Купи билет он-лајн
Прес-конференција 17 ноември во 10 часот – Премиера „Мајсторот и Маргарита“

Во просториите на „Македонскиот народен театар“, завчера се одржа прес-конференцијата со која се најави новата претстава „Мајсторот и Маргарита“, во режија на одличниот Иван Поповски.

-Ова е убава и голема работа за нашата куќа. Едно од најголемите дела во литературата конечно и на сцената на МНТ. Морам да го изразам задоволството за доаѓањето на нашиот Иван Поповски, а се знае што е тој во европскиот и рускиот театар. Голема актерска екипа е дел од оваа претстава, за која веруваме дека ќе одбележи една нова фаза во нашиот театар – изјави на самиот почеток директорот на МНТ, Дејан Пројковски.

Режисерот Иван Поповски потенцираше дека му е драго што конечно после долги преговори, Дејан Пројковски и Дејан Лилиќ биле мошне упорни во намерата да го донесат овде.

-Долги години не сум бил тука, професионално и многу ми е драго. Што и да кажам за претставата или ќе откријам делови, а не би сакал, или ќе дадам преголеми очекувања, а и тоа не е добро. Затоа, сакам да кажам дека Охрид треба да го зачуваме – рече Попвски.

Прес

Сепак, кога се работи за поставувањето на ова книжевно дело на сцена, тој потенцира на тоа дека не може да се издвои само една тема.

-Било која од темите што го зафаќаат романот, да ги одделиш, ќе биде осиромашување. Невозможно е да се издвојат одделно. Она што ќе го прикажеме на сцената ќе биде наше толкување, што повторно може да се толкува како осиромашување и ние ќе се обидеме да не го упропастиме Булгаков. Сепак, постојат неколку најважни а тоа се вистина, слобода, љубов и страв. Во претставата има и технички елементи, но акцентот сакам сепак да биде на актерите. Тие се најважни. Актерите се тие што ќе го зачуваат театарот. Денес, во време кога луѓето сè помалку разговараат, се допираат, кога децата сè помалку играат пред зграда, кога живееме во виртуелен свет, театарот ќе остане место каде што ќе може да се види како било. Ќе остане живиот контакт – посочува режисерот.

На прес-конференцијата присуствуваше и дел од актерската екипа – Дејан Лилиќ кој ќе се најде во улога на Мајсторот, Драгана Костадиновска, која ќе ја толкува улогата на Маргарита, потоа Сашко Коцев (Иван Николаевич-Бездомни), Оливер Митковски (Каровјев), Петар Мирчевски (Мачорот Ханс Бехемот), Стефан Вујисиќ (Јешуа  Ха- Ноцри) како и  сценографот Валентин Светозарев и Ангелчо Илиевски, кој е асистент на режија.

На крајот, Пројковски уште еднаш потсети на важноста на оваа претстава, која има свој јазик и идентитет, која е по многу работи специфична и ги носи вредностите на живиот театар.

И покрај тоа што не сакаа да наметнат големи очекувања, безвременското книжевно дело, режисерот и актерската екипа се сосема доволни за љубителите на театарската уметност со нетрпение да ја очекуваат премиерата закажана за 1-ви односно 2-ри декември. Претпремиерата е на 30-ти ноември.

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА: +389.2.3230.304
АДМИНИСТРАЦИЈА: +389.2.3216.725 и +389.2.3216.366

АДРЕСА: ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

Какви известувања сакате да добивате?