Предупредување
  • JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 983

Аферата Елсинор

Автор: ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ
Режисер: ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ


[vc_text_separator title="СЛУЧАЈОТ ГЕОРГИЕВСКИ" title_align="separator_align_center" color="grey"]

KGF_3790


Кога сплетките ќе остарат, од нив се прават митови. Грчките митови се почеток на трачот во литературата. Денешните телевизиски сапуници правени се според истата драматуршка матрица, само завиткани во современ „целофан“. Гледано од овој аспект, делата на Ф.М. Достоевски се првата „телевизија“ која се појавила уште во 19 век! Што ќе остане од завалијата Вилијам (познат по прекарот Шекспир) ако му се одземат слоевите на поетичност и мисловност? Најобична црна хроника што секојдневно ја среќаваме во сите медиуми.


Малкумина знаат (проверено ми е!) дека Хамлет потекнува уште од десеттиот век од древната исландска приказна „Амлет“, збор кој и денес во јазикот на тој народ значи „лудак“. Зошто зборот лудак го ставаме под знакот наводници? За секој случај. А особено заради случајот „Аферата Елсинор“, безобразно радикална и лудачки храбра пиеса на вечниот театарски „детектив“, професорот Љубиша Георгиевски. Еден од ретките режисери кој може да изрежира и телефонски именик, но истовремено со леснотија да ги демистифицира и најголемите митови. Следејќи го принципот дека „нема ништо полошо од добра претстава“, неговите режии и пиеси се движат по работ на сечилото на ножот, стојат на врвот на една шпенадла, но истовремено експлодираат во бескрајниот метафизички простор во нас, но и многу подалеку од нас!


Секогаш ќе има самотија за тие што ќе ја заслужат. Само големите уметници ја разбираат осамената воздишка на славниот Емил Сјоран: „Не гледај нагоре. Таму нема ништо. Вселената е само полупроизвод на нашата тага. Пиесата „Аферата Елсинор“ го носи овој сомнеж како ментална тетоважа, но во ниту еден миг не го запира својот жесток драматуршки танц помеѓу еросот и танатосот!


Една од најголемите и најславни теми во литературата е темата на таткоубиство. „Хамлет“ е на врвот на таа планетарна слава. Напишани се на тони книги, одбранети се безброј докторати, а многумина го потрошиле целиот свој живот за да ја одгатнат големата тајна на данскиот принц. За да ги цитирам тие автори, не ми дозволува моето енциклопедиско незнаење. А да измислувам мои оригинални видувања за Хамлет, не ми дозволува моето домашно воспитување.


 Во пракса, за да го убиете сопствениот татко, не мора да сте цар Едип, угледен член на некоја казнено-поправна установа или прв братучед на С. Фројд. Доволно е искрена желба и слободен термин, а за оружје колај работа. Денес полесно е да се купи противтенковска граната отколку карбуратор за „фичо“. Но, како да го убиете својот „духовен“ татко? Од лично искуство можам да ви кажам дека тоа е долгогодишна и аргатска работa. Како да се пишува за својот професор, соработник, пријател и човек кој носи бунда од див босански волк? Има два начина. И двата се погрешни.


Без етика - нема естетика.


Пред скоро 40 години, во еден ресторан на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, на иста маса седевме ние студентите по актерска игра во класата на Љубиша Георгиевски, заедно со Јосип Видмар и Јоже Јаворшек, едни од најмоќните функционери и блиски соработници на другарот маршал Тито! (Во тие времиња заради „вербален деликт“ се одеше во затвор!) Долго време таа вечер и обајцата го предупредуваа нашиот професор да не ја режира пиесата „Ослободување на Скопје“ од Душан Јовановиќ, а кога почнаа да му се закануваат и да мавтаат со показалецот кон него, тој им се извика: „Ќе ја режирам пиесата и ќе ви ги скршиме главите!“ И додека ние тоневме во гробна тишина како во буре со катран, лутите политичари демонстративно ја напуштија нашата маса! Набргу по овој настан, Георгиевски стана „случај“. Заради неговата драматизација и режија на „Свадбата на Мара“ беше обвинет и се најде пред суд!


Малиот простор и големата Јелена Лужина, не дозволуваат повеќе анегдоти.


Оваа мини театарска колумна ја пишував долго време, со голема љубов, почит и благодарност кон мојот професор. Најискрено се надевам дека ќе биде барем мал придонес кон овој грандиозен и фасцинантен животен и професионален јубилеј.


И на крајот, за сите скептици и неверници: На бундата, што ја носи професорот, сè уште стојат неоштетени канџите на волкот!


Братислав Димитров



 


УЛОГИ






 




Владо Јовановски - Клаудиј

Ирена Ристиќ - Гертруда

Јордан Симонов - Хамлет

Искра Ветерова - Офелија

Ѓорѓи Јолевски - Полониј

Борче Начев - Лаерт

Магдалена Ризова -Черних - Хорацио

Гораст Цветковски - Марцело

Славиша Кајевски - Озрик

Александар Ѓорѓиески  - Розенкранц

Емил Рубен - Гробарот

Никола Ацески - Актерот

Александар Микиќ - Наполеон Бонапарта

Никола Ацески - Маркиз де Сад

Славиша Кајевски - Цар Едип

Трајче Ѓоргиев - Фридрих Ниче

Дарја Ризова - Македонка Филиповна

Арна Шијак - Шарлота Корде

 

Сценограф: Мери Георгиевска

Костимограф: Никола Ефтимов

Избор на музика: Љубиша Георгиевски

Помошник - режисер: Изабела Новотни

Извршни продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен

Дизајн на плакат: Елена Јовановска

Тон - мајстор: Александар Петровски

Светло - мајстори: Илија Тарчуговски и Игор Георгиев

Инспициент: Вукица Александрова

Суфлер: Агна Николоска

ЕЛСИНОР ИЛИ, АКО САКАТЕ, ТАТКОВИНАТА


Дворецот Елсинор, во кој Шекспир решил да ја вдоми својата најславна пиеса „Хамлет“, во стварноста се вика Кронборг. Во превод: крунски или кралски дворец. Изграден е на територијата на Данска, на почетокот на 15 век, за да го обезбедува влезот во тесниот и ептен важен морски канал низ кој се влегува во Балтикот. Каналот, широк некои три-четири километри, и денес ги спојува, или ги дели, двете европски кралства: Данска и Шведска. На својата страна од брегот, Швеѓаните се обезбедиле со слична тврдина. Попатно: Шекспир никогаш не го видел Кронборг, туку (најверојатно) само наслушнал за неговата голема важност, соодветно го имагинирал и го нарекол со име што подоцна прераснало во мит. Имињата се, главно, митски категории. Инаку, Шекспир воопшто не патувал (освен од Стратфорд до Лондон и назад), па егзотичните дестинации од своите пиеси - Кипар, Венеција, Верона, Илирија... - само ги домислувал. Многупати паушално, како во „Бура“, каде Милано е војводски град лоциран на морскиот брег!

 

KGF_3697Кон крајот на 17 век, по една од инвазиите врз данската територија, Швеѓаните го освоиле Кронборг и го држеле некое време. Го зацврстиле и го доградиле со нови кули и тераси и го престориле во една од најсилните тврдини во Европа. Од некогашната данска кралска резиденција го преформатирале во голема воена база, попатно и во зандана. Наредните два века, и кога Данците успеале да си го вратат во владение, Кронборг останал воена база и зандана за сериозни злосторници. И ќе останеше таков кој знае колку, ако пред извесен број години некои луцидни и практични Данци не се сетиле да ги искористат неговите компаративни предности и да го промовираат во туристичка атракција од прв ред. Елсинор, кој веќе никој не го вика Кронборг, денес е идеален/„автентичен“ хамлетовски дворец, лоциран на одвај саат возење од Копенхаген. Едноличен низински пејзаж, калливо и мирно море, сосема обична тврдина чијшто импресивен безбедносен потенцијал не ветува никаква драматика, за некакви духови ич да не зборуваме, сето тоа на прагматичните Данци не им пречело од Шекспировата метафора за кралство/држава да го направат во еден од најпрофитабилните погони на глобалната културна индустрија. Или, поедноставено, погон за правење пари.

 

 

 

Работата започнала бенигно и прилично интуитивно: во 1816 г., за да ја одбележат 200-годишнината од смртта на Шекспир, војниците што го чувале дворецот-зандана и најверојатно смртно се досадувале, решиле аматерски да го одиграат „Хамлет“. Традицијата се зацврстила. Оттогаш до денес, оваа митска пиеса постојано се изведува на некоја од локациите на Кронборг. Или, ако сакате, Елсинор, митската татковина на Хамлет. Лоренс Оливие, Џон Гилгуд, Кристофер Пламер, Дерек Џекоби и еден куп шекспировски ѕвезди, главно од англиско потекло, во Елсинор го играле митскиот дански принц.

 

Во колективната меморија на светот, во она што кај Фројд и кај Јунг се именува како колективното несвесно, Елсинор е метафикционална татковина на еден несреќен владетел во настанување, сосема непрактичен тип, интелектуалец кој чита книги и многу зборува, човек апсолутно некадарен да се справи со суптилните политички игри и интриги без кои, знаеме, реалниот свет не функционира. KGF_3931Во една од своите најлуцидни книги („Шекспир нашиот современик“, 1965), големиот полски и светски театролог Јан Кот вели дека во проколнатиот Елсинор (метафора за светот кој хиперсензибилниот и соодветно неснаодлив интелектуалец Хамлет го чувствува како зандана!), секоја завеса крие некоја опасност. И некој незгоден сведок. Стравот што владее меѓу елсинорските ѕидини голта сè: брак, љубов, пријателство, слава, моќ, традиција... „Тука политиката ги притиска сите чувства и од неа не може да се избега. Сите лица во драмата се отруени од неа. Зборуваат само за политиката. До - лудилото“. Елсинорскиот „Хамлет“ е пеколна пиеса во која виртуозно се театрализира лудилото (на политиката) и во која, очекувано, врие од мртовци. Како и да ги броите, ќе констатирате дека се најмалку осуммина и дека речиси сите умираат мошне млади, редум од насилна смрт.

 

Чуму? Најновата пиеса на Љубиша Георгиевски, уште една од многуте варијации на вечната Хамлет-тема (со која веќе се поигрувале и Том Стопард, и Хајнер Милер, и Ежен Јонеско и кој не!), целосно е фокусирана токму на ова непријатно, цинично, сосема дистописко чуму. Чуму Хамлети во скудното време во кое планетата ја губи (или само ја забаталува) политичката интуиција, дури и политичката интелигенција? Чуму идеалистичкиот патос кога судбините и онака ни ги одредува ефикасното движење на капиталот, тривијалната прагма „купи-ден-помини“? Чуму зборови кога, на крајот, и така ќе остане само молчење?

„Остатокот е молчење“ - вели Шекспировиот Хамлет на крајот од петтиот чин, пред да ја испушти душата и татковината да ја предаде, без борба, во рацете на дојденецот Фортинбрас, oсвојувач-практичар кој елсинорскиот џумбуш ќе го суреди бргу и ефикасно, со железна рака: forte braccio. Шекспир, врвен циник, одредил последниот/тестаментарен збор што го кажува еден од најголемите дрдорџии во светската драматика да биде - молчење.

Драмскиот писател Љубиша Георгиевски влетува, со умисла, токму во тој простор на длабокиот сценски молк. Непрегледен и поларно студен. И ја започнува интригата со наслов „Аферата Елсинор“.

Во која политиката - упс: пиесата! - ја играат некои вистински, ептен вешти политички играчи, премачкани со сите масла и бои. Во „Аферата Елсинор“ Хамлет и не може да биде ништо освен - епизодист.

 

Јелена Лужина

 

 

 

МАНИФЕСТ НА АВТОРОТ 77/55

Овој театарски храм, со силина на трубите Ерихонски, го најавува времето кога македонската култура дефинитивно излегува од својот парохијален менталитет.

 

KGF_2948

 

 

Сега веќе не е проблем како да се навезе ‘проста македонска песна’, туку како да се изнедри место за нашата култура во глобалното соѕвездие. И како со нашето пелтечаво мислење да се навјаса нашето брилијантно пеење? Ова е местото каде треба да се посее зрното на нашата надеж: hic Rhodus, hic salta! Тоа што Македонецот не го може со сила или со пари, го може со творештво. Со култура. Оти, нашата маштеа Историјата, ќе тече и ќе влече, можеби еднаш ќе нè одвлече и нас, но нашата култура ќе остане да пее за нас.

 

Мојот живот, а особено моето творештво, моето 77/55, беше враќање на Одисеј во Итака. Итака е Театарот како азил, ако не на самиот живот, барем на неговата загубена смисла. Минав низ Театарот на крилја и на тркала како ангел и како магаре, од најпустата на светот Зеница, до градот на Свет-Сон - Лос Анџелес, и ако таму имав кошмари, тоа е затоа што сонував!

Минав и низ Театарот-Огледало, и ако таму ме скршија оние што на самите себе си беа грдулави, тоа е затоа што не сакав да бидам ништо друго освен огледало.

 

Минав и низ Театарот како Политички Азил, и ако таму понекогаш блескав, макар и како азилант, тоа е затоа што горев!...

Сиот живот, токму како Одисеј, бев гостин: во Прилеп и во Далас; во Штип и во Париз; во Струмица и во Варшава; во Битола и во Виена; во Куманово и во Москва...

 

Вечерва, моето 77/55, среде барокниов раскош, ќе мине низ еден минималистички Театар на Метафизика. Зашто јас конечно, оддалеку но јасно, ја здогледувам својата Итака, додека Театарот/Пенелопа верно ме чека. Благодарејќи ви од срце што ме истрпевте цели 55 години, ве молам само за едно нешто: вечерва да не сеирите, туку, додека ја гледате, да ја довршите претставата што јас не ја довршив, зашто од сите мои 161 досегашни претстави, ниту една не довршив, и, да не бевте вие, публиката, ќе си останев и самиот недовршен...

 

Љубиша Георгиевски

  • Година:: 2014
  • Премиера:: 12.02.2014
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk