За авторотАнтон Павлович Чехов (1860-1904) денес се смета за еден од најголемите руски, но и светски драматичари. Во книжевноста се појавува како автор на хуморески, а потоа почнува да пишува и кратки раскази и новели. Авторски препознатлив по својот тажен хумор којшто постепено се претвора во резигнација и очај, наметнува една сосема нова, и само за него препознатлива естетика и во драмите кои ги пишува. Сосема нетипични за времето, неговите драми на почетокот не доживуваат успех. Напротив, „Галеб“ (1896), која била изведена во театарот „Александрински“ во Санкт Петербург, по повод 25-годишната кариера на ултрапопуларната актерка Елизавета Левкејева, преживеал страшен, трауматичен и голем неуспех. Безмилосрдната публика, која дошла да ја гледа омилената актерка во уште една комедија, бурно го изразила своето незадоволство. Наспроти очекувањата, публиката добила неповрзана драма, безоблична и лишена од секакво театарско јадро и сила. Погоден до коска од својот неуспех, Чехов ја напуштил салата заборавајќи на шеширот и на капутот, а така збудален од болка со часови лутал по замрзнатиот брег на Нева. По овој неуспех, во писма до својот брат напишал: „Никогаш веќе нема да пишувам драми ниту, пак, ќе се трудам да бидат изведени, дури и ако живеам седумстотини години!“ Но, неговото судбинско поврзување со Станиславски ја спасило неговата театарска кариера. Неговите пиеси „Иванов“ (1887), „Вујко Вања“ (1889), „Три сестри“ (1901), „Вишновата градина“ (1904) денес се сметаат за бисери на руската литература и за непроценливо богатство на светската книжевност. АКТЕРСКА ЕКИПА КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА ДРАМАТУРШКА БЕЛЕШКА АКТЕРСКА ЕКИПАУлоги: Ирина Николаевна Аркадина - Звездана Ангеловска Борис Алексеевич Тригорин - Никола РистановскиПетар Николаевич Сорин - Петре Арсовски Илија Афанасиевич Шамраев - Емил РубенЈевгениј Алексеевич Дорн – Благој ВеселиновНина Михајловна Заречна - Дарја РизоваКонстантин Гаврилович Трепљев – Дамјан ЦветановскиПолина Андреевна - Сашка ДимитровскаМарија Илинична – Тина ТрпкоскаСемјон Семјонович Медведенко – Славиша КајевскиЈаков – Аксел Мехмед КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПАДраматург: Драгана Лукан - НиколоскиСценограф: Вишња ВујовиќКостимограф: Ивана Каранфиловска – УгуровскаДизајнер на светло: Крис ЈегерКомпозитор на главната музичка тема: Влатко СтефановскиКореограф: Димитрис СотириуДизајнер на плакатот: Димитар ДимитровГрафички дизајнер на програмката: Димитар ДимитровВидео и фотографија: Петар КочишкиФотограф: Дејан ДимескиИнспициент: Никола КимовскиСуфлер: Тања ИвановскаЛектор на програмката: Тодорка БаловаСветло-мајстор: Игор ЃеоргиевСветло-оператор: Игор Митревски и Дарко МладеновскиТон-мајстор и дизајнер на звучни ефекти: Александар Арсиќ Тон-мајстор: Александар ПетровскиВидео оператор: Филип ПетровскиМанипулант на горен и долен погон - Горан ДимовРеквизитери: Соња Крстевска и Снежана ГрнчаревскаГардеробери: Валентина Чонкова и Скендер БеришаШминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника ГрковскаДекоратери: Васил Мешковски, Дејан Стамчевски, Павле Кралевски, Мартин Китановски и Хусеин Халил ДРАМАТУРШКА БЕЛЕШКА Според некои непишани правила, ова требаше да биде еден теориски текст кој ќе одговори на прашањето: „Зошто Чехов и зошто денес?“, но како што секогаш се случува во неговите драми, во еден момент се променија околностите.Духовите на театарот се разбудија. Сосема непланирано и случајно, заради сплет на околности, претпремиерата на овој „Галеб“ ќе се случи на истиот ден кога пред 120 години, во Московскиот уметнички театар се случила премиерата на оној „Галеб“, оној на Станиславски.Духовите на театарот се разбудија. Понеделник, вечерна проба. Одеднаш воздухот на сцената се разбранува. Пристигна веста за заминувањето на Горан Стефановски и во немоста која нѐ надвладеа, низ молк се постави прашањето: „Зошто Горан и зошто денес?“. Тој влезе во оваа наша претстава без никаков план и ќе остане засекогаш присутен во секој нејзин збор и во секоја нејзина тишина. Сплет на околности... „Животот уште еднаш го победи театарот“, би рекол некој.„Галеб“ е драма којашто теоретичарите ја сметаат за прирачник кој Чехов ни го оставил за да ни каже каков театар треба да правиме. Големите писатели се ослободени од егоистичната потреба за менување на светот, тие само имаат неиздржлива потреба да ги запишат сопствените опсервации за истиот. Животот е она на коешто сакаат да нè поучат. Затоа и Чехов и Горан се секогаш и секаде, затоа што и овој свет е создаден од зборови, а зборовите од кои одекнува живот остануваат да треперат во вечноста. Само театарот во кој е вткаен и трепери животот на крајот ќе го победи животот, онаков чист, искрен, игрив, чеховски. А тој театар не се прави, тој само суптилно отвора еден прозорец и ни дозволува да влеземе тајно како крадци, да се вгнездиме како во мајчината утроба и да станеме едно со душата на целиот свет.Сепак, на крајот ќе одговорам на прашањето на кое овој текст требаше да има интенција да одговори: „Затоа што Чехов е секогаш“. Тоа прашање ќе престанеме да го поставуваме во моментот кога конечно ќе сфатиме дека драмите на Чехов се живот, чист, суров, концентриран живот кој се случува секогаш и секаде, на сите јазици и во секоја сегашност. Драгана Лукан Николоски 4.12.2018 г. Скопје