ЖАЛНА ВЕСТ
СЛАВИША КАЈЕВСКИ (1982 – 2021)
 
Со огромно жалење и неверување известуваме дека нашиот актер Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот. Кајевски е роден на 01 февруари 1982 г, во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 г. Од 2010 г. е актер во Македонски народен театар – Скопје.
Не остави збунети, во болка и во неверување! Не остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената.
 
Ти на оваа сцена беше Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“,  Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“...
 
Остана да те гледаме како Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров  во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ и друго.
Комеморацијата е утре во МНТ, петок, 03.12.2021 година во 10:00 часот, а погребот е во 12:00 часот, во капелата Ѓорче Петров.
 
РСМ НУ Македонски народен театар
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk