сакам да работам таму, а сепак не можам да престанам да си ја сакам Татковината. Не можам да живеам во вакви времиња“.


1016665_10151742973259636_1939299123_n


ВИЕНА: Артур Шницлер (1862-1931), виенчанец, австриски писател („Новела за сонот“) и драмски автор („Вртелешка“ и „Зелениот папагал“). Хитлер ги нарекол неговите дела „еврејско ѓубре“ и биле забранети од нацистите во Австрија и Германија. Кога Јозеф Гебелс на 10 март 1933 година нарачал јавно спалување книги, делата на Шницлер биле спалени заедно со делата на Кафка, Фројд, Хајнрих Ман и, покрај другите, на познатите кабаретисти Ерих Кестнер, Карл Краус и Курт Тухолски.


ПАРИЗ: Емил Гудо (1849-1906), основач и сопственик на кабарето „Црна мачка“ на Монмартр, отворено во декември 1881 година. Неговите „поздравни зборови“ се изговараат на почетокот на нашата претстава. Марија Крисинска (1860-1908), членка на дружината „Хидропати“, поетеса, авторка на стиховите за сонгот „Умира утката“. Жан Ришпен, автор на стиховите за сонгот „Балада за кралот на питачите“. Аристид Бриан (1821-1925), сопственик на кабарето „Свирче“, во нашата претстава присутен на славниот плакат од Тулуз Лотрек.


БЕРЛИН: Ото Јулиус Бирмбаум (1865-1910), писател кој се залагал за книжевно кабаре, автор на стиховите за сонгот „Ручек“. Рихард Демел, поет на „секојдневната Муза“, автор на стиховите за сонгот „Дрскиот простак“. Ернст фон Фолцоген, основач на „Шарениот театар“, отворен на 18 јануари 1901 година. Детлев фон Лилиенкрон, поет, автор на стиховите за сонгот „Иде музиката“. Ханс Хиан (1868-1944), поет, романсиер, кабаретист, автор на стиховите за сонгот „Џандарска песна“, настапувал во „Кабарето кај гладниот Пегаз“. „Џандарска песна“ е прв пат изведена 1903 година. Валтер Меринг (1896-1981), најважен автор и изведувач во „Дивиот театар“, автор на стиховите за сонгот „Дресура“. Валтер Меринг бил уапсен на швајцарско-германската граница во 1938 година, но успеал да им избега на есесовците и да пребега во САД.


МИНХЕН: Лудвиг Тома (1867-1921), новинар и поет, уредник на славното минхенско списание „Симплицисимус“ и настапувал во не помалку славното кабаре „Симплицимус“. Автор на скечот „Протестен собир“ и монологот „Војна“. Хајнрих Лаутенсак, поет, автор на стиховите за сонгот „Смртта пее“, настапувал во кабарето „Дванаесет џелати“. Карл Валентин (1882-1948), во нашата претстава е прикажан како седи на шанкот со хармониче во рацете, познат по тоа дека бил обожуван од Хитлер. Но, сепак, од 1937 година му биле забранети секакви јавни настапи. „Често слатко се смеев на вашите монолози,“ му рекол Хитлер на Карл Валентин кога наредил да му го доведат. А овој веднаш му одговорил: „А јас никогаш не успеав да се насмеам на вашите говори. А сега морам да си одам, со здравје, господине Хитлер!“ Валентин умрел на улица изгладнет, јадосан и лут на Бога и на светот. Денес во Минхен има негов музеј.


ЛЕНИНГРАД: Данил Хармс (1905-1942), писател, член на аванградната група „Оберјути“. Автор на стиховите за сонгот „Милион“. Два пати апсен и измачуван од Сталиновата полиција. Умрел од глад и туберкулоза во затворската психијатриска болница. Нашата претстава е посветена на сите познати и непознати носители на факелот на слободата и шегата низ десетиците „бизарни“ визби и катакомбите од Француската револуција до самракот на нацизмот и сталинизмот. Особено на оние кои за своите ѕвездени мигови биле казнети со забрани, прогонства, смрт во логорите распослани од Дахау до Камчатка.


Владимир Милчин


УЛОГИ






Оливер Митковски - Емил, Војвода од Кадињан
Александар Микиќ - Франсоа, Виконт Ноњеан
Арна Шијак - Албин, Витез Де Ла Тремуј
Гораст Цветковски - Маркизот од Лансак
Камка Тоциновски - Северина, негова сопруга
Борче Начев - Ролен, поет
Емил Рубен - Проспер, газда, порано театарски директор
Тони Михајловски - Анри
Никола Ацески - Балтазар
Јордан Симонов - Гијом
Благој Веселинов - Скевола
Ивица Димитријевиќ - Жил
Ана Стојановска - Етјен
Александар Ѓорѓиески  - Морис
Тина Трпкоска - Жоржета
Кристина Леловац - Мишета
Емилија Мицевска - Флипота
Софиа Насевска-Трифуновска - Леокадија, актерка, сопруга на Анри
Сашко Коцев - Грасе, филозоф
Нино Леви - Лебре, кројач
Славиша Кајевски - Грен, вагабонт
Трајче Ѓоргиев - Комесарот


1013050_10151742975404636_349835826_n


Сценограф: Крсте С. Џидров
Костимограф: Марија Папучевска
Композитор: Марјан Неќак


Продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен
Инспициент: Вукица Александрова
Светло - мајстор: Илија Тарчуговски
Тон - мајстор: Александар Петровски и Александар Арсиќ
Суфлер: Агна Николоска


Кабаре
Учените театарски книги, меѓу нив и сезнајните енциклопедии, кабарето го дефинираат како „посебен вид забавен театар“, чијашто „посебност“ е токму она што колоквијално се именува како „шарена програма“, составена од досетки, скечови, шансони, куплети, импровизации, актуелна тематика... „Бидејќи кабаре е често сместен во кафеани во кои има и мала сцена, тој тип театар се нарекува и кафе-театар...“


946209_10151742972949636_827994327_nПримарното значење на францускиот збор кабаре (cabaret) е - крчма. А крчма е, нели, некое неформално, ширум отворено, гласно, жизнерадосно и апсолутно демократско место, општожитие, место на дружба и брза/лесна забава.


„Cabaret е мал, забавен театар во кој се изведува лесна шарена програма составена од пеење, танцови нумери и хумористично- сатирични скечови. Тој се развил во Франција во 18 век. Познати кабареа: Le Chat noir и Lune rousse во Париз, некогашниот Überbrettl во Берлин, Elf Scharfricter во Минхен, Max und Moritz во Виена, Летучая Мышь во Москва, Кривое зеркало во Петроград...“


Сите бедекери што сакаат да ве поучат како Париз да го шетате „во сто чекори“ задолжително ќе ви ја раскажат гламурозната приказна за легендарниот Chat noir, упикан во една од уличките на Монмартр. Кабарето одамна го нема, останале само приказните и репродукциите на убавите сецесиски постери со црниот мачор, што можете да ги купите во некое модерно кафуле со исто име, ама лоцирано на сосема друга адреса...


Дека во секоја театарска историја оваа кабаретска фаза е некое среќно и мошне херојско време докажува и нашиот македонски пример. Нашиве неспорни кабаретски корифеи биле и останале Димче Трајковски (1898-1978), прв и најстар македонски професионален актер, ама и Петре Прличко (1907-1995), последниот скомрах од балканските џадиња. И двајцата играле по кафеани долго, со децении, пеејќи и танцувајќи за да заработат за скромна вечера и тенок поминок.


Во историјата на секој театар кабаретската фаза е фаза што, во коцкарската терминологија, се нарекува va banque. Таа подразбира апсолутна слобода ама го вклучува и апсолутниот ризик. Кабаретскиот изведувач ги разгалува и ги засмејува своите гледачи така што кажува сè што сака, ги „пердаши“ сите околу себе, го прави сето она што тие што го гледаат и му аплаудираат не би се осмелиле ниту на сон...


Кај се границите на храброста (и на лудоста) на секој заколнат кабаретски изведувач?


За да достаса до зрела фаза на институција од национален маштаб, Македонскиот театар морал да ја помине и својата неодминлива кабаретска фаза. Да научи како да стане креативен, да игра va banque.


Во прочуениот филм на Боб Фос - оној со Лајза Минели и цел куп оскари (Cabaret, 1972) - овој наук е естетизиран во некои антологиски, беспрекорни, високобуџетски сцени: да речеме, онаа кога преполна германска крчма еуфорично, со кренати раце, ја пее песната за иднината која им припаѓа само ним. Бидејќи во неа ќе нема ама ни трошка место за поинаквите, останатите, другите...



  • Година:: 2013
  • Премиера:: 29.06.2013
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk