Нема да биде крај на светот

  • Автор: Аднан Лугониќ
  • Режисер: Нина Николиќ
  • Информации:

    Костимограф: Ивана Каранфиловска-Угуровска

    Сценограф: Ангел Петровски

    Музика: Оливер Митковски  (музичка адаптација)

    во претставата се користи композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски

  • Времетраење: 70
  • Пауза: Не
  • Сцена: Мала

КРАЈ НА СВЕТОВИ

Таа 2018 - та година кога текстот  „Нема да биде крај на светот“ се создаваше паралелно со истоимената претстава во Народниот театар — Мостар, живеевме во еден сосема поинаков свет. Можеби не сосема поинаков, но нам барем ни беше познат, обременет со проблемите наследувани низ генерациите, со кои помалку или повеќе се имавме навикнато да живееме, секојдневно да ги поднесуваме или да ги игнорираме. Денес тој свет го нарекуваме нормален, иако малку од него тогаш можеше да се окарактеризира така. Меѓутоа, со оглед на промената која светот ја доживеа во изминатата година и пол на макроплан, логично е она од претходно да ни се чини како нормално. И тоа токму затоа што светот е погоден од глобален проблем. Инаку, пандемијата да ги нема тие размери, и понатаму би го доживувале овој свет различно, секој од своја перспектива – некој како нормален, а некој како крајно нарушен и ненормален. Показател дека ниту една несреќа не иде сама, е сѐ поголемиот број на катастрофални природни непогоди – пожари, поплави, урагани, земјотреси... Се чини дека планетата се разбудила и дека на човештвото му враќа за сета негова ароганција и себичност. Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена, како во медиумите така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални „краеви на светови“.
Оваа драма и оваа претстава се занимаваат токму со тоа – рушењето на интимните светови. Сите три лика од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да да му излезат во пресрет... Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други. Поточно, Маша и Нина се соочуваат, низ многу болка и со меѓусебни обвинувања и гнев, додека таткото поради тешката болест е емотивно и ментално исклучен од реалноста  - неговиот свет е искршен и така во ситни делчиња потопен во сосема друг вид реалност, над која тој (ниту кој било друг) нема никаква контрола. Како преживеани по апокалипса. Маша и Нина бараат начин да излезат од урнатините на стариот свет и на неговите темели да изградат свој – нов свет. За да го направат тоа ќе мораат да се потсетат, да се соочат и да се помират со сето она што бил нивниот стар свет. Во тој процес и едната и другата ќе си ја „одерат кожата“, ќе се соголат. Понекогаш, единствена утеха што ни останува е тоа дека човекот/жената е во состојба да поднесе повеќе отколку што мисли дека може. Нина и Маша ни ја покажуваат токму тој вид снага, да се издржи, но и да се оди понатаму.
Таа 2018 - та година кога се создаваше текстот, крајот на светот го препознавав на секој чекор – додека шетам по улица, седам во кафеана или парк, се возам во автобус или воз, додека еуфорично скокам на концерт, танцувам во клуб или просто додека стојам и набљудувам. Крајот на светот ми се чинеше како постојан процес што оди паралелно со изградбата и напредокот. Секој од нас носи некој свој „крај“. И тој не е ни малку поневажен од општиот крај на светот. А историјата нѐ учи – светот секогаш ќе постои во некаков облик, со или без нас. И затоа, додека сѐ уште можеме, да зборуваме повеќе за нас – за нашата сила, онаа индивидуалната, но и за потребата од другите со цел да се изгради некој нов, појак, интимен свет во кој нема да ни биде страв да зборуваме за кршењата. Тие се тука за да ни дадат сила секогаш да почнуваме од почеток.

                                                                                                                                                                                                                                                                     Аднан Лугониќ - автор

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk