Купи билет он-лајн
Во тек се подготовките на претставата Галеб

Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките на претставата „Галеб“ по текст на Антон Павлович Чехов во режија на Нина Николиќ. Претставата е дел од годишната програма на националната установа Македонски народен театар за 2018 година. 


Московската премиера на текстот „Галеб“ се случила пред точно 120 години и тоа е голем предизвик одново да се открие дека текстот и во денешни услови е актуелен и отвора теми што го допираат современиот човек, бидејќи станува збор за љубовна приказна. Во историјата на Македонскиот народен театар текстот „Галеб“ е поставен двапати, во режија на Димитар Ќостаров во 1960 година и на Бранко Ставрев во 1990 година. Новата претстава во режија на Нина Николиќ ќе биде трето поставување на овој класичен текст на сцената на МНТ. 
„Текстот содржи ситуации кои и денес ги живееме, како Чехов пред 120 години да го пишувал за 21. век. Пристапот што го имам во поставувањето на претставата е поинаков само во однос на брзината со која се одвиваат ситуациите“, открива режисерката Нина Николиќ. 


Во подготовката на претставата се вклучени актер(к)ите: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски (к.г.), Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Благој Веселинов и Аксел Мехмет (к.г. од Турскиот театар). 
Во сценското и визуелно обликување на претставата свој удел ќе имаат архитектката Вишња Вујовиќ од Белград (Србија), која работи на сценографијата, Ивана Каранфиловска-Угуровска ја подготвува костимографијата, дизајнот на светлото ќе биде на Крис Јегер, како гостин од Велика Британија, додека кореограф е Димитрис Сотириу. 
Додека траат подготовките на претставата, дизајнерот на светло Крис Јегер, од 26 до 30 ноември, во МНТ ќе ги открие своите мајстории на работилницата со наслов „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“, а повикот за учество на работилницата е отворен до 10 ноември. Повеќе информации може да се најдат на следниот линк: https://mnt.mk/mk/novosti/otvoren-povik-za-prijavuvanje-na-rabotilnicata-voved-vo-dizajnot-na-svetloto-i-kreativnata-komunikacija-so-kris-jeger 
Планирано е премиерата на претставата „Галеб“ да се одржи кон средината на декември оваа година. 



Срдечно, 
Македонски народен театар

    
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА: +389.2.3230.304
АДМИНИСТРАЦИЈА: +389.2.3216.725
МАРКЕТИНГ: +389.2.3216.366

АДРЕСА: ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

Какви известувања сакате да добивате?