Грчкиот кореограф Димитрис Сотириу за првпат работи на претстава во МНТ


На сцената на Македонскиот народен театар во Скопје на поставувањето на новата претстава „Галеб“, по текст на Антон Павлович Чехов и во режија на Нина Николиќ, работи и грчкиот кореограф Димитрис Сотириу (1968, Солун).
Димитрис Сотириу студирал правни науки на Универзитетот „Аристотел“ во Солун (1986 ― 1990), а потоа се запишал на Државната школа за танц во Атина (1990 ― 1993). Во 1993 г. оди во Њујорк, каде што ги продолжил студиите за истражување на движењето (техника на ослободување). Од 1995 до 2002 г. работел со познатата грчка кореографка Зузу Николуди и нејзината танцувачка компанија „Хорика“.
Тој е основач на танцувачката компанија „Синекванон“, која повеќе од дваесет години ја претставува Грција на поголемите и на помалите фестивали во светот. Го режирал гала-настанот за гимнастика во Атина, на ЛОИ (2004), а „Синекванон“ ја презел целокупната уметничка супервизија врз настанот. Повеќе од десет години работи на полето на хорот во грчките трагедии, во соработка со Националните театри на Грција, Бугарија („Иван Вазов“), Србија и Државниот театар на Северна Грција.
Негов голем интерес е суфи-културата, тренирање на карактерот и на телото, онаму каде што се среќаваат источните и западните техники (како на пр. техниката на ослободување, медитацијата и играњето со брзо вртење во круг).


Како се појави можноста да работите на кореографијата во претставата „Галеб“ на режисерката Нина Николиќ во Македонскиот народен театар во Скопје?


Со Нина Николиќ се запознавме пред десетина години, кога таа сѐ уште беше студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, но првпат работиме заедно. Нејзиниот професор, Слободан Унковски, некаде во 2008/09 година ме покани да одржам предавање на ФДУ, на кое како студент присуствуваше и Нина. Досега работев на неколку проекти со режисерот Слободан Унковски во Грција и во Србија, но сега првпат работам на претстава во Македонија, а тоа е „Галеб“ во режија на Нина Николиќ.


Кој концепт го користите во работата на кореографијата во „Галеб“?


Во моите кореографии секогаш се присутни основните принципи на физичкото движење, независно дали станува збор за класично или современо поставување на драмскиот текст. Значи на прво место се физичките принципи, а потоа се обидувам да ја прилагодам кореографијата на барањата на режисерот. Барањата на Нина се движењата на ликовите да бидат природни и спонтани, да не изгледаат како да сакаат да бидат нешто што не се. Значи кореографијата е чиста и јасна, а работата се сведува на градењето на композицијата на сцената. Крајната цел е преку споредување на композициите, од првата до последната, на публиката да ѝ овозможиме полесно да ја разбере еволуцијата на сцените и ликовите во претставата.


Со намера да дознаеме нешто повеќе за начинот на кој ги подготвувате кореографиите, според кој концепт работите во вашата танцувачка компанија „Синекванон“?


Станува збор за апстрактен танц базиран на техниката на ослободување, која, пак, се потпира на познавањето на анатомијата на човековото тело. Не секогаш е битно да биде изразен одреден стил, но секогаш е важно разбирањето на физичките закони за движењето на телото. Потоа се бара начин како да се воспостави дијалог со музиката.


Во вашите кореографии користите и суфи-техника, со што истовремено правите спојување на источните и западните техники. На кој начин се одвива тој процес?


Источните и западните техники ги користам на моите предавања со намера да се разбере анатомијата на движењето. Во западните школи повеќе се учи техниката на движење, а недостига мистичната спиритуалност на источните техники. Затоа сакам да го постигнам единството што го носи суфизмот, дека сѐ може да се најде во едно, односно во потрагата на разбирање на сѐ што постои се враќаме на разбирањето на само едно нешто. Тоа обично се нарекува баланс, рамнотежа, суспензија, односно кога сите сили се насочуваат кон нула, се фокусираат кон центарот, или срцевината, на нештата. Некогаш силите се распрскани на сите страни, но природната тежа ги влече кон внатрешна рамнотежа, на повеќе нивоа.
Тоа често се случува и на политичко или на социјално ниво, кога се бара начин да се постигне рамнотежа со разбирање, пред сѐ, на физичките принципи, а потоа и на состојбата на човековиот ум, која често е комплицирана, бидејќи содржи емоции и страсти. Кога човек ќе се најде во тешка ситуација секогаш сака да ја разбере срцевината на проблемот и да го реши со помош на сопственото искуство.

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk