„Зошто токму Молиер? Тешко е да се одговори на ова прашање. Јас го читам Молиер повторно и повторно, го сакам уште од детството. Молиер имаше големо влијание врз моето формирање како писател. Чинам дека секогаш ме привлекувала неговата комплексна личност: учител на цели генерации драматичари, голем актер, ненадминат комичар, режисер… Напоредно, во личниот живот, тој е несреќник, меланхолик, сосема трагичен човек…“
Михаил Булгаков
Животот на Жан Батист Поклен де Молиер во изведба на театарската трупа на МНТ под водство на Михаил Булгаков, спомнатиот де Молиер и Александар Поповски
Ние не сме луѓе…ние сме привид…Ние сме онаа материја од која соништата се создадени…Кога ќе не ранат, ние не крвариме. Кога ќе не убијат, ние не умираме…
Што е душата на глумецот? Промаја, ладен воздух кој се крие во позајмениот костум. Ние не сме сигурни дека постоиме. За да поверувам во тоа треба, да ми аплаудираат. Ми аплаудираат, значи постојам. Вистинскиот живот бара тежина, постојаност, додека сцената од нас бара да бидеме лесни…прозрачни.
Ние вам ви го оставаме животот, вие нам оставете ни ја сцената.
Глумецот има само една љубовница…сцената…онаму каде што сакаме да живееме и на која сонуваме дека ќе умреме, како Молиер…за да биде и нашата последна геста голем спектакл…
Никола Ристановски – Жан-Батист Поклен де Молиер, познат драматург и автор
Сашка Димитровска – Медлен Бежар, актерка на де Молиер
Емил Рубен – Шарл-Вадле де Лагранж, актер со прекар „Регистар“, Отецот Вертоломеј, скитник – проповедник
Драгана Костадиновска – Луј Велики, кралот на Франција
Оливер Митковски – Жан Жан Бутон, згаснувач на свеќи и слуга на Молиер
Марија Новак – Мариета Ривал, актерка на Молиер
Нина Деан/Ивана Павлаковиќ – Аманда Бежар, актерка на де Молиер
Николина Кујача - Шарлатанот со чембало; Праведниот Чевлар, кралски шут
Игор Ангелов – Маркизот де Шарон, кариналот на град Париз
Дениз Абдула – Захарија Моарон, познат актер – љубовник
Никола Ацески/ Сашко Коцев– Маркизот де Орсињи, дуелант со прекар „Еднооки, помоли се!“
Превод: Павел Попов
Редактура на превод: Тања Урошевиќ
Костимограф: Снежана Пешиќ – Раиќ
Сценограф: Свен Јонке
Извршен продуцент: Виктор Рубен
Избор на музика: Александар Поповски
Асистент на режисерот: Лука Кортина
Инспициент: Никола Кимовски
Суфлер: Зорица Благоевска
Тон – мајстори: Александар Петровски, Ненад Трпеновски
Светло – мајстори: Илија Тарчуговски, Дарко Младеновски
Молиер, роден како Жан Баптист Поклен (1622-1673), француски комедиограф и актер, животот го стартува со уредна
граѓанска биографија: син на дворскиот тапетар, стекната диплома по право, пристојно наследство кое можело трпеливо и рационално да се зголемува… Ама, на 21-годишна возраст, тој импулзивно се откажува од конвенционалниот
и, во перспективна смисла, сосема комфорен модел на (мало)граѓанското живеење: формира сопствена театарска трупа (L’Illustre Théâtre), започнува да игра бурлески, набргу финансиски пропаѓа, дури и стигнува во затвор заради
долговите. По многуте перипетии, кои ќе го следат буквално до последниот здив, оперативната театарска кариера Молиер ја продолжува со една од своите актерски трупи, со која цели 12 години ја крстосува француската провинција, обидувајќи се да преживее, да се докажува како актер-забавувач, ама и како драмски писател кој би кокетирал со вечноста. Еден од неговите современици запишал оти човек не знае дали треба повеќе да му се восхитуваме заради начинот на кој ги пишува своите пиеси или заради начинот на кој самиот во нив игра.
Во 1658 Молиер успева да се врати во Париз и апансаз да се здобие со високото покровителство на војводата од Орлеан, попознат како Monsieur, помалиот брат на најмоќниот човек на Франција, тогаш дваесетгодишниот крал Луј XIV, Кралот Сонце. Благодарение на оваа висока заштита, трупата на Молиер најпрвин се вселува во театарот Пти-Бурбон/Petit – Bourbon, а во 1661 во легендарниот Пале-Роајал/ Palais-Royal, блиску до кралскиот Лувр. Навидум, сè си одело мазно. „Комбинирајќи ја улогата на дворскиот службеник и на уметник, притоа водејќи сметка кај му се поддршката и поткрепата, Молиер се сметал себеси за слуга на кралот“ (Р. Харвуд).
Ефикасен и продуктивен над сите стандарди, Молиер успевал репертоарот на „дворскиот театар“ постојано да го пополнува со нови наслови низ кои вешто ги комбинирал сите варијанти на хуморот: од најгрубиот/„најнискиот“ до најрафинираниот, сатиричниот, оној што каса до коска. Неговите актери, а најмногу самиот тој, со години развивале специфичен систем/модел на глума, благодарение на кој широкиот дијапазон на хуморот што тие го негувале, силно ја сензибилизирал публиката, наметнувајќи ја комедијата како најпропулзивен театарски жанр на епохата. Од големиот терцет драматичари од францускиот Златен век – Корнеј, Расин, Молиер – токму третиот се докажал како најуниверзален. И највечен, благодарение токму на автентичната хуморот на неговите бравурозни пиеси. Знаеме дека ги напишал 35, дека лично ги режирал сите и дека играл безмалку во секоја.
Молиер живеел релативно кратко, дури и за стандардите на болезливиот седумнаесетти век – одвај 51 година. Токму колку и Балзак (1799-1850), кој, безмалку двесте години подоцна, најголемиот дел од својот непристојно голем опус го
нарекол (случајно?) Човечката комедија/La Comédie humaine.
Легендата вели оти, вечерта на 17 февруари 1673, во текот на изведбата на Вообразен болен, на Молиер наеднаш (?) му се слошило. Претставата, сепак, ја одиграл до крај. Потоа го однеле дома, каде набргу починал. Искрвавел,
наводно, во фотелјата која денес се чува во театарскиот музеј на Комеди Франсез/Comédie-Française. Како актер, безбожник по дефиниција, Молиер не смеел да биде погребан на црковните гробишта- а сите гробишта, тогаш, биле црковни. Кралот Сонце морал лично да интервенира, за да се добие дозвола за таен ноќен закоп, надвор од светата црковна земја…
Гробот на Молиер денес се наоѓа на париските гробишта Пер Лашез/Père – Lachaise, блиску до оној на Лафонтен. Наводно е – празен.
Во градот Никеја, во 787 година, се одржал Седмиот велик икуменски собор. На него, многу-умните теолози како што биле св. Јован Дамаскин, патријархот Никифор и св. Теодор Студит, пред своите противници го бранеле (и одбраниле) својот исказ за смислата на иконата: дека не треба да се слават (занаетскиот) цртеж или пак боите и штичката на која се нанесени – туку треба да се слават вечната убавина, која во бои и цртеж на штичката е изобразена.
Иако можеби не секогаш сме свесни, но за нас – луѓето од творештвото, овој историски момент е еден од најважните, бидејќи токму тогаш е извојувана една од најголемите победи во име на уметноста, победа во име на идеите и на суштината на творештвото како такво.
Во филмот на А. Тарковски, „Соларис“, еден од космонаутите, повратници од вселената, е сослушуван од комисија научници за чудниот феномен што тој го искусил во орбитата на Земјата; им прикажува снимен материјал како доказ за вистинитоста на случката кога тој, западнат во чудниот соларен океан, здогледал фигура на човек, фрлен во пространиот бескрај. Меѓутоа на снимката сè што комисијата може да види се само некои облаци. Останатите не можат да го видат Човекот во бескрајот. Него може да го види само конкретниот космонаут. Таа таинствена фигура е вообличување на неговите сопствени мисли, идеи, копнежи. На неговата душа. Само секоја посебно може да ја види сопствената душевна слика и воедно да содејствува со неа, да комуницира лице в лице, дури и да се вљуби во неа.
Нашите секакви дејанија и дела, расфрлани во тесната рамка на нашите кратки животи, се скаменети споменици со коишто живееме секојдневно, комуницираме со нив, се препираме или другаруваме со нив. За луѓето од творештвото, делото е нешто со што се обидува да содејствува со бесконечното Време кое пред 12-ина милијарди години почнало да тече, кога во „Големиот Тресок“ настанало сè што е видливо и невидливо во новонастанатиот бескраен простор на вселената. Создавајќи монументи со кои пловиме по континуитетот на временскиот брзак, се обидуваме барем за еден момент да го замрзнеме неумоливото брзање на вселената, а притоа многу добро знаеме дека тоа ќе ни успее само ако го преживееме мраз-студеното сечило на судот на времето. Всушност, се работи за победа над смртта и за слава на животот.
Потрагата по сината птица е потрага по нас самите, потрага по нашата среќа – и тоа среќата дефинирана како суштински контакт со себеси, со сопствените копнежи, соништа и мисли (нештата од кои, всушност луѓето се направени). Единствената смисла е постојано да се трага и бара – само така може да се создаде светот на убавината (онаа иста убавина за која Достоевски смета дека ќе го спаси светот).
Прекрасен е многу цитираниот момент од романот „Дон Кихот“, кога истоимениот јунак ги напаѓа ветерниците, мислејќи дека се чудовишта. Таа сцена е метафора за состојбата во која се наоѓа оној кој создава. Во сите изминати времиња творецот, тој јавач на ветрот, е моќен запишувач на времето што го живееме, но воедно е ранлив и детинест „господар“ на ветерниците со кои сето време се бори.
На сите оние, кои не се во состојба да го поделат сонот – јавачите на ветрот и ветерниците, едноставно, ќе им простат.
На космонаутот Марко, во Скопје 18 мај 2014 г.
Дарја Ризова – Тилтил
Наталија Теодосиева – Митила
Сашка Димитровска – Мајката Тила/Мајчинската љубов
Славиша Кајевски – Таткото Тил/времето
Арна Шијак – Самовилата Берилин / Сосетката Берленго
Олгица Милевска – Синиот глас
Сашко Коцев – Кучето Тило
Тина Трпкоска – Мачката Тилета
Васил Зафирчев – Светлината
Весна Петрушевска – Среќата
Звездана Ангеловска – Баба Тила
Борче Начев – Дедо Тил
Катина Иванова – Ноќта
Неродените деца – Среќите: Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Никола Кузелов, Владанка Димовска, Ангела Димитрова, Бобан Кулески, Мирко Голомеов, Ирена Мирческа, Мартин Манев и Ангела Стојановска
Костимограф: Никола Ефтимов
Видео анимации, 3D мапинг, звучни ефектии и изработка на 7.1 сараунд: Милчо Узунов
Избор на музика: Златко Славенски
Кореограф на V I VIII сцена: Кренаре Невзати – Кери
Изработка на сценографија: Тодор Даевски
Дизајн на плакат: Срѓан Јаниќијевиќ
Извршни продуценти: Виктор Рубен и Симона Угриновска
Инспициент: Никола Кимовски
Дизајн на тон: Ненад Трпеновски
Дизајн на светло: Илија Тарчуговски
Манипуланти на горен и долен погон: Васко Бојаџиски, Костадин Велков и Трајче Тасевски
Суфлер: Зорица Благоевска
Симболистичката драматика на Метерлинк – која, многупати, се дефинира и како поетска – радикално е „поинаква“, формативно и структурално, од сето она што го детерминира класичниот драмски жанр а вообичаено се дефинира како напнатост, дејствие, конфликт… Ликовите во неговите пиеси не се лица/ликови што агираат (dramatis personae), туку симболи кои „придонесуваат“ кон создавање атмосфера, потенцирана со изобилство музика, сценски ефекти, нестварен/нереалистичен декор и општото меланхолично и сентиментално расположение што создава чувство на таинственост која ја „зголемуваат“ најчесто нејасните алузии на „скриените значења“ и постојното исчекување на некој неизбежен фатумски пресврт.
Кој, главно, не се случува. Драматиката на Метерлинк упорно им се измолкнува на какви било „објаснaувања“ и „коментари“, особено оние „рационалните“. Таа е, просто, конструирана за да создава впечатоци, што е можно посилни. И да го поттикнува доживувањето, што е можно поинтензивно. И помистично.
Да делува како музика. Сосема неслучајно, повеќе негови драми станале предлошка за речиси идеални музички партитури на редица големи композитори на ХХ век: Дебиси, Шенберг, Сибелиус… Освен по езотеричните драми, Метерлинк на времето бил прилично популарен и заради онаа своја филозофска есеистика, мистична и многупати окултна, во која тој пишува за животот на мравките или на пчелите, за интелигенцијата на цвеќето…
„Скриените значења“ се подразбираат.
Јелена Лужина
Јас да се прашувам, овој текст ќе заврши уште со самиот наслов, најмалку заради три причини. Прво, без креативност не може да се направи ниту една обична Васина торта, а камоли да се биде среќен жител на оваа чудесна планета Земја. И останатите две причини се исти, но ние и нив ги преспиваме. Будни се само тие што сакаат. Тие живеат сега и овде, исто како и театарот. Останатите живеат во цинизам и нивното мото е: „Ништо не е толку здодевно колку среќата на другите“. Претседателот на ова жално здружение, еднаш на родителска средба изјавил: „Дајте ми добро дете, па ќе видите колку сум јас добар татко!“ Најголемото предавство е кога ќе се изневериме самите себе, а тоа редовно се случува кога ќе го заборавиме нашето детство.
Добар татко е само тој што учи од сопствените деца и памети барем неколку бајки и боенки, башка пресувани лисја во споменар, денес познат под терминот „таблет“. Истото важи и за добрите писатели, а ние во случајов имаме нобеловец кој патем е и основач на симболичката драма, колку да не сме само со едно гајле. Пиесата „Сината птица“ секогаш е одлична за читање, но уште „поодлична“ е да се пропадне заедно со нејзината сценска реализација!
Нашата храбра екипа го прифати големиот предизвик и влезе во големата театарска авантура, во која чесно се изнамачил дури и легендарниот Станиславски. Денес луѓето почесто одат на погреби отколку во театар, затоа што сакаат да видат што ќе се случи на крајот, а тоа „модерниот театар“ не им го нуди. „Сината птица“ и нашата претстава го прават најважниот чекор кон слободата и фантазијата. Излегуваат од сопствената рутина и комфор и на волшебен начин ги отвораат најважните теми: среќа, великодушност, благодарност, пријателство, љубов, верност…
Дали луѓето можат да бидат подобри? Можат, ама никој не сака прв да почне. Нашата премиера е токму тој почеток, без лажна скромност. Нашите естетски и етички принципи се кристално јасни. Нашето малку, може да биде многу за тие што немаат ништо. Пред да почнете да ја барате среќата, проверете, можеби веќе сте среќни! Среќата е мала, обична и неупадлива, и многумина не умеат да ја видат иако им е пред носот. Среќата е во патувањето а не во целта, таа се состои во трагањето а не во пронаоѓањето. Таа се состои во несебичноста, не очекувајќи ништо за возврат. Детството е нашиот вистински живот. Сè останато е само сон, понекогаш лош-понекогаш добар, но нема да ситничариме. Затоа чувајте го детето во себе, така ќе бидете среќни и за себе и за другите. А ако сте среќни, тогаш не мора ништо друго да работите!
И на крајот, што e „Сината птица?“ Тоа е најславниот прекар на сите времиња и се однесува на нашата планета Земја!
Братислав Димитров
„Парите се отепувачка“ е претстава, која не дава одговори, но затоа се бори да постави прецизни прашања. Зошто Европа инсистира ние да ги совладаме сопствените демони кога таа има повеќе демони по глава на жител? Дали мимикријата е природна човекова состојба и дали човекот, кој ја имитира и канализира свеста на својот идол подобро може да се снајде од оригиналниот граѓанин на Балканот? Парите се…тоа е борба помеѓу толкувањата и интерпретациите, помеѓу маргините на нормалното и шизофреното, помеѓу лажното и помалку лажното…
Во режија на Бојан Трифуновски базирана врз основа на битовата драма „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле и романот „Деветтата конфигурација“ на Вилијам Питер Блати. Претставата се занимава со еден интересен феномен во современата психијатрија, каде што лекарите – психијатри решаваат да пристапат кон третманот на тешки шизофреничари со помош на методот на заигрување или плеј терапија. Плеј терапијата е создадена во 1992 год. во Кина, кога познат актер претрпел сериозен нервен слом и останал во реалноста на неговата последна претстава. Сосема случајно го играл Хамлет. Тогаш психијатрите со помош на методот на заигрување неговото бизарно делузионално нарушување го лечеле така што сите ги играле ликовите од Хамлет. Нашата претстава зборува токму за таков случај во Македонија. Претставата е метафора на обидот за комуникација низ вековите, кои коегзистираат на нашето поднебје. Во Македонија, за сто години поминаа три века, така што битовата драма и студенилото од западноевропски тип психијатри со симбиоза создаваат атмосфера на пластична дијалошка драма со модерен мини-филмски израз. Тенденциозните зачудувања во бавната тишина на психолошкиот карактер ѝ овозможува на публиката одблизу и лично да ја студира и апсорбира дијагнозата на пациентот и лекарот во претставата.
Сценограф: Мери Георгиевска-Јовановска
Костимограф: Мери Георгиевска-Јовановска
Композитор: КАНТОН 6
Инспициент: Вукица Александрова
Суфлер: Агна Николоска
Тон – мајстор: Ненад Трпеновски
Светло – мајстор: Илија Тарчуговски
Видео: Дарко Младеновски
Лектор: Цветанка Недановска
Продуцент: Симона Угриновска
ПРВА СЦЕНА Изгрејсонце над Ерусалим. Блескаат вечните градби на Ѕидот на плачот, Црквата на раѓањето и Воскресението, и џамијата Ал Акса. Рабинот Ицак Коен седи на камениот стол и чита со прстите пораки од различни страни на светот. Пред него како во молитва и задржан тивок плач е застаната Стела Бенвениста, со поглед упатен во неговото лице.
РАБИНОТ: Запишано е! Од Ерусалим во Македонија ќе појдеш.
СТЕЛА БЕНВЕНИСТА: Рабине мој, чекам не од вчера, не од завчера, не од утре, не од задутре, не од лани, не од оломнани, од многу одамна чекам, чекам цели 62 години. Ден по ден. Ноќ по ноќ, и еве оваа ноќ што траеше повеќе од вечност решив на изгрејсонце да дојдам и да те видам, кажи ми рабине мој, кога, кога и кога?
РАБИНОТ: Најдрага пријателке Стела Бенвениста, само ти од Јудејците сите, од морето средоземно цело можеш на изгрејсонце во тајните на мојата темница да влезеш, Вистина ти велам, наречено е, од Ерусалим во Македонија ќе појдеш.
СТЕЛА БЕНВЕНИСТА: (Се свртува кон сликата на Ерусалим, паѓа на коленици пред него) Господе, рабине мој, облеј ме со твојата мудрост, по патот на сонцето еднаш и за секогаш кон Македонија да тргнам.
РАБИНОТ: Со сиот мрак во моиве од невидлива светлина изгорени очи јасно гледам, објавено е на зрак прероден во лебед низ бели облаци виножита што сечат – од Ерусалим во Македонија ќе појдеш! (…)
ХОР
Магдалена Ризова – Черних, Марија Новак, Снежана Коневска – Руси, Александар Џуровски, Јасмина Поповска, Даница Георгиевска, Александар Шехтански, Стојна Костовска, Томе Витанов, Трајче Ѓоргиев, Теоман Максут, Драгана Левенска, Анкица Бенинова, Александра Стојкова, Александра Михајловска, Александар Михајловски, Стефан Вујисиќ, Тони Денковски, Ненад Анѓелковиќ, Владимир Петровиќ, Владанка Димковска, Ангела Димитрова, Марија Димитрова, Надица Петрова, Марија Петреска, Аница Бебиќ, Анастазија Христовска, Никола Стефанов, Филип Трајаноски, Милош Стојковиќ, Антонио Китановски, Марко Илиќ, Александар Иваноски, Денис Давидковски
Техничка екипа:
Раководител на сценска технологија: Гунтер Кубе
Оператори на механизација: Костадин Велков, Васко Бојаџиски, Горан Димов и Трајче Тасевски
Светло – мајстори: Илија Тарчуговски, Горјан Темелковски, Дарко Младеновски, Владо Ќулавковски, Игор Георгиев
Тон – мајстори: Александар Петровски, Ненад Трпеновски, Ташко Грујовски и Александар Арсиќ
Патувањето низ Вечната куќа е едно бескрајно патување низ кое човекот треба да стигне до одговорите на најголемите и најсуштинските прашања што ги носи со себе низ животните лавиринти. За таквото големо патешествие да се случи, не треба да се поминуваат огромни растојанија – тоа се случува внатре, во нас, во нашите срца. Таму, во срцето, ние стигнуваме до сопствените одговори на вечните теми за животот, смртта, љубовта, раѓањето. .. Патувањето на Стела Бенвениста низ Вечната куќа го носи во себе Сизифовскиот предзнак. Всушност, затворањето на еден историски период носи прашања и трауми поврзани со периодот што следни. Врзопот со 100 клучеви е влезот во историскиот лавиринт на македонската историја. Во патувањто на Стела, секој клуч е новиот Сизифов камен. Носејќи го букетот македонски трендафили во својата животна одисеја, барајќи го човечкото во човекот, Стела Бенвениста ја повторува и метафората на патувањето на Диоген… Всушност, македонските трендафили се фенерот во дамарите на нашите души со кој го бараме истиот човек кој што го барал Диоген. Во текот на целиот процес на создавање на претставата интензивно размислував што значи отварањето на Вечната куќа сега, токму сега. По многуте реплики оживеани на сцената знам: тоа отворање е откривање на местото каде што се наоѓа клучалката на Земјината топка. Со нејзиното отклучување пред нас се отвараат напластените слоеви на цивилизации, создадени вредности, страдања, победи, прогони… Така го разбрав и поднасловот на Вечната куќа – трагедија + време = комедија.
Дејан Пројковски, режисер
Се сеќавам на мојата рана книжевна младост, во 80-те години на XX век. Додека со еден патувачки театар на илузионисти ја крстосував Европа, се најдов во домот на шпанскиот нобеловец, поетот Винсенте Алеиксандре кој, во интервјуто што го објавив во тогашна „Нова Македонија“, ми зборуваше за тоталната поезија.
Или, поедноставено, за можноста во само една песна да се опише сиот видлив и невидлив свет.
Оттогаш започна мојот чеховски сон да напишам пиеса за три женски лика, мајка, ќерка и внука, кои ќе бидат драмски центар на Вечното раѓање и Вечната смрт. Летото 2001 година се најдов (можеби не случајно) во Лисабон и во архивите на Фондацијата „Гулбенкиан“ открив цртеж на куќа изградена во Скопје, на брегот на Вардар, во 1492 година, непосредно пред доаѓањето на Балканот на 500.000 Евреи прогонети од Иберискиот Полуостров.
Тогаш во мојот драмски свет се појави дванаесетгодишното девојче Стела Бенвениста, депортирана со многучленото семејство на 11 март 1943 година од истата таа куќа. Само таа и нејзиниот брат ќе ги преживеат Треблинка и Аушвиц. Нејзиниот татко ѝ доверува врзоп од сто клучеви што таа ги чува како бесценет аманет, за некогаш да се врати во куќата.
Во 1948 година таа се враќа во Израел и цели шест децении, секој ден, оди на Sидот на плачот и секој ден, речиси 22263 пати по ред, остава ливче со следната содржина: „Господи, ако постоиш на небото, врати ми ја куќата во Македонија“!
Драмата започнува со телефонскиот повик на адвокатот Ефрем Поплавски, специјалист за меѓународно имотно право, кој ја известува старицата Стела Бенвениста дека, по долгата одисеја, куќата е вратена во владение на семејството Бенвениста. Таа потоа стигнува во Скопје, во куќата покрај брегот на Вардар, ги отвора сите сто одаи и од нив излегуваат исто толку сопственици, со непобитни докази дека куќата е нивна.
Тогаш всушност се случи големиот пресврт. Куќата за која станува збор, може да биде куќа на кој било меридијан на планетава! Замислете само што би се случило доколку се спуштат драмските сонди под Белата Куќа во Вашингтон или под зградата на Обединетите нации во Њујорк, или под Кремљ во Москва, или под сличните градби во Пекинг, Техеран, во Њу Делхи, во Рио или во Токио!
„Вечната куќа“ ја пишував речиси 12 години и никако не сакав да ја завршам. Кога разбрав за анонимниот конкурс за отворањето на Македонскиот народен театар, сите дотогаш испишани шестотини страници ги препишав на осумдесет. И ги предадов на конкурсот, последниот ден, последната минута.
Драмата се одвива во сите градови на мојот живот: Скопје, Париз, Њујорк и Ерусалим.
Во Ерусалим никогаш не сум бил, но во близина на моето родно Слоештица, во југозападна Македонија, има еден манастир: Свети Никола Топлички. И во него една чудесна фреска од XIII век: Исус Христос над бунарот на времето. Во архивите на престижниот Универзитет Јеил прочитав дека тој манастир со векови бил под јуриздикција на Патријархот од Ерусалим.
Светот е вистина мал – од каде, на каде, Слоештица и Ерусалим!
Една духовита поговорка што ја раскажуваат Македонците расеани по меридијаните вели: Светот е мал, ама Македонија е голема.
Првата реплика од драмата „Вечната куќа“ што ќе биде изговорена во новата зграда на Македонскиот народен театар гласи: Запишано е, од Ерусалим во Македонија ќе појдеш!.
Спроти Свети Климент Охридски чудотворец Лето Господово 2013
Јордан Плевнеш
Јордан Плевнеш е, несомнено, еден од најмаркантните, најособени современи драматичари, чијшто интригантен опус битно ги детерминира двете „преодни“ декади во развојот на македонската драматика/драматургија на дваесеттиот век (1982-2003). Нив обично ги именуваме како „преод“ од модернистички драмски дискурс кон постмодерниот. Во македонскиот драмски и театарски контекст Плевнеш влетал наврапито и сосема абруптивно, со својата радикална пиеса „Еригон“, „сценска анатема во два дела“ изведена 1982 г. во скопскиот Драмски театар, во супериорната режија на Љубиша Георгиевски и во маестралната игра на ѕвездите од калибар на Мето Јовановски, Петре Темелковски, Мери Бошкова, Крум Стојанов, Милица Стојанова… Со ваков нестандарден исчекор, прилично нетипичен за еден дебитант, тој себеси се најавил како темпераментен, потенцијално опасен, во секоја смисла „неприлагоден“ нонконформист кој го ветува најважното: дека со него допрва ќе имаме работа. Дури отаде!
Во поговорот на првото издание на „Еригон“ (Скопје, Мисла, 1992), режисерот Љубиша Георгиевски смело ја пласира констатацијата дека оваа пиеса „пред сè, е модел на едно подруго театарско мислење во нашата драматургија“. Тој модел, за кој тврди дека дотогаш не бил практикуван во нашиот дел од светот, Георгиевски го нарекува митски.
Ете, веќе со своето решително дебитантско зачекорување на штиците што значат живот, 29-годишниот буревесик Плевнеш интуитивно го избрал сопствениот митски еригонски статус на „човек во бегство“ и „пес од македонско потекло“ – што се авторовите лични детерминации/карактеризации на Еригон, првиот драмски јунак во неговата театрографија.
Денес, по три долги децении во текот на кои неговиот писателски багаж среќно се зголемил за уште дванаесет драми и некои други книги (меѓу кои и еден роман со профетски наслов „Осмото светско чудо“), во ѕвездениот миг кога сопственикот на вака импресивна авторска библиографија и (навидум) лукративна граѓанска кариера повторно ги отвора тешките порти на вечната куќа на сопственото творење, првата константа што ја декодираме во секој негов гест и секоја реплика пак е оној вечен митски неспокој од младоста. Ниту даскалската актива собирана по странските универзитети цели 25 години (од 1988 г., кога оди да живее во Париз), ниту дипломатските мисии во кои Македонија ја претставувал како амбасадор во Франција, Португалија и УНЕСКО, ниту високата ректорска функција на Универзитетот за аудиовизуелните уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк (чијшто лидер е последниве седум години) – ништо не го смени неговиот хабитус и неговиот ракопис. Плевнеш – писател и натаму е разбушавен, осамен, циничен и прек скриптор со остар јазик и тешка рака, драматичар и прозаист чијашто опсесивна тема е идентитетот – историски и митски, колективен и интимен-та- најинтимен, реален и симболички, национален и творечки…
МАКЕДОНСКИ. „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш е пастозна драмска фреска која ги театрализира токму овие суштествени егзистенцијални топоси кои реални и фактички го детерминираат нашето постоење, нашето чувство на сигурност, нашата верба во иднина, пред сè онаа на нашите деца. Недобројните лица на оваа мошне екстензивна, во одделни мигови и малкуѕка хаотична пиеса се – луѓе во бегство. Обездомени несреќници кои своите ахасферски судбини упорно ги туркаат низ пределите и низ вековите, верувајќи дека еднаш среќно ќе ја разрешат проколнатата формула што Сартр ја запишал во прочуената синтагма „битие и ништожност“. И дека ќе стасаат до својата вечна куќа.
Бегајќи од општата ништожност што се заканува оти сите ќе нè поништи, едночудо драмски талкачи на Плевнеш – меѓу нив и многумина со неспорен историски или митски статус – постојано излегуваат и излегуваат на сцената за упорно да го бараат своето елементарно право на сопственото место, одајче, покрив, порта – ИМЕ! И го докажуваат тоа право со едночудо тапии, договори и секакви хартии за кои невидливите центри на моќ, преку своите адвокати, експерти за меѓународното право и останатите облигаторни односи, упорно им порачуваат дека е апстрактно и јуристички неиздржано.
Реплика што во оваа пиеса најмногу и најчесто се изговара гласи: „Откажете се од вашето барање“.
Да, ама Плевнеш ја пишува „Вечната куќа“ токму сега и токму затоа што – сега и овде, hic et nunc – сака да ја реафирмира еригонски парадоксалната стратегема на неоткажување, тој бунтовнички лозунг на неговата младост, неговиот непокор, неговата земја, неговата историја и неговиот народ.
НЕОТКАЖУВАЊЕ!
Во театрографијата на Јордан Плевнеш „Вечната куќа“ е жанровски детерминирана со циничната параалгебарска формула/досетка „Трагедија + време = комедија“. А нумерирана е (случајно?) како неговата пиеса број 13!
Бев гимназијалец кога, по земјотресот 1963 година заминав во Прага. Таму ги открив „седумте мали форми“, театрите „Семафор“ и „Редута“. Кабарето живееше во ЧССР, тврдината на сталинизмот! Кога престојував во Братислава зимата 1976/77 г. и кога ми ја забранија претставата „Големата вода“, ги добив двете забранети книги со текстовите на Милан Ласица и Јулиус Сатински од кои подоцна се роди кабаратеската претстава „Сојтарии“, за која текстовите на сонговите ги напиша Аљоша Руси. Со еден од неговите сонгови започнува нашата претстава. Бев во Прага за пречекот на новата 2000 година и ја купив „Книга за кабарето“ издадена 1988 година. Оттогаш често ја препрочитував. Колку големи имиња од светот на литературата и уметноста учествувале во авантурата што се одвивала во визбите со опскурни имиња! Рембо и Верлен, Алфред Жари и Аполинер, сите дадаисти, надреалисти и футуристи, Ведекинд и Брехт, Карл Краус и Курт Тухолски, Пикасо, Кокто и Превер! Цела галаксија од која што во нашата престава е застапено само едно делче.
Во декември 2010 година во Берлин ја видов изложбата „Хитлер и Германците“ и таму ја купив книгата „Доаѓањето на Третиот рајх – како нацистите ја уништија демократијата и ја освоија власта во Германија“ од Ричард Џ. Еванс: „Таму каде што сонговите беа премногу политички, како во славните берлински кабареа, јуришните одреди СА удрија жестоко, ги принудија на масовен егзодус изведувачите Евреи и ги замолчаа или отстранија пејачите и актерите со комунистички, социјалдемократски, либерални или левичарски убедувања. Преостанатите изведувачи ги исчистија нивните настапи од сѐ што е политичко. А од своја страна, нацистите, сфаќајќи ја популарноста на кабарето и неопходноста да не им ги одземат на граѓаните сите задоволства, се обидоа да стимулираат ’позитивно кабаре’, во кое сите шеги беа на сметка на антинацистите. Така нацистите го кастрираа германското кабаре во 1933 година. За некои кабаретисти тоа беше премногу. Паул Николаус, политичкиот конферансие на прочуениот берлински клуб Кадеко – „Кабарето на актерите“ – пребега во Луцерн, Швајцарија, и таму изврши самоубиство на 30 март 1933 година. „Барем еднаш, без шега,“ напиша тој во претсмртната порака, „си го одземам животот. Зошто? Не можев да се вратам во Германија без шегата. Сега не можам да работам таму, сега не сакам да работам таму, а сепак не можам да престанам да си ја сакам Татковината. Не можам да живеам во вакви времиња“.
Сценограф: Крсте С. Џидров
Костимограф: Марија Папучевска
Композитор: Марјан Неќак
Продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен
Инспициент: Вукица Александрова
Светло – мајстор: Илија Тарчуговски
Тон – мајстор: Александар Петровски и Александар Арсиќ
Суфлер: Агна Николоска
ВИЕНА: Артур Шницлер (1862-1931), виенчанец, австриски писател („Новела за сонот“) и драмски автор („Вртелешка“ и „Зелениот папагал“). Хитлер ги нарекол неговите дела „еврејско ѓубре“ и биле забранети од нацистите во Австрија и Германија. Кога Јозеф Гебелс на 10 март 1933 година нарачал јавно спалување книги, делата на Шницлер биле спалени заедно со делата на Кафка, Фројд, Хајнрих Ман и, покрај другите, на познатите кабаретисти Ерих Кестнер, Карл Краус и Курт Тухолски.
ПАРИЗ: Емил Гудо (1849-1906), основач и сопственик на кабарето „Црна мачка“ на Монмартр, отворено во декември 1881 година. Неговите „поздравни зборови“ се изговараат на почетокот на нашата претстава. Марија Крисинска (1860-1908), членка на дружината „Хидропати“, поетеса, авторка на стиховите за сонгот „Умира утката“. Жан Ришпен, автор на стиховите за сонгот „Балада за кралот на питачите“. Аристид Бриан (1821-1925), сопственик на кабарето „Свирче“, во нашата претстава присутен на славниот плакат од Тулуз Лотрек.
БЕРЛИН: Ото Јулиус Бирмбаум (1865-1910), писател кој се залагал за книжевно кабаре, автор на стиховите за сонгот „Ручек“. Рихард Демел, поет на „секојдневната Муза“, автор на стиховите за сонгот „Дрскиот простак“. Ернст фон Фолцоген, основач на „Шарениот театар“, отворен на 18 јануари 1901 година. Детлев фон Лилиенкрон, поет, автор на стиховите за сонгот „Иде музиката“. Ханс Хиан (1868-1944), поет, романсиер, кабаретист, автор на стиховите за сонгот „Џандарска песна“, настапувал во „Кабарето кај гладниот Пегаз“. „Џандарска песна“ е прв пат изведена 1903 година. Валтер Меринг (1896-1981), најважен автор и изведувач во „Дивиот театар“, автор на стиховите за сонгот „Дресура“. Валтер Меринг бил уапсен на швајцарско-германската граница во 1938 година, но успеал да им избега на есесовците и да пребега во САД.
МИНХЕН: Лудвиг Тома (1867-1921), новинар и поет, уредник на славното минхенско списание „Симплицисимус“ и настапувал во не помалку славното кабаре „Симплицимус“. Автор на скечот „Протестен собир“ и монологот „Војна“. Хајнрих Лаутенсак, поет, автор на стиховите за сонгот „Смртта пее“, настапувал во кабарето „Дванаесет џелати“. Карл Валентин (1882-1948), во нашата претстава е прикажан како седи на шанкот со хармониче во рацете, познат по тоа дека бил обожуван од Хитлер. Но, сепак, од 1937 година му биле забранети секакви јавни настапи. „Често слатко се смеев на вашите монолози,“ му рекол Хитлер на Карл Валентин кога наредил да му го доведат. А овој веднаш му одговорил: „А јас никогаш не успеав да се насмеам на вашите говори. А сега морам да си одам, со здравје, господине Хитлер!“ Валентин умрел на улица изгладнет, јадосан и лут на Бога и на светот. Денес во Минхен има негов музеј.
ЛЕНИНГРАД: Данил Хармс (1905-1942), писател, член на аванградната група „Оберјути“. Автор на стиховите за сонгот „Милион“. Два пати апсен и измачуван од Сталиновата полиција. Умрел од глад и туберкулоза во затворската психијатриска болница. Нашата претстава е посветена на сите познати и непознати носители на факелот на слободата и шегата низ десетиците „бизарни“ визби и катакомбите од Француската револуција до самракот на нацизмот и сталинизмот. Особено на оние кои за своите ѕвездени мигови биле казнети со забрани, прогонства, смрт во логорите распослани од Дахау до Камчатка.
Владимир Милчин
Примарното значење на францускиот збор кабаре (cabaret) е – крчма. А крчма е, нели, некое неформално, ширум отворено, гласно, жизнерадосно и апсолутно демократско место, општожитие, место на дружба и брза/лесна забава.
„Cabaret е мал, забавен театар во кој се изведува лесна шарена програма составена од пеење, танцови нумери и хумористично- сатирични скечови. Тој се развил во Франција во 18 век. Познати кабареа: Le Chat noir и Lune rousse во Париз, некогашниот Überbrettl во Берлин, Elf Scharfricter во Минхен, Max und Moritz во Виена, Летучая Мышь во Москва, Кривое зеркало во Петроград…“
Сите бедекери што сакаат да ве поучат како Париз да го шетате „во сто чекори“ задолжително ќе ви ја раскажат гламурозната приказна за легендарниот Chat noir, упикан во една од уличките на Монмартр. Кабарето одамна го нема, останале само приказните и репродукциите на убавите сецесиски постери со црниот мачор, што можете да ги купите во некое модерно кафуле со исто име, ама лоцирано на сосема друга адреса…
Дека во секоја театарска историја оваа кабаретска фаза е некое среќно и мошне херојско време докажува и нашиот македонски пример. Нашиве неспорни кабаретски корифеи биле и останале Димче Трајковски (1898-1978), прв и најстар македонски професионален актер, ама и Петре Прличко (1907-1995), последниот скомрах од балканските џадиња. И двајцата играле по кафеани долго, со децении, пеејќи и танцувајќи за да заработат за скромна вечера и тенок поминок.
Во историјата на секој театар кабаретската фаза е фаза што, во коцкарската терминологија, се нарекува va banque. Таа подразбира апсолутна слобода ама го вклучува и апсолутниот ризик. Кабаретскиот изведувач ги разгалува и ги засмејува своите гледачи така што кажува сè што сака, ги „пердаши“ сите околу себе, го прави сето она што тие што го гледаат и му аплаудираат не би се осмелиле ниту на сон…
Кај се границите на храброста (и на лудоста) на секој заколнат кабаретски изведувач?
За да достаса до зрела фаза на институција од национален маштаб, Македонскиот театар морал да ја помине и својата неодминлива кабаретска фаза. Да научи како да стане креативен, да игра va banque.
Во прочуениот филм на Боб Фос – оној со Лајза Минели и цел куп оскари (Cabaret, 1972) – овој наук е естетизиран во некои антологиски, беспрекорни, високобуџетски сцени: да речеме, онаа кога преполна германска крчма еуфорично, со кренати раце, ја пее песната за иднината која им припаѓа само ним. Бидејќи во неа ќе нема ама ни трошка место за поинаквите, останатите, другите…
Овој текст е базиран на вистинска приказна. По Втората светска војна, во Југославија, од високи инстанции од Белград, во Македонија доаѓа строго доверлива команда до инстанциите: да се испратат луѓе и голема механизација во напуштен стар рудник, на тромеѓата помеѓу Југославија, Грција и Бугарија. Наредбава е малку чудна бидејќи целото локално население знае дека рудникот го напуштиле некои Французи, уште во 18 век. Копај, копај – ништо. Прашањето е зошто ваква чудна наредба? Одговорот е во архивите на берлинскиот Рајхстаг. Разузнавачките служби на сојузниците, по паѓањето на Третиот Рајх, успеваат да најдат крајно педантно архивирана документација која докажува дека рудникот работел за време на војната. И дека остварувал големи приходи. Кој да се сомнева во германската прецизност!
Некој од важните и влијателни индустријалци и офицери блиски до Хитлер, за да ги тргнат своите деца од виорот на војната, измислуваат рудник во којшто нивните синови не копаат ништо, а тие го плаќаат, во Берлин, тоа што не е ископано.
Оваа драма му ја посветувам на мојот дедо Ристо Дуковски
ИЗГУБЕНИ ГЕРМАНЦИ ИЛИ, ЛОВ НА ПЕПЕРУШКИ
Дејан Дуковски
„БРАЧНА ИГРА“ МИРИСА НА НЕШТО ЕПТЕН ЛИЧНО
Брачна меланхолија!? Здодевност!? Баруштина!? Очај!? Здодевност!? 50 години!? Хистерија како гром од ведро небо!? Караница!? Здодевност!? Брачни проблеми!? Тоа па тоа!? Кој е лудаков!? Здодевност!? Што бара во мојот живот!? Џилијан и Џек!? Весна и Игор!? Јасна и Перо!? Маре и Нико? Тука? По градов? Некаде во соседството? Бла бла бла... Кај на сваќата внуката од брат? Кај кумовите? По дома? А? Познато? Мириса на нешто лично?
Мириса на нешто многу лично!
Брачна игра на Едвард Олби гарантира феноменално патување низ нервниот систем на Џилијан и Џек! Конфликт до коска! Тешки прашања сѐ уште без одговори. Психоанализа до баналност! Трагика до комичност! Љубов до омраза! Брак до развод, и назад! Феноменална забава, божем на туѓа сметка.
Тоа е тоа! Џилијан и Џек, како Весна и Игор ИЛИ Весна и Игор како Џилијан и Џек!Како вистинска дама Весна Петрушевска грациозно ги игра зададените улоги и сигурно чекори низ игрите кој животот ги носи. Со Џилијан проникнува во себе, се навраќа на минатото и се соочува со компромисите кои секоја игра ги бара. Започна и заврши една игра, се справи со сѐ што носи таа, застана на полињата на тајни, лаги, вистини ... Сега, ужива во животот и храбро ита кон нови игри!
Во една реплика Џек вели: Јас повеќе не го менувам мислењето, јас го менувам својот живот. Така и Игор Џамбазов по брачната трка која ја трчаше 13 години, одлучи да го смени својот живот и никогаш повеќе да не го трча тој маратон. Поради тоа, продолжи да чекори по пат поплочен со нови не/мирни игри кој тој ги носи, предизвици, нагорници и надолници, не/пријатели, познаници и помалку познати...
Едвард Олби можеби официјално никогаш не заплови во брачните води, но затоа на едноставен, директен и мошне комуникативен начин ја испиша актуелната „Брачна игра“. Драма која започнува со ритуална игра, продолжува во бескрајна симболична војна на идентитети, човечност, поврзаност, фрустрации, разочараност... за со доза на лиричност да се трансформира во сценска поезија.
Тони Михајловски... пуста младост, пуста лудост... брачна среќа од 3 години... развод... нови искуства... искушенија... нов почеток... нов „луд“ брачен камен... 5 години... пу пу вечно да му трае...