Купи билет он-лајн
Македонскиот народен театар ја стартува новата сезона со гостувања на фестивали во повеќе земји

Македонскиот народен театар со претставата „Електра“, во режија на Андриј Жолдак, на 4 септември го затвора Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт. Претставата „Електра“ беше избрана за најдобро уметничко остварување во целина на 50-тото издание на националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Електра

Претставата тогаш ја понесе наградата за најдобра режија, актерката Дарја Ризова доби награда за најдобра женска улога, актерката Звездана Ангеловска доби награда за епизодна улога, а наградата за млад актер му припадна на Александар Ѓорѓиески. Националниот театар од Букурешт, Р. Романија, го организира Меѓународниот театарски фестивал НЕТА под мотото „Театарот – херој на нашето време“ и истиот се одржува од 28 август до 4 септември 2015. Годинава учествуваа театри од 10 земји (Русија, Италија, Грузија, Романија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Бугарија, Словенија и Албанија) со 11 претстави потпишани од страна на познати режисерски имиња: Андриј Жолдак, Иван Допчев, Дејвид Дојашвили, Спиро Дуни и други.

Теми поврзани со националноста, емиграција, потрага по идентитет и врската помеѓу театарот и реалноста играа улога во донесувањето одлука за тоа кои претстави ќе земат учество на фестивалот. На 15 септември, Македонскиот народен театар со претставата „Електра“ ќе земе учество и на Театарскиот фестивал ФИАТ во Подгорица, Р. Црна Гора. На истиот фестивал, на 14 септември, ќе учествува и претставата „Столови“ од Ежен Јонеско, во режија на Дамјан Читкушев. Македонската публика ќе има можност да ја види претставата „Електра“ на 19 септември, во рамките на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“. Во рамките на јубилејното 40-то издание на Меѓународниот театарски фестивал  МОТ, кој оваа година ќе се одржи во периодот од 23 до 28 септември, претставата „Електра“ ќе се одигра на сцената на МНТ на 28 септември. Во месец октомври претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во режија на Синиша Евтимов, ќе гостува во Националниот драмски театар во Баку, Азербејџан, кој постои веќе 140 години, известија од НУ Македонски народен театар.

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304 и +389.2.3216.366

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725 и +389.2.3216.366

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

 

Какви известувања сакате да добивате?