Купи билет он-лајн
Еден месец на село
Оценете ја претставата

Еден месец на село

  • Автор: Иван Сергеевич Тургењев
  • Режисер:

    Паоло Маџели

  • Информации: Драматург: Жељка Удовичиќ 
    Превод: Катерина Коцевска
    Асистент на режисерот: Дамјан Костовски
    Сценограф: Лоренцо Банчи
    Костимограф: Мануела Паладин
    Композитор: Љупчо Константинов
  • Премиерна изведба: Сабота, 29 Септември 2018
  • Времетраење: 140
  • Пауза: Да
  • Сцена: Голема
  • Следни изведби:
    29 Сеп 2018 од 20:00 часот

Иван Сергеевич Тургењев е руски писател, поет и драматичар, роден пред точно двестe години – во 1818 г. Во историјата на литературата останува препознатлив по реалистичните портрети на руските села, но и по студиите на руската интелигенција со кои настојувал да ја поттикне сопствената земја на чекор кон новото време. По, најблаго речено, неповолните реакции на едно од неговите капитални дела, романот „Татковци и деца“, Тургењев ја напуштa Русија и оди во Франција, каде што во 1883 г. умира. Денес се смета за класика на светската литература.

„Еден месец на село“ е едно од најдобрите дела во неговиот литературен опус. Таа е една од првите реалистични драми што историјата на литература ги класифицира во рубриката „модерен реализам“ пред сè поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси.

Како што и самиот автор ја поднасловува ―„комедија“ во три чина, драмата е напишана во 1850 г., објавена во 1855 г., и првпат професионално е изведена во 1872 г. Раскажува типична „селска приказна“, во која Наталија, сопруга на богат човек, и младата Верочка се вљубуваат во истото момче, студент, учител на синот на Наталија. Така скроената ситуација Тургењев „ја полни“ со разни љубови, односно љубовни обиди. За некои ликови таа љубов е извор на надеж за подобра иднина, за некого е занес во кој привремено се губи себеси, некој пак љуби од навика, некој се согласува со целата илузија, а некој благодарение на љубовта повторно се чувствува жив.

На сцената проаѓаат луѓе кои се обидуваат да размислуваат, да мечтаат и да живеат. Се обидуваат да се борат и да се надеваат. Тие се истовремено и тажни и смешни, бидејќи условите во кои се среќаваат и во кои пропаѓаат нивните различно аспектирани љубовни (не)прилики се тесни и досадни.

Ни поставуваат прашања, но и самите на нив ниту можат ниту знаат да одговорат. Прашањата за смислата на љубовта, за сето она што важно ја одредува нивната егзистенција, но по претпоставка и егзистенцијата на оние кои ги гледаат од замрачено гледалиште. Истовремено тажни и смешни, тие ликови се обликувани слоевито и современо, а драмските ситуации, карактерите и чудниот хумор ширум ја отвораат вратата на чеховската атмосфера.

Смеењето како естетско доживување се претвора во интелектуално наметнување на духот, цинично потчинување и потсмевање на љубовта, нежноста, уметноста и религијата. Тие секогаш со себе ги носат актуелните егзистенцијални прашања за смислата на постоењето, оптоварени со обидот за формулирање на границата на слободата и потребата од етичките и естетските вредности.

„Сите чувства можат да нè доведат до љубов и страст, сите: омразата, сочувствувањето, посветеноста, пријателството, стравот. Да, сите освен едно - препознавањето. Препознавањето е долг, а секој човек ги плаќа сопствените долгови. Но, љубовта, љубовта не се плаќа.“, вели Тургењев.

Страшниот копнеж по љубов ја прави нивната реалност неподнослива, прикажувајќи ја својата бесмисленост. Тој привид на животот на кој се осудени ги покажува само изневерените очекувања, покажува дека не може да се очекува олеснување. Нема излез.

Крајот упатува на општ хаос, заминување без враќање, безнадежни жртвувања, губење поддршка, очај и каење. Напукнатата приказна веќе не успева да се поврзе, а ликовите немаат цврста поткрепа.

Сликата на светот се распаѓа во неповрат, а во нејзините парчиња ги препознаваме и сопствените неуспеси и промашувања.

„Еден месец на село“ се случува во овој век или следниот или кога сакате. Бидејќи ваквиот театар многу ретко застанува во времето, тој се обидува да му отстапи простор на духот.


Жељка Удовичиќ, драматург

 

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА: +389.2.3230.304
АДМИНИСТРАЦИЈА: +389.2.3216.725
МАРКЕТИНГ: +389.2.3216.366

АДРЕСА: ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

Какви известувања сакате да добивате?