Можеме ли компулсивно-опсесивните нарушувања да ги читаме како парадигма на нашето современо живеење? Колку во ова време на високи технологии, сепак, се соочуваме со недостаток на вистинска комуникација? Дали надминувањето на сопствените проблеми, стравови, опсесии и фрустрации можеме да го пронајдеме во решавањето на проблемите на другите? Можно ли е нашите проблеми, стравови, опсесии и фрустрации да резултираат со љубов? Дали опсесивно-компулсивното нарушување на одредена личност ставено во радикално поинаков контекст може да се претвори во генијалност? Дали е можно авторитетот подобро да функционира кога е прикриен, затскриен зад маската на „обичноста“? Дали елекромагнетните бранови од мобилите телефони нè полудуваат? Можно ли е да се отвори Пандорината кутија што ја носиме во себе за храбро да се соочиме со сите зла кои ќе излезат од неа и да ги надминеме или победиме?
Оваа пиеса отвора многу прашања, одговорите остануваат на публиката.
АКТЕРСКА ЕКИПА
Филип - Јордан СимоновБела - Тања Кочовска
Ото - Оливер Митковски
Воскресија - Николина Кујача
Столе - Александар Микиќ
Лилјана - Сашка Димитровска
Силва - Александар Михајловски
КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Превод: Благоја БошковскиИзвршен продуцент: Виктор Рубен
Сценограф: Илина Ангеловска
Костимограф: Александар Ношпал
Дизајнер на маски: Горан Игњатовски
Инспициент: Никола Кимовски
Суфлер: Тања Ивановска
Тон - мајстор: Александар Арсиќ
Фотограф: Кире Галевски
Графички дизајн на плакат и каталог: Димитар Димитров
Уредници на каталог: Мила Анѓелковиќ и Тони Димков
Вајар: Ангел Петровски
Реквизитер: Снежана Грнчаревска
Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша и Весна Ковачевска
Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Васил Мешковски и Саво Ивановски
БЕЛЕШКА ОД ДРАМАТУРГОТ
ОПСЕСИВНО-КОМПУЛСИВНО НАРУШУВАЊЕ?Опсесивно-компулсивно нарушување (ОКН) е хронично нарушување карактеристично по обземачките несакани мисли (опсесии) и ритуализираните повторливи однесувања (компулсии) кои ви се чини дека сте принудени да ги направите.
Како игла заглавена на изгребана плоча, ОКН го присилува мозокот да се заглави на одредена мисла или нагон. Во состојба сте 35 пати да проверите дали сте го исклучиле плинот, или да ја излупите кожата од дланките триејќи ги, или да ги преброите сите зелени автомобили што сте ги сретнале по патот без да сакате. Изведувањето на овие ритуали најчесто не носи никакво задоволство, сепак, тие нудат минливо олеснување за немирот генериран од обземачките мисли.
Ако понекогаш ви доаѓаат обземачки мисли или изведувате ситни ритуали не значи дека и вие страдате од ОКН. Сите ритуали или навики не се компулсии. Секој од нас ги проверува работите по двапати, одвреме-навреме. Со ОКН, овие мисли и однесувања предизвикуваат тешка нелагодност, одземаат многу време од денот и пречат во секојдневниот живот и односите. Иако повеќето возрасни луѓе со ОКН препознаваат дека тоа што го прават нема смисла, некои од нив, а и повеќето деца, не забележуваат дека нивното однесување не е во ред. Симптомите може да се појават и да ги снема, да се намалат или засилат со текот на времето.
Повеќето од луѓето со ОКН имаат и опсесии и компулсии, но некои од нив искусуваат само едно или друго.
ОПСЕСИИ
Опсесиите се несакани обземачки мисли, слики или импулси кои се појавуваат одново и одново во вашите мозоци. Овие идеи се несакани, но не може да спречат и, за жал, често се вознемирувачки и збунувачки.
Вообичаените опсесивни мисли вклучуваат:
- Страв од бактерии или нечистотија;
- Страв од губење контрола и нанесување повреда себеси или некому;
- Сексуално експлицитни или насилни мисли;
- Претеран фокус на религиозни и етички идеи;
- Страв да не се изгубат работите кои ви се потребни;
- Ред и симетрија: идеја дека сите работи мора да бидат според одреден ред;
- Суеверија, претерано внимание дали нешто носи среќа или несреќа.
КОМПУЛСИИ
Компулсиите се однесувања или ритуали кои сметате дека сте принудени да ги повторите, одново и одново. Вообичаено, тие се изведуваат во обид да се отстранат обземачките мисли. На пример, ако се плашите од нечистотија, развивате детални ритуали на чистење.
Вообичаените компулсивни однесувања вклучуваат:
- Претерано проверување на работите, како што се клучевите, апаратите за домаќинство и прекинувачите;
- Броење, потчукнување, повторување одредени зборови;
- Поминување претерано време во миење или чистење;
- Воведување ред и симетрија во просторот;
- Претерани молитви или крстење;
- Собирање секакви непотребни ситници.
Сепак, олеснувањето добиено од овие ритуали никогаш не е со трајно дејство. Всушност, опсесивните мисли обично се враќаат посилно, а ритуалите ја засилуваат анксиозноста. Тоа е маѓепсаниот круг на ОКН.
ТИПОВИ ОКН
Иако е невозможно да се набројат и наведат сите типови на ОКН, повеќето луѓе потпаѓаат во една од следниве категории:
- Мијачите се плашат од нечистотија и болести. Тие вообичаено имаат нагони на чистење или миење раце.
- Проверувачите постојано проверуваат работи: дали е исклучено светлото, заклучена вратата.
- Бројачите се суеверни во поглед на одредени броеви и чувствуваат обврска сè да пребројат.
- Уредувачите се опседнати со ред и симетрија.
- Собирачите се плашат дека ќе се случи несреќа ако фрлат нешто. Тие нагонски трупаат работи од кои немаат потреба.
- Повторувачите се обврзани да повторат одредени зборови.
- Некои личности со ОКН, исто така, развиваат тикови или ненадејни, кратки, репетитивни движења, како што се трепкање или движења на очите, гримаси, собирање на рамениците, тресење на главата. Одреден процент од овие луѓе, покрај тиковите извикуваат и вулгарности без да сакаат.
ТЕРАПИЈА
Иако терапијата кај луѓето со ОКН може да не даде трајни резултати, симптомите може да се стават под контрола и тие да водат нормален живот. Постојат два главни третмана при ОКН: лекарства и психотерапија. Најчесто, терапијата дава најдобри резултати во комбинацијата од двете.