„Најкратки драми на светот“, како наслов на оваа театарска претстава е позајмен од истоимената збирка кратки пиеси издадена пред точно 20 години и е приредена од театрологот Јован Ќирилов. Од изборот на четириесетина пиеси од исто толку автори, издвоени се десет, кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат една заокружена сценска слика ― калеидоскоп низ кој се прави пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век, а чии врзивни елементи се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, времето како не(с)фатлива категорија, општата состојба на апсурд... Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Шпиро, Каринти, Били К. Велс, Фридман, Чехов и други автори, од својата „неконцизна“ основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата.
Дарко Јан Спасов, драматург