13.6 | 20:00 МНТ-ФЕСТ „ИВАНОВ“ НАРОДНО ПОЗОРИШТЕ БЕЛГРАД, СРБИЈА | ПРЕТСТАВАТА Е РАСПРОДАДЕНА

ИВАНОВ

Автор: А. П. Чехов

Режија и адаптација: Татјана Мандиќ-Ригонат 


Иванов е првата Чехова поставена претстава. Праизведбата била во 1887 г. во театарот „Корша“, и постигнала „солиден успех“, но кај авторот предизвикала чувство на замор и фрустрации (од писмото за братот). По премиерата почнал да прави корекции на текстот, направил неколку верзии, но најголемата промена била во доменот на жанрот, од комедија во драма, за изведбата во Александрискиот театар.

Потоа продолжил со доработување на текстот, подготвувајќи го за печат во „Северен весник“ (1887) и зборникот „Драми“ (1899).

 Успехот може да се објасни со тоа што зборува за актуелните проблеми што ги мачеле руските интелектуалци во осумдесеттите години на XIX век.

Во времето кога се занимавал со „Иванов“, Чехов го забележал следново: „Јунаците во расказите и во романите (Печорин, Онегин) имале дваесет години, а сега не смеат да се бираат јунаци помлади од триесет – четириесет. Истото ќе се случи и со женските ликови“. „Тие години за Чеховите женски ликови се фатални: означуваат состојба на премин од некаде кон разочарување, од чувство на слобода кон чувство на недостаток на слобода, од мноштво можности  кон можност осудени на пропаст, движење по една иста обележана патека до крајот на животот“. (Б. И. Зингерман);

„Зошто се изморивме?“, во нивно име прашува Чехов. „Зошто ние луѓето, така страсни, храбри, благородни, побожни, околу триесет и петтата, стануваме потполни банкроти? Зошто едните се гасат во туберкулозата, вторите гинат од куршум во чело, третите бараат утеха во вотката и во картите, четвртите за да ги задушат стравот и тагата, цинички со нозе го газат својот портрет од младоста? Зошто ние, кога еднаш се согласивме, не сме веќе во состојба да се подигнеме, губејќи едно не бараме друго? Зошто? Разбојник, висејќи на крст, знаел да си ја врати радоста, остварената надеж, иако до крајот на животот му останало уште половина час“.

За „Иванов“ е пишувано многу од неговото постоење до денес. И секогаш предизвикувал бројни и остри расправи. Но текстот не наидувал на единствено толкување и сфаќање ниту во критиката ниту во науката за книжевноста ниту во театарските интерпретации. „До денес нема единствено мислење за тоа што точно се случува во текстот, за што станува збор, каков е карактерот на главниот јунак“. (Д. Путченков); Во текстот не постои јасно дефинирана, „релјефна“ фигура за Иванов. Дадени се само верзии на неговата личност, од кои ниту една не се јавува како конечна. Традиционалниот драмски конфликт на јунакот и неговото опкружување, Чехов го сменил со принципиелно нов, чија суштина е (поради несогласувањата со самиот себеси) ― во контрадикција меѓу неговиот внатрешен свет и неговите конкретни постапки. Затоа ликот на Иванов, според Ј. Христиќ претставува: „Целосна оргија на она што англосаксонските критичари го нарекуваат points of view“.

Во руската театарска и литературна критика не постои лик што предизвикал толкав број расправи, спорови и интерпретации. Посебно била остра реакцијата на руската либерална интелигенција. Во времето кога од книжевноста се очекувале големи вистини што ќе помогнат животот преку ноќ да се смени – Чехов не давал едноставни одговори. Напротив, бидејќи „иако Чехов покажал дека не е слеп за апатија и пустош на животот во тогашна Русија, тој не давал јасни одговори на конкретни прашања“. (Ј. Христиќ);

Неговиот одговор на критиката бил: „Луѓе каков што е Иванов не ги решаваат прашањата, туку паѓаат на нивни товар“.

Иако Чехов пишувал дека неговата цел била да го прикаже таканаречениот просечен човек (концептот со кој се занимавала руската литература во 80-тите години на XIX век, посебно Толстој и Салтиков-Шчедрин; В. Б. Катаев), рано се појавиле споредби на Иванов со Хамлет, иако самиот Иванов ја отфрла таквата претензија во еден од неговите монолози. Критичарката Т. К. Шах-Азизова смета дека „во споредба со Хамлет, кој при сите свои противречија и незадоволства со себеси останува возвишен херој, Иванов изгледа како некој збир од различни особини на потиштени луѓе, во распон од трагичен до комичен пол (...) Иванов е чуден човек кој не сакал да биде Хамлет, но сепак, станал руски Хамлет на 80-тите години, со сето она што времето го вградило во него“.

Колку и да се труделе критичарите да го дефинираат ликот на Иванов, во него како засекогаш да останува „некоја заклучена Чехова тајна која провоцира за нови обиди на толкување“. (А. П. Скафтимов)

 Славко Милановиќ

 

 

                        

Сценограф: Бранко Хојник к.г.

Костимограф: Бојана Никитовиќ    

Композитор: Ирена Поповиќ

Сценски говор: Љиљана Мркиќ-Поповиќ                    

Сценски движења: Анѓелија Тодоровиќ

Извршен продуцент: Милорад Јовановиќ

Организатор: Немања Константиновиќ

Улоги:

Иванов, Николај Алексеевич, постојан член во уредот за селски прашања – Никола Ристановски к.г.

Ана Петровна, негова жена, (родена Сара Абрамсон) – Нада Шаргин

Шабељски, Матвеј Семјонович, гроф, негов вујко – Предраг Ејдус

Лебедев, Павел Кирилович, претседател на земската управа – Бранко Видаковиќ

Зинаида Савишна, негова жена – Данијела Угреновиќ

Саша, ќерка на Лебедеви – Хана Селимовиќ

Љвов, Евгениј Константинович, млад земски лекар – Ненад Стојменовиќ

Боркин, Михаил Михаилович, далечен роднина на Иванов, управник на неговиот имот – Никола Вујовиќ

Авдотја Назаровна, старица со неопределена професија – Бранка Петриќ

Бабакина, Марфа Егоровна, вдовица, поседничка, ќерка на богат трговец  – Вања Милачиќ

Косих, Дмитриј Никитич, финансиски чиновник – Бојан Кривокапиќ

Послужувачка, Гаврила – Јелена Живковиќ

Егорушка, паразит кај Лебедеви ― Предраг Васиќ

Гостин ― Немања Константиновиќ

Гостинка ― Јелена Халупа

Музичари: Никола Драговиќ, Иван Мирковиќ, Немања Бубало

Инспициент: Сања Угриниќ-Мимица

Суфлер: Јелена Халупа

Организатор: Бисенија Мрдаковиќ

Асистент на сценографот: Дуња Костиќ

Асистент костимографот: Стефан Савковиќ

Мајстор за маски: Драгољуб Јеремиќ

Светло – мајстор: Миодраг Миливојевиќ

Мајстор на сцена:  Зоран Мириќ

Тон – мајстор: Небојша Костиќ

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk