15 септември во 11:00 закажана е прес-конференција по повод фестивалската програма – „Иван се враќа дома“

Конференција за печат за најава на почетокот на фестивалот Иван се враќа дома



Во петок, 15 септември, со почеток во 11.00 часот, во Македонскиот народен театар, ќе се одржи конференција за печат, за најава на почетокот на фестивалот на претстави од македонскиот театарски режисер Иван Поповски. Фестивалот „Иван се враќа дома” е организиран од еден од најреномираните руски театри „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва, и ќе се случува на сцената на МНТ од 16 до 23 септември 2017 година.

Пред медиумите ќе се обратат директорот на театарот „Мастерскаја П. Фоменко” Андреј Воробјев, директорот на Македонскиот народен театар Драган Спасов Дац и режисерот Иван Поповски.

 

 

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва, го претставува фестивалот „Иван се враќа дома”. 

По прв пат во Македонија три спектакли од режисерот Иван Поповски на сцената на МНТ:

- Алиса зад огледалото (7+) - 16 и 17 септември

- Отровната туника - 19 и 20 септември

- Сон на летната ноќ - 22 и 23 септември

Доделувањето на престижната награда „Златна маска” за најдобра претстава во Русија во 2015 година на „Сон на летната ноќ”, беше на некој начин официјализирање на реакциите на печатот и публиката што ѝ претходеа на наградата. Печатот едногласно ја прогласи претставата за извонреден театарски настан – „...во време кога се чини дека веќе ништо не предвидува радосна театарска игра, на публиката ѝ се случи ’Сон на летната ноќ‘ произведувајќи ефект на кислородна терапија за оние што се задушуваат... ”, и ја опиша како „дефинитивно исклучителна претстава и, најверојатно, пресвртница што ќе внесе нова надеж во скриените ресурси на театралноста, како кај Мастерскаја на Пјотр Фоменко, така и кај театарскиот систем во целина”. 

„Алиса зад огледалото” е првата претстава за деца и возрасни на „Мастерскаја П. Фоменко” и првата претстава од ваков вид на Поповски. И оваа претстава ја одушеви критиката, која заклучи дека „...Поповски го послушал советот на писателот да не ги објаснува неговите измислици, а си поставил за цел да ги оживее на сцената... поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва...”. Претставата ја одушеви и специфичната публика за која Поповски по прв пат режираше, а критиката уште напиша: „да се забавува сегашното, во секој поглед разгалено дете со театарски средства, така што неговите очи да светат од воодушевување цели три часа - оф, тоа не е лесна работа!”. „Алиса зад огледалото” ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца.

„Отровната туника” е волшебна, и воедно егзотична постановка на трагедијата на Гумиљов. Таа се игра на репертоарот на „Мастерскаја П. Фоменко” веќе 15 години предизвикувајќи несмален интерес кај публиката, поради што билетите за претставата се продаваат според листа на чекање. „Никогаш досега не се чинело возможно на таков начин да се претстави тоа трагично спокојство, полно со романтични мечтаења, кое ја сочинува суштината на поезијата на Гумиљов. Поповски навистина го знае клучот за несценичните, но најпрекрасни театарски текстови на руската модерна“, напиша печатот за претставата, оценувајќи ја и како „прескапа, но безумно убава”.

Билетите се во продажба преку: https://www.kupikartizase.com/category/mnt

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk