Warning
  • JUser: :_load: Unable to load user with ID: 983
Музејска поставка

Музејот на МНТ работи во рамките на НУ Македонски народен театар, како нејзин интегративен дел. Запишан е во Централниот регистар на Република Македонија на 17 мај 2014 година и е единствен од тој тип кај нас: театарски музеј. Основната задача на неговиот иницијален тим е собирање на примарната и секундарна театрографска граѓа, која систематски се дигитализира и организира во соодветни збирки и потоа изложува пред јавноста.

Музејот е концепиран според највисоките музеолошки стандарди, како постмодерен музеј чија постојана поставка е концепирана како динамична, интерактивна комбинација на реални експонати и дигитални презентации низ кои ќе се раскажуваат оние мали и големи тајни, приказни и вистини за театарот, неговите актери, режисери, драматурзи, сценографи, костимографи ... Обмислен е како поставка која ја скратува дистанцата помеѓу изложениот предмет и посетителот преку директен поглед од сите страни на експонатот. Овој постмодерен концепт на пристап и изложување со движење низ музејските поставки овозможува дополнително откривање и истражување на театарската историја на МНТ и предизвикува поголема љубопитност кај секој посетител за сите негови содржини.

Музејската збирка содржи оригинални предмети и фотографии кои се сопственост на Музејот, добиени преку донации од личности и откупи од Министерството за култура на Република Македонија. Со ваквиот приод се обрнува внимание на важноста на собирачката дејност на автентични музејски предмети. На тој начин се создава драгоцена база на податоци, предмети и фотографии од сите фази на развојот на МНТ, преку кој се следи и развојот на македонскиот театар, неговите најпознати и најзначајни личности, претстави, настани и достигнувања.

Музејската збирка се состои од повеќе меѓусебно компатибилни збирки на плакати, фотографии, програмски книшки, сценографски и костимографски скици, макети, текстови и партитури, документи (вклучително и личните документи на актерите, режисерите, драмските автори...), костими, реквизити, мебел ... Преку овие збирка посетителите можат да се запознаат со македонскиот театар но и да ги видат личните збирки на театарските легенди. Меѓу огромниот број на експонати се диктафонот на Петре Прличко со кој тој ги подготвувал своите улоги, брадата на Илија Џувалековски како дел од костимот на Тевје во Свирач на покрив, оригиналниот костим на Мери Бошкова во улогата на Живка во Госпоѓа министерка, ракописите на Живко Чинго, партитурите на Зина Креља, диригентското стапче на Тодор Скаловски, накитот на Ана Липша – Тофовиќ ... Но, и оригинално помошно столче и оригинален фрагмент од лустерот од Старот театар, сочуван од актерката Нада Гешовска.  

Постојаната музејската постановка поставена низ фоајеата на зградата на МНТ ги раскажува најмаркантните епизоди од историјата на македонскиот театар: од оригиналните разгледници и фотографии од зградите во кои претставите се играле до 1927 година преку витрините посветени на изградбата на Стариот театар, оригинални нацрти од 1926/27 година и симболичниот омаж за истата зграда, урната по земјотресот од 26 јули 1963 година, до модерниот театар.

Една од најатрактивните збирки на Музејот на МНТ е Уметничката збирка, која постојано се збогатува и надополнува и вклучува повеќе од 100 оригинални уметнички дела (слики, карикатури, скулптури, цртежи, макети), над 2000 сценографски и костимографски скици, над 2500 фотографии, над 7500 негативи, и костими во кои играле некои од најрелевантните актери, пејачи и танчери во седумдецениската историја на МНТ: од Петре Прличко, Мери Бошкова, Тодорка Кондова, Илија Милчин, Данка Фирфова, Зина Креља, Елпида Паковска... до Весна Петрушевска и Никола Ристановски. Визуелниот приказ на драмите кои низ целиот период биле играни на сцената на МНТ денес се видливи преку големиот број на фотографии; сценографски скици на Томо Владимирски, Василије Поповиќ – Цицо и Бранко Костовски, но и скици од првите до денешните костимографи: Ана Петрова, Рада Петрова – Малкиќ, Јелена Патрногиќ, Ѓорѓи Здравев, Владимир Гергиевски, Елена Дончева, Лира Грабул, Илина Ангеловска ...

Тука е една од најкомплетните збирки на Василије Поповиќ – Цицо, карикатурст и долгогодишен сценограф на Македонски народен театар: неговите луцидни и секогаш атрактивни карикатури, скици и лични предмети. Неизбежни се уметничките слики на академскиот сликар Димитар Кондовски – оние на гордиот Петре Прличко, постмодерно прикажаниот Кирил Ќортошев, Ана Липша – Тофовиќ и нејзинто шамивче покрај пијаното... ; портретите на Тодор Николовски, Ристо Шишков, Блаже Конески и Томе Арсовски на сликарот Коле Манев; и сликите на кои се прикажани изгледите на стариот театар на сценографот и уметник Бранко Костовски. Со своето мајсторство на потег и израз се истакнуваат и бистите на Тодор Николовски и Горан Стефановски изрботени од рацете на Илија Аџиевски, скулптурите на Димо Тодоровски кој во белината на мермерот ја замрзна балетската патика на Натка Пенушлиска и во бронза го зачува ликот на Ана Липша – Тофовиќ. А, ликот на Петре Прличко како познатиот добар дух на МНТ, извајан во бронза од Томе Серафимовски, е тука засекогаш да го поздравува секој стар и нов добронамерен посетител на Македонски народен театар – Скопје!

View the embedded image gallery online at:
https://mnt.mk/en/muzej#sigProId5c2ebb03a2

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk