Само глас
Кој се плаши од Вирџинија Вулф

Автор: ЕДВАРД ОЛБИ
Режисер: СИНИША ЕВТИМОВ


 

КОЈ Е КОЈ И ШТО Е ШТО ВО ОВАА ПРИКАЗНА

KGF_5359„Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ - најпознатата пиеса на Едвард Олби; еден од неколкуте највпечатливи драмски наслови, чијашто популарност се едначи со онаа на „Чекајќи го Годо“, „Столови“, „Госпоѓица Јулија“, „Три сестри“, „Животот е сон“, „Дон Жуан“, „Хамлет“, „Антигона“... за овие наслови слушнале дури и оние што драмите на кои се однесуваат никогаш не ги гледале или читале. „Вирџинија Вулф“ е праизведена пред точно половина век: на 13 октомври 1962 г., на Бродвеј, во тогаш престижниот Били Роуз Театар. Оценета е како шокантна, контроверзна, остра, возбудлива, неодолива...


Наредната година, 1963 г., авторот ја добил престижната награда Тони, која се доделува за најдобрата пиеса изведена на Бродвеј. Истата година „Вирџинија Вулф“ била номинирана за најугледната американска награда, Пулицер, ама номинацијата завршила скандалозно: откако жирито веќе ја донело одлуката дека победничката драма е токму таа на Олби, бордот на наградата Пулицер, составен предимно од угледните професори на ептен угледниот универзитет Колумбија решил одлуката да не ја потврди. Таа година Пулицеровата награда за драма останала недоделена.


Во текот на изминативе педесет години „Вирџинија Вулф“ просто ги окупирала театарските сцени ширум светот, постигнувајќи - меѓу другото - и енормен медиумски но и комерцијален успех. Од сцените на Бродвеј никогаш и не слегувала. Дури и самиот Едвард Олби успеал да режира две постановки (1976 г., 1989 г.). Во постановката од 1989 г. Марта ја играла големата Гленда Џексон. На 13 октомври 2012 г. - точно на педесетгодишнината од праизведбата - закажана е најновата бродвејска премиера на „Вирџинија Вулф“.


KGF_5342Џорџ и Марта - протагонистите на Олби, кои авторот цинично ги именува според легендарната претседателска двојка Вашингтон: Џорџ (1732-1799) бил прв претседател на САД (од 1789 до 1797), прв политичар што се здобил со лукративниот третман „татко на нацијата“. Марта (1731-1802), неговата верна сопруга и мајка на нивните четири деца, официјално е првата прва дама на САД. Давајќи му го на својот безличен и наводно сосема неспособен професор по историја името на историскиот лик par excellence, а на неговата бездетна и фрустрирана жена името на митската „мајка на американската нација“, Олби го повлекува еден од многуте радикални стилоиндикативни потези од кои неговата пиеса, просто, врие.


Хани - популарно американско женско име, кое (меѓутоа!) имплицира и одреден статус на жената и на нејзината примарна функција во општеството. Етимолошки е сврзано со именката мед (honey), та може да значи мила, сладосна, срценце, шеќерче... Секоја од варијантите упатува на посакуваните карактерни особини што добра сопруга и мајка задолжително треба да ги има. Во драматуршкиот систем на Олби, субверзивниот писател кој милува да се поигрува со класични- от поетички постулат “nomen est omen”, карактерните особини на ликовите редовно се радикално спротивни кон „пораките“ што ги емитуваат нивните имиња.



Ник
- кратенка од Николас, машко име кое се изведува од латинската форма Nicolaus, изворно од грчката Николаос/Νικόλαος, составена од два збора: никe/Νίκη - победа и лаос/λαος - народ. Ник(олас) би требало да е победител на народите, некој што ќе умее да ги држи во покорност и беспрекорно да ги контролира. Во драмата на Олби, Ник постојано го искажува својот копнеж по моќта и успехот, својата пуста желба за доминацијата, својата безгранична потреба што побргу да стане еден од „опасните“, од тие што решаваат за судбината на светот. Биолог по струка, русокос и мускулест по раѓање, бескрупулозен по карактер и амбициозен по правило (default) (т.е. без покритие), тој верува дека е предодреден да ги контролира големите нешта. Да стане политичар, на пример. Во една од своите убиствени реплики од третиот чин, Марта иронично ги первертира неговите скришни намери, кажувајќи му: „О... колку само ништо не знаеш. А ќе го освојуваш светот, а?“


 

УЛОГИ





Сенко Велинов - Џорџ
Весна Петрушевска - Марта
Сашко Коцев - Ник
Јелена Јованова - Хани


Сценограф: Синиша Евтимов
Превод од англиски: Рајна Кошка Хот
Костимограф: Александар Ношпал
Продуцент: Виоле та Дамевска - Ѓоргиева
Плакат: Срѓан Јаниќијевиќ
Инспициент: Вукица Александрова
Суфлер: Зорица Благоевска
Тон - мајстор: Ненад Трпеновски
Светло - мајстор: Горјан Темелковски




СИТЕ СЕ ПЛАШАТ ОД ВИРЏИНИЈА ВУЛФ


KGF_5290Mногумина би станале кукавици кога би имале доволно храброст”. Според нашето скромно мислење, оваа реченица е најдобрата појдовна точка за да се навлезе под драматуршката кожа на една од најславните пиеси во светската драматургија. Кои сме ние? Од каде доаѓаме? Каде одиме? Додека овие есенцијални прашања постојано ни дишат во вратот, авторот нè соочува со темата која драматично го поставува следното прашање: што е реалност а што е илузија? Според објаснувањето на самиот Олби, тоа е едно од најсериозните прашања во нашите животи: „Кој се плаши да живее без лаги и илузии?” Ако ги отфрлиме сите илузии што останува? Многу малку, а тоа што ќе остане се вика сурова реалност.
Затоа драматуршката градација е жестока и незапирлива. Од расправија до навредување, од навредување до повредување, од повредување до тотален хаос, па дури и до физички напади, за да се кулминира со смртта на нивното дете и тоа измислено! Само си играме? Конфузно и сурово. И кога ќе помислите дека главните ликови се толку очајни и на работ на понорот и пропаста, се случува нешто сосема изненадувачко! Тие паѓаат во долга прегратка изговарајќи ги веќе познатите зборови: „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?” И тогаш сфаќаме дека тие страсно се сакаат! Редок импресивен крај на драмска пиеса.


Зошто на тие високо интелектуални умови им беше потребен ваков садо-мазохистички однос? Дали толку многу заглавиле во апстракција што повеќе не можат да распознаат што е реалност а што е илузија?


Стравот е ламја со безброј глави.


Сложеноста на човечката психа во оваа пиеса насликана е со хируршка прецизност која боли, но истовремено зачудува и фасцинира! Промискуитетот, смрзнатите срца, празниот живот без деца... сите ликови во пиесата ги прави активни и пасивни чудовишта. Брак од корист, блискост и омраза, очај и задоволство, темната страна на човечката душа, се само дел од темите на ова богато драмско дело. Таа испреплетеност на нездрава зависност помеѓу мажот и жената, колку и да е болна, сепак дава утеха и засолниште од сè што заплашува. Само инвентивни и храбри театарџии се нафаќаат да го работат овој драмски текст, свесни за големиот ризик и неизвесната авантура во која упаѓаат, но истовремено и за големото естетско задоволство!
Кој се плаши од Вирџинија Вулф?
Сите се плашат од Вирџинија Вулф. Само секој различно се бори против стравот.



 
  • Година:: 2012
  • Премиера:: 16.03.2012
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304 и +389.2.3216.366

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725 и +389.2.3216.366

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk

 

Какви известувања сакате да добивате?