75 години МНТ
ПОРАКА ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ 27 март 2020
Театарот како светилиште - Шахид Надим (драмски автор, новинар)
За време на Аџока турнејата во Индискиот Пенџаб во 2004, после топлиот пречек на претставата пред огромниот број на рурална публика, еден стар човек му пријде на актерот кој ја играше улогата на големиот Суфи. Старецот го придружуваше младо момче. „Мојот внук е многу болен; ќе фрлите ли еден благослов врз него?“ Актерот малку се повлече назад и рече: „Бабаџи (10), јас не сум Булех Шах, јас сум само актер кој ја игра таа улога.“ Старецот почна да плаче и рече: „ Те молам, благослови го мојот внук, јас знам дека тој ќе закрепне ако ти го сториш тоа.“ Ние му советувавме на актерот да ја исполни желбата на старецот. Актерот го благослови младото момче. Старецот беше задоволен. Пред да си замине, тој ги изговори следниве зборови: „Синко, ти не си актер, ти си реинкарнација на Булех Шах, негов Аватар.“ (11) Одеднаш пред нас се отвори цел еден нов концепт на актерска игра каде што актерот станува реинкарнација на ликот што тој или таа го портретира.
Јас сум секуларна личност и мојот интерес за Суфизмот е воглавно од културна природа. Јас сум повеќе заинтересиран за изведбениот и уметнички аспект на Пенџабските Суфи поети, но мојата публика која можеби не е од екстремисти или фанатици, сепак би можеле да имаат искрени верски убедувања. Истражувањето на приказните како таа на Булех Шах, а ги има многу во сите култури, може да стане мост меѓу нас, театарските практичари и непознатата, но ентузијастичка публика. Заедно, можеме да ги откриеме духовните димензии на театарот и да изградиме мостови меѓу минатото и сегашноста водејќи се кон иднината која е судбина на сите заедници; верувачи или неверувачи, актери и старци и нивните внуци.
Причината зошто ја споделувам приказната на Булех Шах и нашето истражување на Суфи театарот е во тоа дека додека трае изведбата на сцената, ние сме понекогаш понесени од нашата филозофија на театарот, од нашата улога како предвесници на општествените промени и ние, правејќи го тоа, оставаме голем дел од народните маси зад нас. Во нашиот ангажман со предизвиците на сегашноста, ние се лишуваме себеси од можностите на подлабоко движење на духовното искуство кое може да ни го пружи театарот. Во денешниот свет, каде фанатизмот, омразата и насилството се повторно во пораст, народите се устремуваат против народите, верниците се борат со други верници и заедниците фрлаат голема омраза наспроти другите заедници… и во меѓувреме децата умираат од неухранетост, мајките за време на породувањата заради недостаток на навремена лекарска грижа, а идеологијата на омразата цвета. Нашата планета тоне се подлабоко и подлабоко во климатска и климактичка катастрофа и веќе може да се чуе топотот на коњите од Четворицата Јавачи на Апокалипсата. (12) Ние мораме да ја надополнуваме нашата духовна сила; мораме да се бориме против апатијата, летаргијата, песимизмот, лакомоста и непочитуавањето на светот во којшто живееме, на Планетата на којашто живееме. Театарот има улога, благородна улога во витализирањето и мобилизирањето на хуманоста за да се подигне себеси од спуштањето кон бездната. Тоа може да ја подигне сцената, изведбениот простор во нешто свето.
Превод на македонски јазик: Сашо Огненовски
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304 и +389.2.3216.366

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725 и +389.2.3216.366

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk

 

Какви известувања сакате да добивате?