Горчливите солзи на Петра фон Кант
По повод Светскиот ден на театарот - Д-р Ана Стојаноска, писателка, професорка, театролог
 

Драги колешки и колеги, уметници на театарот, неговите движечки атоми, неговите витези и пркосници!
Театарот постои откога постои човекот. Во секој од нас се крие еден изведувач и тоа прво го чувствуваме, а потоа го освестуваме. Сакаме да играме, да создаваме приказни, да прикажуваме, да вознесуваме и да сме вознесени, да се радуваме, да пркосиме, да... До денес тој порив, тој оган и пркос не исчезнал иако некогаш се притајувал и се криел поради различни причини: општествени, политички, лични, здравствени, религиозни... Ви благодарам на честа, јас, како писателка, професорка, театролог да проговорам за театарот на овој ден! Затоа што театарот е најубавата уметност што постои! Затоа што театарот постои само во мигот додека го гледаме и тука е скриена таа магична моќ, во тие неколку часа да бидеме некој друг свет, некоја друга вистина, некоја друга приказна. Затоа што кога ќе се изгаснат рефлекторите, светот што го исткал театарот исчезнува и засекогаш се вгнездува во нашата меморија. И толку.
Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде. Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ. Не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот. Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде! Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува (на која повеќето забораваме). Театарот е гласот на отпорот во миговите кога сите други гласови се замолчени. Затоа е многу важно да го чуваме.Нам, што нѐ припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас.
Бидејќи ние го создаваме театарот – писателите, режисерите, актерите, костимографите, кореографите, музичарите, сценографите, дизајнерите на светло, видеоуметниците, сите активно вклучени театарски луѓе, но, и публиката, критичарите, театролозите, професорите од театарските школи, академии и факултети, на нас е и
одговорноста, да го чуваме театарот, да му овозможиме да се снајде и да преживее и во вакви времиња. Затоа сакам да порачам да бидеме похрабри, драмските автори и писателите да пишуваат поотворено, похрабро, помоќно, режисерите да не си седат комотно во комфорните зони, актерите да се предизвикаат себеси и да направат уште поголеми изведби. Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот. Ние, што го сакаме и сакаме со него да го збогатиме светот во кој живееме! Да ни е жив театарот, да му е силен гласот, да му е цврсто местото и да ги полни гледалиштата и физичките и дигиталните, да ја разменуваме енергијата, да ја пренесуваме емоцијата, да е посилна катарзата!
Д-р Ана Стојаноска, писателка, професорка, театролог

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk

 

Какви известувања сакате да добивате?