АКТЕРСКА ЕКИПА
Макбет – Сашко Коцев
Леди Макбет – Драгана Лошкова
Кралот Данкан – Сенко Велинов
Малколм – Дениз Абдула
Банко – Стефан Вујисиќ
Макдаф – Благој Веселинов
Вештерка 1 – Наталија Теодосиева
Вештерка 2 – Ана Стојановска
Вештерка 3 – Ивана Павлаковиќ
Рос – Борче Начев
Ленокс – Славиша Кајевски/Никола Настоски
Ментет, Гардистот – Исмет Шабановиќ
Кетнес – Дарко Ристовски
Убиец 1 – Томислав Давидовски
Убиец 2 – Ненад Анѓелковиќ
Сиворд – Виктор Бужаров/Никола Наковски
Флинс, син на Банко – Филип Ивковски
Момче, син на Макдаф – Адриен Боирал
КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Извршен продуцент: Симона Угриновска
Сценограф: Костантин Трпеноски
Асистент на сценографот: Моника Ангелевска
Костимограф: Роза Трајческа - Ристовска
Асистент на костимографот: Дафинка Балабанова - Алексова
Композитор: Огнен Анастасовски
Инспициент: Александар Рајковски
Суфлер: Зорица Благоевска
Дизајн на светло: Дарко Младеновски
Светло – оператори: Радивоје Ресник и Игор Митревски
Тон – мајстор: Ненад Трпеноски
Тон – оператор: Стефан Михајловски
Видео едитор: Ристо Душковски
Видео – оператор: Филип Петровски
Автор на фотографии и видео: Кире Галевски
Дизајнер на плакат: Борче Димитриjоски
Уредници на каталог: Мила Анѓелковиќ и Тони Димков
Манипуланти на горен и долен погон: Трајче Тасевски и Горан Димов
Реквизитери: Боби Гелиќ и Соња Крстевска
Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша и Весна Ковачевска
Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Саво Ивановски, Мартин Китановски, Дејан Стамчевски, Васил Мешковски, Павле Кралевски, Чедомир Димовски и Хусеин Халил
БЕЛЕШКА ОД РЕЖИСЕРОТ
„Макбет“ за мене отсекогаш била драма која поставува илјадници прашања и ме тера да се замислам до каде сме стигнати како цивилизација, како општество и како единки. За тоа до кој степен е развиена човечката алчност и желбата за власт и како тие се вековно неменлива категорија. Отсекогаш сум ја доживувала и како драма на состојби и атмосфери. Уште од студентските денови се сеќавам дека ја издвојував како најзначајна од сите Шекспирови трагедии. Веројатно во тоа време ова се должеше на големата доза на мистика и психологија што ги содржи, како и на магичното присуство на натприродните сили.Денес, погледнато од овој ракурс во ова кошмарно време во кое живееме и во кое злото го цица секое здраво-разумско поимање на стварноста, ми се виде прикладно преку Макбет да зборувам за низата општествени проблеми и гнилата состојба на духот која ја чувствуваме сите поединечно, но и колективно. Акцентот во претставата е ставен на двајцата главни карактери, култни за светската драматургија, чиј однос е веројатно најанализираниот однос во литературата од страна на разни теоретичари и психоаналитичари, а кои се обземени од болната амбиција за власт. Преку овие ликови се отвора прашањето за тоа колку човечката природа е брутална и деструктивна. Макбет и Леди Макбет се претвораат во бескрупулозни тирани, кои поради преголемата желба за престолот убиваат сѐ околу себе. Таа состојба на духот е толку деструктивна што ги зафаќа сите наоколу, додека последиците од нивните убиства ги вклештуваат во ланец судбините на безброј луѓе.
Во делото, како и во претставата, се отсликува една лепеза на карактери преку кои, исто така, се отвораат низа политички прашања апсолутно актуелни за денешницата. Целата оваа атмосфера ја препознавам денес како еквивалент на една мачна состојба на модерното живеење условена од трката за брз напредок кај поединецот. Преведено во денешен контекст човековата амбиција за престолот е еднаква на денешниот либерал-капитализам, каде личниот интерес е над сѐ останато, а газењето преку лешови за да се стигне до врвот е типична одлика на современото битисување. Во драмата, сепак, потсвеста и грижата на совест ги водат двајцата ликови во лудило и смрт. Во современото општество ништо не е поразлично. Последиците понекогаш се манифестираат со автоимуни болести, панични напади, а често и со смрт.
Од друга страна, оваа претстава колку што е психолошка толку е и политичка. Таа зборува за политичкото зло. За оние зли сили кои ни ја всадуваат „злата“ идеја која понатаму ни ја разјадува потсвеста и ни ја поматува свеста. Политичката амбиција отсекогаш била толку силна што го ништела интегритетот кај поединецот. А болната амбиција понекогаш ги пречекорува границите и оди во нејзината крајност - убиство. А, пак, убиствата од страв се најужасни и најсвирепи. Тие се во духот на фашизмот. Светот на претставата отсликува едно кошмарно време, каде амбицијата за моќ и власт го имаат завземено приматот над сѐ останато. И злото со неговата моќ го ништи здравиот разум. А сето ова носи во лудило, во беснеење на власта, во бесмисла на постоењето...
Нела Витошевиќ, режисер