Нова претстава во МНТ „Говорна мана“

Нема провокација, ако нема игра, а подобро место за игра од театарот не постои

Во МНТ започнаа пробите за новата претстава „Говорна мана“, работена според текстот на современиот автор Горан Марковиќ и во режија на Драгана Милошевска, чија премиера се очекува кон крајот на месец февруари.
Текстот „Говорна мана“ е напишан во деведесетите години, а Марковиќ е автор кој со голема искреност влегува во натпревар со сите опасности кои не загрозуваат, укажува на состојбата и поставува дијагноза и на поединецот и на заедницата. Овој автор (доколку го следиме неговиот опус) не потикнува да се судриме и соочиме со реалноста.
Дејствието на „Говорна мана“ се одвива во театар, во гримиорна на еден актер, првенец, на крајот на неговата кариера. Тој се штити себе си така што ги затвора очите пред општествената реалност и бега во илузиите кои му ги овозможува театарот, се дури одбегнувањето на околностите не го направат невозможно. На спротивната страна е млад човек со кариера која ветува... Се разбира и една актерка. Раскошно напишаните ликови преиспитувајќи ја сопствената морална одговорност не соочуваат со нашите склоности кон прикривањето на одговорноста и соучеството.
Ова е една прекрасна приказна која се случува во театар, која е толку блиска, отвора многу прашања и иницира да се преиспитаме за тоа каков е светот во кој живееме и дали и самите учествуваме во прифаќањето на истото, свет во кој владее теророт на успехот, совршенството и надпросечноста...
Публиката ќе ја има таа чест да ја проследи играта на Игор Џамбазов, Ивица Димитријевиќ и Сашка Димитровска водени од режисерката Драгана Милошевска. Костимографијата и сценографијата се на Илина Ангеловска.
На режисерката Драгана Милошевска ова не и е прва соработка со МНТ - во 2008 година на сцената на Македонскиот народен театар ја постави пиесата „Дундо Марое“ од авторот Марин Држиќ, несомнено една од најпознатите комедии на балканските простори. Милошевска зад себе ги има веќе успешно поставено претставите: „Демонот од Дебар маало“, „Калеш Анѓа дефинитивно“, „Хасанагиница“, „Пипи долгиот чорап“, „Мизантроп“ и други.


Срдечно,
НУ Македонски народен театар
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk