Подемот и падот на кабарето

Бев гимназијалец кога, по земјотресот 1963 година заминав во Прага. Таму ги открив „седумте мали форми“, театрите „Семафор“ и „Редута“. Кабарето живееше во ЧССР, тврдината на сталинизмот! Кога престојував во Братислава зимата 1976/77 г. и кога ми ја забранија претставата „Големата вода“, ги добив двете забранети книги со текстовите на Милан Ласица и Јулиус Сатински од кои подоцна се роди кабаратеската претстава „Сојтарии“, за која текстовите на сонговите ги напиша Аљоша Руси. Со еден од неговите сонгови започнува нашата претстава. Бев во Прага за пречекот на новата 2000 година и ја купив „Книга за кабарето“ издадена 1988 година. Оттогаш често ја препрочитував. Колку големи имиња од светот на литературата и уметноста учествувале во авантурата што се одвивала во визбите со опскурни имиња! Рембо и Верлен, Алфред Жари и Аполинер, сите дадаисти, надреалисти и футуристи, Ведекинд и Брехт, Карл Краус и Курт Тухолски, Пикасо, Кокто и Превер! Цела галаксија од која што во нашата престава е застапено само едно делче.

Во декември 2010 година во Берлин ја видов изложбата „Хитлер и Германците“ и таму ја купив книгата „Доаѓањето на Третиот рајх – како нацистите ја уништија демократијата и ја освоија власта во Германија“ од Ричард Џ. Еванс: „Таму каде што сонговите беа премногу политички, како во славните берлински кабареа, јуришните одреди СА удрија жестоко, ги принудија на масовен егзодус изведувачите Евреи и ги замолчаа или отстранија пејачите и актерите со комунистички, социјалдемократски, либерални или левичарски убедувања. Преостанатите изведувачи ги исчистија нивните настапи од сѐ што е политичко. А од своја страна, нацистите, сфаќајќи ја популарноста на кабарето и неопходноста да не им ги одземат на граѓаните сите задоволства, се обидоа да стимулираат ’позитивно кабаре’, во кое сите шеги беа на сметка на антинацистите. Така нацистите го кастрираа германското кабаре во 1933 година. За некои кабаретисти тоа беше премногу. Паул Николаус, политичкиот конферансие на прочуениот берлински клуб Кадеко – „Кабарето на актерите“ – пребега во Луцерн, Швајцарија, и таму изврши самоубиство на 30 март 1933 година. „Барем еднаш, без шега,“ напиша тој во претсмртната порака, „си го одземам животот. Зошто? Не можев да се вратам во Германија без шегата. Сега не можам да работам таму, сега не сакам да работам таму, а сепак не можам да престанам да си ја сакам Татковината. Не можам да живеам во вакви времиња“.

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk