Култниот режисер Горан Марковиќ гостува во МНТ

Славниот филмски и театарски режисер Горан Марковиќ во вторник на 6 март, во 20:00 гостува во Македонски народен театар, по повод изведбата на претставата „Говорна мана“. Минатата година на 15 март, на малата сцена во МНТ премиерно беше поставена оваа претстава по текст на Марковиќ, а во режија на Драгана Милошевска-Попова.

Марковиќ е филмски и театарски режисер, сценарист, есеист и писател. Роден е во Белград 1946 г. како син на двајца познати актери, Оливера и Раде Марковиќ. Студирал на филмската академија ФАМУ во Прага, на отсек режија, каде завршил 1970 г. и почнал да работи на телевизиски документарни филмови. Режисер е на филмовите: „Специјално воспитување“ (1977), „Национална класа“ (1979), „Вариола вера“ (1982), „Тајванска канаста“ (1985), „Веќе видено“ (1987), „Тито и јас“ (1992), „Урнебесна трагедија“ (1995), „Србија, година нулта“ – документарен филм (2001), „Кордон“ (2002), „Турнеја“ (2008), „Фалсификатор“ (2012) и други.

 Горан Марковиќ е професор по режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Добитник е на повеќе од триесет награди за своето богато филмско и театарско творештво. Автор е на три книги: „Чешката школа не постои“, „Мали тајни“ и „Три приказни за самоубијците“, потоа еден краток роман „Тито и јас“ и дневничката проза „Една година“. Драмски автор е на „Мали тајни“, „Делириум тременс“, „Вила Сашино“, „Мајстори, мајстори“, „Говорна мана“ и други.

Она што Марковиќ го напишал во „Говорна мана“ е брилијантна слика на она што тој го доживувал во своите детски денови во театарот. Се занимава со проблемот на театарот и театарските луѓе, а всушност преку театарот и со целото општество. Текстот „Говорна мана“ на Горан Марковиќ е напишан и поставен првпат во Белград, во доцните деведесетти. Текстот низ една трилер-ситуација на љубовен триаголник се занимава со врската меѓу политиката и уметноста, а и врските меѓу криминалот, бизнисот и политиката. Во свет раслоен на полуписмени богаташи од една страна и бедни интелектуалци и уметници од друга, некаде меѓу светот на театарот и реалниот свет, како поглед низ клучалка зад сцената, текстот е критика на една политичка елита, која бескрупулозно се збогатува со помош на политиката.

Приказната се раскажува преку ликовите Мишел Радински кој го игра Игор Џамбазов, Петар кој го игра Ивица Димитријевиќ, и женскиот лик Славица која ја игра Сашка Димитровска. Покрај нив на сцената се и: Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.


Срдечно,

НУ Македонски народен театар
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk