Свадбата на Фигаро

  • Автор: од Пјер Бомарше
  • Режисер:

    Леван Цуладзе

  • Информации:

    Соработник на режисерот: Андреј Цветановски
    Сценограф: Валентин Светозарев
    Костимограф: Кокеви Кадриу

     

  • Премиерна изведба: Петок, 22 Јули 2011
  • Времетраење: 100 минути
  • Пауза: Не
  • Сцена: Голема

{JEVK2EMBED}

Фигаро, маркантни фикционални херои, со чијашто планетарна слава, со необичното име и со автентичната аура што постојано го обвива, во текот на последниве два и кусур века маестрално се подигруваат некои од највиспрените и од највештите писатели (Бомарше, Еден фон Хорват…), композитори (Моцарт, Росини…), филмаџии (Волт Дизни…), стрип-цртачи Д′ Топер (The Topper), во последно време и автори на популарните видео-игрички (Final Fantasy VI…), конструктори на автомобили (Nissan Figaro), произведувачи на апарати за дотерување фризури… Чинам дека дури и најнеупатените слушнале за еден од најстарите, најугледните и највлијателните европски весници − весник што континуирано излегува веќе 185 години (првиот број бил отпечатен на 15 јануари 1826!) − кој, сосема неслучајно, го позајмил името на „измислениот“ шпански бербер со неспорно француско потекло: Le Figaro!

Фигаро е стара и, бездруго, шегобијна шпанска/италијанска именка што значи бербер. Бербер, пак, е занаетчија од прв ред: неизбежен (нели денот со него почнува!), остар (нели и работи со остри предмети!), пресретлив, доверлив, секогаш добро информиран, вешт, брз во комуникациите (од секаков вид), духовит… Со векови, берберите успешно се справувале и со прирачните лекарски работи: шиење рани, пуштање крв, решавање опстипациски проблеми, вадење заби… Дека ваквиот бербер е идеален прототип на комичен јунак докажуваат уште античките митови, средновековните фарси и италијанските комедии кои го препознавале и го ползувале како куражен, умен, ноншалантен, палав, врвен / ингениозен интригант! Во комедија дел арте (commedia dell’arte) тој е типизиран во ликот/типот на вториот од двајцата слуги – Бригела. Се знае, првиот слуга е Арлекино!

Книжевните и театарските истории едногласно констатираат дека Бомарше е неговиот клучен апологет, воедно и неговиот нунко: имено, токму на Бомарше му текнало, најпосле, да го именува, да му го даде името според занаетот и да го нарече Фигаро.

ФИГАРО − ХЕРОЈОТ НА ТРИЛОГИЈАТА ЗА СЕМЕЈСТВОТО АЛМАВИВА

Сѐ започнало во 1775 година, со комедијата „Севилскиот бербер или, Залудната претпазливост“ која − по две години доправање и дотерување – била среќно изведена во Француската комедија (Comédie-Française). И доживеала сензационален успех. Зар и можела да помине поинаку слатко-горчливата приказна за многубројните перипетии околу една мошне тривијална венчавка околу која, меѓутоа, се креваат едно чудо луѓе и уште повеќе прав?.. За писната, за гласниците, за скалите, за пресоблекувањата и за триста други тракатанци, ич муабет да не правиме!

Понесен од успехот на својот првенец, авторот побрзал да напише продолжението во кое истите ликови ќе бидат вплеткани во нови машко-женски авантури со и околу една матримонизација, овој пат погорчливи и поостри од претходните. Впрочем, помеѓу двете комични женачки и мажачки во кои директно се инволвирани привилегираниот господар (грофот Алмавива) и неговиот статусно инфериорен, но, во сето останато, неспоредливо супериорен слуга (Фигаро). Историјата ги делeла картите на прилично драматичен начин. Набргу се покажало дека тој (начин), полека, но сигурно, водел кон Револуцијата од 1789, до паѓањето на Бастилја и до Декларацијата за правата на човекот…

Нејсе, комично-трагичните − поточно: трагикомичните! − епизоди од „комедијата бр. 2“, „Свадбата на Фигаро“ или, „Лудиот ден“, само навидум се ределе околу „принципиелното“ прашање за некојси химен, т.е. „за“ или „против“ обичајното право господарот да ја има привилегијата (дури и обврската!) прв да го консумира бракот на секој од своите слуги (ius primaе noctis). Да беше проблемот само технички, зар текстот на Бомарше би морал да помине дури низ шест цензорски читања (и чистења) кои се развлекле низ цели две години? Во еден миг – во 1783 година − на неизведената комедија ѝ е пресудено со кралска забрана која (меѓутоа) предизвикала силни полемики, заедно со сета фама што оди со нив… Забревтаните луди денови, во текот на подготовките на фамозната свадба на Фигаро, станале ептен славни и пред да бидат прикажани на сцената на онаа стара Comédie-Française (1784). Дали Луј XVI ја повлекол забраната поради притисокот на јавноста? И што, воопшто, можело на цензорите да им се гледа толку опасно во една, навидум, наивна комедија што, навидум, се заплеткува и се расплеткува околу прилично дубиозниот химен на една само навидум наивна/невина слугинка?

Макар што постојано врие од заплети и од пресврти, „Свадбата на Фигаро“ кулминира со почетокот на завршниот петти чин, во мигот кога изгледа дека на Фигаро му потонале сите кораби та тој, осамен и гневен, го кажува својот прочуен монолог. Оттогаш, до денес, тој програматски говор важи за една од најдиректните осуди на општеството на повластените, и привилегираните, на непочитувањето на правдата и апсолутното самовоилие на власта. Секоја власт.
„Благородноста, среќата, положбата, престижот во општеството − тоа е она што човекот го прави горд. Што сте сториле вие, господине грофе, за да го добиете сето тоа? Сте се помачиле да се родите и − толку! Всушност, вие сте едно сосема обично човече. Јас, пак, како еден од толпата, само за да преживеам, морам да вложувам знаење и ум што се неспоредливо поголеми од знаењето и умот кој сите владетели на шпанската империја го вложеле во текот на целиот век. И вие сакате со мене да се натпреварувате…“

Историјата на театарот констатира дека успехот на „Свадбата на Фигаро“ бил таков што публиката, наводно, наизуст знаела делови од овој монолог и, во текот на изведбите, хорски ги повторувала, заедно со актерот. Пет години подоцна, на 14 јули 1789 година, Бастилја била урната до темел а Франција преобразена во модерна држава на братството, еднаквоста и слободата. Злите јазици кажуваат дека самиот Бомарше – кој, во меѓувреме, влегол во сојот на привилегираните − сериозно се исплашил за својот постреволуционерен статус!

Остарениот Фигаро од неговата трета пиеса од циклусот за семејството Алмавива – „Виновната мајка или Вториот Тартиф“ (1792) − сосема ја загубил духовитоста и храброста, станувајќи морализатор − тупаџија…
Sic transit gloria mundi…

Aма не и славата на Фигаро. Неа ништо не може да ја загрози!

СВАДБАТА НА ВЕЧНИОТ ЕРГЕН

Не знаеме што мислеле во матријархатот, но на темата свадба, денес, вообичаен машки коментар е дека ергенот успеал да не се ожени, а старата мома не успеала да се омажи! Што се однесува до драматургијата во времето на Бомарше, метафорично кажано, пиесите биле како запрежна кола, но тој прв успеал да направи „спорски автомобил!” Во пиесата „Свадбата на Фигаро” се се одвива брзо, прецизно, точно и ефектно, и покрај сите видови пречки, сопки и неочекувани драмски заплети! Оваа сочна комедија е лесна како тантела, исплетена од љубовни шеги, откачени глупости и гобленски сплетки! Секој збор звучи како стих а секој мизансцен како чудесен танц. Таа е разиграна и полна со фантазија, но, истовремено, е прецизна како математичка формула. Како ретко кој драмски текст, „Свадбата на Фигаро” со леснотија успева да спои неспоиви работи, но, истовремено, да зрачи со чудесна животна енергија.

Иако, на прв поглед, се чини како класична салонска комедија, под нејзината драматутршка кожа врие крвта на духовита и остра сатира, снајперски вперена во декадентноста и пороците на тогашното (и на секое) општество, кое доаѓа до работ на бездната секогаш кога ќе ги заборави есенцијалните човечки вредности. Оргиналноста на овој текст се гледа и во фактот дека тука ликовите изгледаат како да тапкаат во место, но тие, во нивниот развој, созреваат молскавично! Главниот лик Фигаро (собар на грофот и чувар на замокот/дворецот) е весел, мудар и динамичен. Според сведочењата на современиците, тој, во најголема мера, го отсликува самиот автор.

Поради нејзината невообичаена форма и содржина во времето кога се појавила, комедијата „Свадбата на Фигаро” предизвикала вистинска револуција во книжевноста! Поради густината и важноста на многу прашања (за страста и неверството, за борбата со интимни и јавни искушенија, за можноста на општествените промени, за револуцијата и нејзините заразни илузии…) пиесата „Свадбата на Фигаро” многумина ја прогласиле дури и за предизвикувач на Француската револуција! Оваа пиеса е една од најславните комедии на сите времиња. Таа е редок пример, во светската драматургија, на подеднаков успех и популарност кај најшироката публика, но и кај тетарските гурмани!

Фигаро ќе се жени. Но секогаш ќе остане духовен ерген!

Фото галерија

View the embedded image gallery online at:
https://mnt.mk/pretstavi/svadbata-na-figaro#sigProIdc4a39cc9e6
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk