Купи билет он-лајн
Сината птица

Автор: МОРИС МЕТЕРЛИНК
Режисер: ЗЛАТКО СЛАВЕНСКИ


 

Златко Славенски

СИНАТА ПТИЦА

SP_012Во градот Никеја, во 787 година, се одржал Седмиот велик икуменски собор. На него, многу-умните теолози како што биле св. Јован Дамаскин, патријархот Никифор и св. Теодор Студит, пред своите противници го бранеле (и одбраниле) својот исказ за смислата на иконата: дека не треба да се слават (занаетскиот) цртеж или пак боите и штичката на која се нанесени - туку треба да се слават вечната убавина, која во бои и цртеж на штичката е изобразена.
Иако можеби не секогаш сме свесни, но за нас – луѓето од творештвото, овој историски момент е еден од најважните, бидејќи токму тогаш е извојувана една од најголемите победи во име на уметноста, победа во име на идеите и на суштината на творештвото како такво.
Во филмот на А. Тарковски, „Соларис“, еден од космонаутите, повратници од вселената, е сослушуван од комисија научници за чудниот феномен што тој го искусил во орбитата на Земјата; им прикажува снимен материјал како доказ за вистинитоста на случката кога тој, западнат во чудниот соларен океан, здогледал фигура на човек, фрлен во пространиот бескрај. Меѓутоа на снимката сè што комисијата може да види се само некои облаци. Останатите не можат да го видат Човекот во бескрајот. Него може да го види само конкретниот космонаут. Таа таинствена фигура е вообличување на неговите сопствени мисли, идеи, копнежи. На неговата душа. Само секоја посебно може да ја види сопствената душевна слика и воедно да содејствува со неа, да комуницира лице в лице, дури и да се вљуби во неа.


Нашите секакви дејанија и дела, расфрлани во тесната рамка на нашите кратки животи, се скаменети споменици со коишто живееме секојдневно, комуницираме со нив, се препираме или другаруваме со нив. За луѓето од творештвото, делото е нешто со што се обидува да содејствува со бесконечното Време кое пред 12-ина милијарди години почнало да тече, кога во „Големиот Тресок“ настанало сè што е видливо и невидливо во новонастанатиот бескраен простор на вселената. Создавајќи монументи со кои пловиме по континуитетот на временскиот брзак, се обидуваме барем за еден момент да го замрзнеме неумоливото брзање на вселената, а притоа многу добро знаеме дека тоа ќе ни успее само ако го преживееме мраз-студеното сечило на судот на времето. Всушност, се работи за победа над смртта и за слава на животот.


Потрагата по сината птица е потрага по нас самите, потрага по нашата среќа - и тоа среќата дефинирана како суштински контакт со себеси, со сопствените копнежи, соништа и мисли (нештата од кои, всушност луѓето се направени). Единствената смисла е постојано да се трага и бара - само така може да се создаде светот на убавината (онаа иста убавина за која Достоевски смета дека ќе го спаси светот).


Прекрасен е многу цитираниот момент од романот „Дон Кихот“, кога истоимениот јунак ги напаѓа ветерниците, мислејќи дека се чудовишта. Таа сцена е метафора за состојбата во која се наоѓа оној кој создава. Во сите изминати времиња творецот, тој јавач на ветрот, е моќен запишувач на времето што го живееме, но воедно е ранлив и детинест „господар“ на ветерниците со кои сето време се бори.
На сите оние, кои не се во состојба да го поделат сонот - јавачите на ветрот и ветерниците, едноставно, ќе им простат.


На космонаутот Марко, во Скопје 18 мај 2014 г.


 




УЛОГИ

Дарја Ризова - Тилтил
Наталија Теодосиева - Митила
Сашка Димитровска - Мајката Тила/Мајчинската љубов
Славиша Кајевски - Таткото Тил/времето
Арна Шијак - Самовилата Берилин / Сосетката Берленго
Олгица Милевска -  Синиот глас
Сашко Коцев - Кучето Тило
Тина Трпкоска -  Мачката Тилета

Васил  Зафирчев - Светлината
Весна Петрушевска - Среќата
Звездана Ангеловска - Баба Тила
Борче Начев -  Дедо Тил
Катина Иванова - Ноќта
Неродените деца - Среќите: Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Никола Кузелов, Владанка Димовска, Ангела Димитрова, Бобан Кулески, Мирко Голомеов, Ирена Мирческа, Мартин Манев и Ангела Стојановска

Сценографи: Златко Славенски и Илина Ангеловска

Костимограф: Никола Ефтимов

Видео анимации, 3D мапинг, звучни ефектии и изработка на 7.1 сараунд: Милчо Узунов

Избор на музика: Златко Славенски
Кореограф на V I VIII сцена: Кренаре Невзати – Кери
Изработка на сценографија: Тодор Даевски
Дизајн на плакат: Срѓан Јаниќијевиќ
Извршни продуценти: Виктор Рубен и Симона Угриновска
Инспициент: Никола Кимовски
Дизајн на тон: Ненад Трпеновски
Дизајн на светло: Илија Тарчуговски
Манипуланти на горен и долен погон: Васко Бојаџиски, Костадин Велков и Трајче Тасевски
Суфлер: Зорица Благоевска

SP_015


Симболистичката драматика на Метерлинк - која, многупати, се дефинира и како поетска - радикално е „поинаква“, формативно и структурално, од сето она што го детерминира класичниот драмски жанр а вообичаено се дефинира како напнатост, дејствие, конфликт... Ликовите во неговите пиеси не се лица/ликови што агираат (dramatis personae), туку симболи кои „придонесуваат“ кон создавање атмосфера, потенцирана со изобилство музика, сценски ефекти, нестварен/нереалистичен декор и општото меланхолично и сентиментално расположение што создава чувство на таинственост која ја „зголемуваат“ најчесто нејасните алузии на „скриените значења“ и постојното исчекување на некој неизбежен фатумски пресврт.


Кој, главно, не се случува. Драматиката на Метерлинк упорно им се измолкнува на какви било „објаснaувања“ и „коментари“, особено оние „рационалните“. Таа е, просто, конструирана за да создава впечатоци, што е можно посилни. И да го поттикнува доживувањето, што е можно поинтензивно. И помистично.
Да делува како музика. Сосема неслучајно, повеќе негови драми станале предлошка за речиси идеални музички партитури на редица големи композитори на ХХ век: Дебиси, Шенберг, Сибелиус... Освен по езотеричните драми, Метерлинк на времето бил прилично популарен и заради онаа своја филозофска есеистика, мистична и многупати окултна, во која тој пишува за животот на мравките или на пчелите, за интелигенцијата на цвеќето...
„Скриените значења“ се подразбираат.


Јелена Лужина


 


 






ДАЛИ ИМАШ ПТИЦА ВО СЕБЕ?


Јас да се прашувам, овој текст ќе заврши уште со самиот наслов, најмалку заради три причини. Прво, без креативност не може да се направи ниту една обична Васина торта, а камоли да се биде среќен жител на оваа чудесна планета Земја. И останатите две причини се исти, но ние и нив ги преспиваме. Будни се само тие што сакаат. Тие живеат сега и овде, исто како и театарот. Останатите живеат во цинизам и нивното мото е: „Ништо не е толку здодевно колку среќата на другите“. Претседателот на ова жално здружение, еднаш на родителска средба изјавил: „Дајте ми добро дете, па ќе видите колку сум јас добар татко!“ Најголемото предавство е кога ќе се изневериме самите себе, а тоа редовно се случува кога ќе го заборавиме нашето детство.


Добар татко е само тој што учи од сопствените деца и памети барем неколку бајки и боенки, башка пресувани лисја во споменар, денес познат под терминот „таблет“. Истото важи и за добрите писатели, а ние во случајов имаме нобеловец кој патем е и основач на симболичката драма, колку да не сме само со едно гајле. Пиесата „Сината птица“ секогаш е одлична за читање, но уште „поодлична“ е да се пропадне заедно со нејзината сценска реализација!


SP_014Нашата храбра екипа го прифати големиот предизвик и влезе во големата театарска авантура, во која чесно се изнамачил дури и легендарниот Станиславски. Денес луѓето почесто одат на погреби отколку во театар, затоа што сакаат да видат што ќе се случи на крајот, а тоа „модерниот театар“ не им го нуди. „Сината птица“ и нашата претстава го прават најважниот чекор кон слободата и фантазијата. Излегуваат од сопствената рутина и комфор и на волшебен начин ги отвораат најважните теми: среќа, великодушност, благодарност, пријателство, љубов, верност...


Дали луѓето можат да бидат подобри? Можат, ама никој не сака прв да почне. Нашата премиера е токму тој почеток, без лажна скромност. Нашите естетски и етички принципи се кристално јасни. Нашето малку, може да биде многу за тие што немаат ништо. Пред да почнете да ја барате среќата, проверете, можеби веќе сте среќни! Среќата е мала, обична и неупадлива, и многумина не умеат да ја видат иако им е пред носот. Среќата е во патувањето а не во целта, таа се состои во трагањето а не во пронаоѓањето. Таа се состои во несебичноста, не очекувајќи ништо за возврат. Детството е нашиот вистински живот. Сè останато е само сон, понекогаш лош-понекогаш добар, но нема да ситничариме. Затоа чувајте го детето во себе, така ќе бидете среќни и за себе и за другите. А ако сте среќни, тогаш не мора ништо друго да работите!


И на крајот, што e „Сината птица?“ Тоа е најславниот прекар на сите времиња и се однесува на нашата планета Земја!


Братислав Димитров


  • Година:: 2014
  • Премиера:: 18.05.2014
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304 и +389.2.3216.366

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725 и +389.2.3216.366

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

 

Какви известувања сакате да добивате?