Новиот театарски храм, вториот дом на актерите се наоѓа на левиот брег на реката Вардар. Изграден е врз темелите на стариот театар поставени во 1927 година. Покрај основната функција што ја има театарот (драмата), тој воедно сам по себе претставува и музеј со оглед на орнаментиката претставена на ложите. Во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство кое воедно ќе биде презентирано и преку виртуелниот музеј.
Импресивен момент во театарот е централната скулптурна композиција на петте основоположници на македонскиот театар: Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски и Војдан Чернодрински, која е поставена во централното фоаје на театарот, како и театарскиот перформанс на 9 жениски фигури, претставени во етнo-народни компоненти, а околу нив се претставени свирачи. Целата композиција е фланкирана со музата на комедијата Талија и музата на трагедијата Мелпомена.
Што се однесува до орнаментиката, големата сала е орнаментирана со фрагменти кои се превземени од археолошки наоди во Македонија, фрагмент од иконостасот во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје. На плафонот се претставени најрепрезентативни археолошки артефакти од 6 век п.н.е па се до 6 век од н.е. Во другите делови претставени се музите како заштитнички на уметноста и науката. Тука се претставени значајни мозаици, керамички садови, иконостаси, мермерни плочи итн. Сите тие датираат од 6 век п.н.е па се до 19 век. Најмногу детали се превземени од ранохристијанските капители во Хераклеа и Стоби, мермерните плочи од црквата Света Софија во Охрид, како и единствените и уникатни иконостаси во Македонија изработени од тајфата на Петре Филиповски - Гарката.
Театарот е позициониран на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот е поделен на голема сала со вкупно 724 седишта и мала сала наменета за моно драми и камерни претстави со 213 седишта. Македонскиот народен театар ја поседува најмодерната и најсофистицирана техничка опрема во рамките на сценската технологија, движечки платформи, чиги, а целокупната сценска површина е изработена од модуларен тип со двојно дно итн. Акустиката е на завидно ниво. Однадвор театарот го има задржано својот автентичен изглед.
Ентериер
Објектот во ентериерниот дел има биста оригинална орнаментика која не е реплицирана ниту во еден дел. Орнаментиката е запазена во целиот објект, во влезната партија, салите и во делот на администрацијата. Многу е значајно што театарот е и музеј, сам по себе, бидејќи низ орнаментиката е претставено нашето богато културно наследство, мотиви кои припаѓаат на доцноантичкото, средновековното и постсредновековното уметничко наследство од сферата на мозаичната продукција, фрескосликарството, иконописот и копаничарските творби. На орнаментиката е аплицирана нашата најубава резба од црквата „Свети Спас“, орнаметика од мозаиците од Хераклеја, детали од теракотните икони од Виница, земскиот грб на Македонија од 16 век, маски, релјефи, менади, музи. Наши реномирани уметници како Качев, Кашавелски, Ѓото, беа задолжени и за украсување на таванот на главната сала на театарот каде што отсликана нашата богата културна слоевитост. Во фоајето поставена е големата композиција на скулптури на нашите основачи на театарот: Војдан Чернодрински, Ј.Х.К – Џинот, Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов.
Ентериерното уредување на театарот е надополнето и со првата театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија која ја афирмира историјата на МНТ како прва театарска институција од национален карактер, но и историјата на театарските институции што хронолошки и претходеле, почнувајќи од 1913/1927 година.
https://mnt.mk/za-mnt/mnt/objekt-mnt#sigProIdd4a50db27f
Екстериер
Во однос на екстериерниот дел, надворешната орнаментика и автентичниот изглед на театарот, на фасадата на објектот поставени се скулптури кои се високи 2.20 метри. Скулптурите се вклопуваат во естетската целина на архитектонскиот простор, и ја доловуваат атмосферата на драмата, комедијата и трагедијата, како и човечките претстави кои со својата појава упатуваат на содржините на театарот, литературата, музиката и уметноста воопшто. Надворешната визура на театарот е обележена и со соодветно осветлување, односно илуминација на партерот како и на целиот објект.
https://mnt.mk/za-mnt/mnt/objekt-mnt#sigProIda33bccf6dc
Музеј
Музејот на Македонскиот народен театар е запишан во Централниот регистар на Република Македонија на 17 мај 2014 година и засега е „најмлад“ македонски музеј. Во музејот се презентирани повеќе меѓусебно компатибилни збирки: плакати, фотографии, програмски книшки, сценографски и костимографски скици, макети, текстови и партитури, документи (вклучително и личните документи на актерите, режисерите, драмските автори...), костими, реквизити, мебел. Преку оваа музејска збирка посетителите можат да се запознаат со историјата на македонскиот театар но, и да ги видат личните збирки на театарските легенди Петре Прличко, Илија Џувалековски, Мери Бошкова, Ристо Шишков, Коле Чашуле, Зина Креља, Тодор Скаловски, Ана Липша - Тофовиќ, Натка Пенушлиска, Елпида Паковска, Љупка Џундева се до личните предмети на нашите актуелни актери и уметници. Музејската поставка е концепирана според највисоките музеолошки стандарди.
https://mnt.mk/za-mnt/mnt/objekt-mnt#sigProId48f06efcd6
Технички перформанси
Театарот со своите технички перформанси се издвојува меѓу европските театарски куќи, од причини штоврвот на светските сценски технологии и аудио-визуелна опрема се вградени во самиот театар.
Новата театарска зграда располага со два сценски простора, голема и мала сцена, а целокупната сценска површина е од модуларен тип со дупло дно. Големата сцена е со 15 мали и две големи платформи, а бочната сцена има шест движечки платформи, како и интербина со ротирачка платформа. Сценската технологија и опрема со кои располага овој објект е од најпознати врвни светски произведители за ваков тип на опрема која овозможува најмодерни и големи технички перформанси. Во изминатиот периот беа реализирани и повеќе вработувања на кадри кои веќе се обучени и ја вдаеат новата софистицирана опрема.
Објектот располага со следните сценско-технолошки системи:
- Систем за сценска механизација за голема сцена
- Систем за сценско осветлување на голема и мала сцена
- Аудио систем за голема и мала сцена
- Систем за општо озвучување, дојава и пренос
- Видео ситем кој во себе содржи видео надзор, видео продукциски и видео проекциски систем
Системот за сценската механика за горен погон и сценска механика за долен погон. Во дел на системот за сценска површина на големата сцена од речиси 450м2.
https://mnt.mk/za-mnt/mnt/objekt-mnt#sigProId4096683c33
Просторот на големата сцена согласно архитектонското решение максимално е прилагоден на следните карактеристични сценски простори:
- Сценски простор пред завеса или просцениум
- Основен сценски простор (простор под сценска кула)
- Задна сцена или интербина
- Две бочни сцени компитабилни со основниот сценски простор