МНТ И „ЕЛЕКТРА“ НА 57-ТО ИЗДАНИЕ НА МЕСС

Традиционално во Сараево, Босна и Херцеговина од 30 септември до 8 октомври ќе се одржи Интернационалниот театарски фестивал МЕСС. Една од продукциите, кoja оваа година ќе биде одиграна во селективната програма е „Електра“ во режија на Андриј Жолдак, во продукција на Македонскиот народен театар. Со ова гостување на МНТ, на МЕСС повторно се враќа украинскиот режисер Жолдак, кого сараевската публика го памети по претставата „Животот со идиотот“.

За селекцијата на „Електра“ во соопштението од Фестивалот се вели дека таа е „сурова и брутална и го поставува прашањето зошто човековата реакција на екстремните околности речиси секогаш е насилство и циклус на одмазда и зошто тоа од времето кога е напишана ’Електра‘ никогаш не се сменило?“

Македонскиот народен театар со „Електра“ ќе настапи на 2 октомври во Босанско народно позориште, Зеница во 20 часот. Во ова фестивалско издание учествуваат 13 земји (Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Македонија, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора) со 22 претстави, многу различни по содржина, како во театарските форми така и тематски ― од танчарски театар, преку марионетски опери, до театар, предавања и перформанси.

Во ова фестивалско издание програмата ги опфати највпечатливите европски режисери во последните години, меѓу кои и Мило Рау, кој ќе гостува со претставата „5 Easy Pieces“. Италијанската трупа МОТУС, која за првпат гостува на МЕСС со претставата „MDLSX“, во режија на Даниела Николо и Енрико Касагранде, „Слободата е најскапиот капиталистички збор“, претстава во продукција на БИТЕФ, во изведба на Камерен театар 55, Србија. Потоа следува претставата „Непожелна“ од Франција, во режија на Дороте Мунанеза, кореографка и авторка од Руанда. Трупата Вокс Попули од Бугарија ќе настапи со претставата „Мир во вас“ во режија на Неда Соколовска. Полска ќе се претстави со претставата „Еден гест“ на „Нови Театар“, Полска во режија на Војтек Зимилски. Аргентинската кореографка Марина Отеро на публиката ќе ѝ се претстави со перформансот „Сеќавајќи се 30 години за да се живее 65 минути“.

Судејќи по најавената програма, ова ќе биде прекрасно издание на МЕСС, во чиј фокус се опфатени: „атипични наратори и нараторки, оние чии гласови во општеството поретко се слушаат, а најчесто ќе ни ги раскажат жени, но и интерсексуални личности, деца, бегалци или луѓе со телесни тешкотии“.

Интернационалниот театарски фестивал МЕСС уште од своите иноваторски  почетоци, бил спремен, со сите досегашни раководства низ својата историја, дури и во невозможните околности во Босна, да создаде културно засолниште за сите генерации, ризикувајќи и вложувајќи во најхрабрите и најинтересни уметнички проекти. Тоа е причината што  Интернационалниот театарски фестивал МЕСС е еден од водечките фестивали на овој дел од Европа.

Во прилог е линк од програмата на МЕСС

http://www.mess.ba/2016/13-program-mess2017/157-elektra

Срдечно,

НУ Македонски народен театар
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk