За основоположници на театарот во Македонија се сметаат Јордан Хаџи Константинов–Џинот, драмски писател, преродбеник и учител, Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер, како и актерите Петре Прличко и Димче Трајковски. Тие со своите патувачки трупи и групи прават театар на отворено, по кафеани, во општински згради и разни импровизирани простори. Најчесто се играни комедии кои ја развеселувале публиката и кратки актовки, скечеви и драматизации на романи и приказни. Изведбите биле едноставни и сиромашни во поставка, но значајни по творечката активност, репертоар на македонски јазик и со македонска проблематика, а преку тоа и на процесот на ослободување на народот и земјата.
Првиот професионален/институционален театар на територијата на Македонија е Нaродно позориште – Скопје, формиран 1913 година од реномираниот српски комедиограф Бранислав Нушиќ. Формиран е во таканаречениот Турски театар, наречен и Ада Кафе, изграден 1906 година, кој Нушиќ таа 1913 година го адаптира во прв скопски театар, а отворен на 27 декември истата година. За жал, по само четириесеттина дена, театарот изгорел до темел.
По пожарот Нушиќ ја гради таканаречената Театарска арена изградена за само три месеци. Таа несмасна градба им служела на Скопјани од мај 1914 до 15 јули 1915, кога градската управа решила да ја урне, верувајќи дека Стар театар ќе биде вселен до почетокот на сезоната, но воените случувања во тоа време го попречиле овој план. Иако без соодветна зграда, соодветни услови за работа и мал актерски ансамбл, Театарот работи мошне активно. Поставените претстави, освен во многу ретки исклучоци, се играат на српски јазик, официјалниот јазик на тогашната држава, односно сė до 1940 година. Се поставуваат пропагандни претстави, пиеси со пеење и пукање, лесни комедии – со цел да се задоволи интересот/вкусот на пошироката публика, а поставуван се/играни и претстави според дела на странски автори.Во јануари 1919 година, Нушиќ ансамблот го вселува во кафеаната „Зрински“, поради тоа што Скопје, во тој миг разурнато од војната, немало соодветен театарски простор. Летото истата година, изградена е втората Арена (повторно од страна на Нушиќ и повторно за три месеци). Тоа е ново време: театарот е организационо и технички модернизиран; репертоарски е насочен кон популистички, забавувачки, пропагандистички и банални претстави; ангажирани се квалитетни режисери-гости од Србија; се формира мал балетски и оперски ансамбл; детска сцена и се започнува со гостувања/турнеи низ цела Македонија. Се поставуват дела од српската драмска литература, како и дела од странската литература (класични и реалистички драми), репертоар кој не е прилагоден на потребите и вкусот на народот.
На 16 октомври 1927 година, во Скопје, свечено е отворена новата зграда на преименуваниот театар Народно позориште Краљ Александар I. Овој театар активно работи до 1941 година. Најуспешен период му е помеѓу 1935 и 1941 година, кога со него раководи Велимир Живоиновиќ-Масука, писател, поет, драматичар, афирмиран театарски рецензент и докажан театарски творец. Токму ерата на Живоиновиќ, и на драматургот Слободан Јовановиќ, е онаа во која се развива македонската битова драматика/драматургија и се поставуваат сите клучни пиеси од таканаречениот „втор битов бран“ – Печалбари на Антон Панов (1936), Чорбаџи Теодос на Васил Иљоски (1937), Парите се отепувачка (1937) и Антица на Ристо Крле (1940).
Со промената на власта/политиката, доаѓа и до промена во политиката и делувањето на театрите. Театарот во Скопје паѓа под бугарска управа и се преименува во Народен театар – Скопје. Работи од 1941 до 1944 година, и се зборува/игра на бугарски јазик. Се играат пиеси од бугарски автори. Репертоар имал за цел да ја зајакне бугарската политика и националната свест, како и нејзините естетски критериуми. Претставите ги поставуваат бугарски режисери, сценографи и костимографи.
Во периодот помеѓу 1941 и 1944 година, група македонски актери, режисери и уметници делуваат во рамките на партизанскиот театар. Дел од нив се Петре Прличко, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Тома Владимирски, Василије Поповиќ-Цицо и други. Во основа театарот е пропаганден и политички и се темели на прикажување на програма составена од рецитали, импровизации и скечеви, кои прераснувале во едночинки. Темите кои најчесто биле обработувани се директно врзани за тоа време – партизански или едукативни. Имајќи ги во предвид условите и воените околности во кои работат, едночинките биле прикажувани на импровизирани конструкции на било каков празен простор, со едноставен декор, најчесто само маси и столици.
Имајќи ја зад себе традиција од патувачките и општинските театри и театрите на други јазици, преку аматерските градски театри кои ја започнуваат активноста веднаш по ослободувањето, во Македонија во средината на ’четриесеттите години започнуваат да се основаат првите професионалните театри на македонски јазик. По ослободувањето, веќе афирмираните македонски театарски дејци продолжуваат активно да се занимаваат со театар. Се сместуваат во различни општински згради и институции, организирано подготвуваат драмски претстави, патуваат низ Македонија и го развиваат и обновуваат театарскиот живот на ново ниво, со примарен центар во Скопје. На тој начин ги поставуваат темелите на новоформираниот Македонски народен театар во Скопје, со што започнува нова ера. Работи во тогаш единствениот театарски објект во градот кој е изграден на иницијатива на Бранислав Нушиќ – од левата страна на Вардар. Формирањето на Македонскиот народен театар е на 31 јануари 1945 година на Президиумот на АСНОМ, со решение бр. 581/45, со што официјално започнува со работа оваа сценско - уметничка куќа. За директор е поставен Димитар Ќостаров, а Илија Милчин е секретар - драматург. Првата претстава премиерно е прикажана на 3 април 1945 година: драмата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.
Македонски народен театар, по формирањето и натамошното постоење/создавање, поминува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и публиката, на творци кои ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржување на репертоарот. Создава свое место на мапата на Македонија, на мапата на некогашна Југославија и надвор од неа. Во однос на репертоарот, односно делата што се поставаат на сцена, исто поминува низ периоди кои се важни за неговото созревање: фаза на ре/откривање на македонските автори и драматургијата – Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски и други; фаза на поставување на дела од руските и класичните дела; фаза на дела од американски современи автори; негување и афирирање на новиот домашен автор, фаза на социјални и реалистични теми, психошки и поетски драми, современи и пост-модернистички драми/дела.
Во мај 1947 година е формирана Операта при Македонски народен театар. Најплодниот период Операта го има помеѓу 1948 и 1963 година, кога се поставуваат две третини од вкупниот број на реализирани оперски премиери на овој ансамбл. Репертоарот во тој период е заснован на различни оперски жанрови, првенствено на дела од италијанското творештво на 19. век, а во помал број се реализирани изведби на дела од француската и германска класика, како и дела на современи композитори.
Во 1949 година и официјално е формиран и Балетот при Македонски народен театар. На почетокот се поставуваат дела од класиката, односно странски автори. Во 1953 година на сцената на Балетот при Македонскиот народен театар е изведена првата балетска претстава со национална назнака Македонска повест, работена на музика на Глигор Смокварски, и поставена од еминентниот кореограф Димитрије Парлиќ. Она што го карактеризира Балетот е дефинириниот репертоар со балетски дела на музиката од познати светски и македонски композитори, заокружен едукативен процес, перманентната сценска дејност која профилира квалитетен кадар и, во разни периоди гостувања на значајни кореорграфи и педагози, кои придонесуваат за брз и успешен развој и постојан уметнички раст на ансамблот.
По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963, објектот е урнат, а од 1965 година трите ансамбли на Македонскиот народен театар работи во тогаш изградениот монтажен објект. Во 1983 година се вселува во новоизградениот објект, во кој денес работат Македонската Опера и Балет. Во 2004 година со Националната програма за културен развој на Македонија се изврши формално-правна поделба на Македонскиот Народен Театар на две национални установи – Македонски народен театар - драма (МНТ - драма) и Македонска опера и балет (МОБ). Поради сценско-уметничките потреби на оперско-балетските претстави, МОБ останува во овој објект, а за драмскиот ансамбл се гради новиот објект на МНТ - драма.
Опера
Историскиот чин на создавањето на македонската опера почнува во февруари-март 1947 год. Македонската музичка петорка од: Тодор Скаловски, Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Трајко Прокопиев и Петре Богданов – Кочко поминаа добра и солидна школа под раководство на познати уметнички имиња и таа прочуена македонска музичка петорка решава македонската оперска куќа свечено да се отвори со изведбата на операта КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА. Првата оперска претстава на македонски јазик почнаа да ја подготвуваат (по иницијатива на Здружението на музичарите на РМ) членовите на Здружението, Хорот и Оркестарот на Радио Скопје и Студентскиот хор. КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА премиерно беше изведена на 09.05.1947 год. во изведба на: Тодор Скаловски (диригент), Бранко Поморишац (режисер), Петре Богданов – Кочко (хор-мајстор), Стефан Гајдов (инспициент), Живко Фирфов (суфлер) и на сцената вокалните солисти: Данка Фирфова, Елисавета Савченко, Петре Богданов – Кочко, Васил Ќортошев, Милка Гушевска, Стефан Русјаков и Ганка Атанасова. Операта на МНТ официјално, како професионален уметнички ансамбл ќе заживее во 1948 год. Со уредбата на Министерството за просвета во Македонскиот народен театар се формира Опера на 01.01.1948 год. Хорот на Радио Скопје целосно преминува во Операта, а Симфонискиот радио оркестар станува оперски оркестар. За прв директор на Операта е назначен Тодор Скаловски (01.11.1947 год.) Во новата организациона структура на МНТ (Драма и Опера) Димитар Ќостаров е именуван за директор на Драмата (11.12.1947), а на чело на Театарот како негов управител доаѓа писателот Коле Чашуле (17.02.1948) Првата оперска сезона во МНТ кулминира со изведбата на операта ТРАВИЈАТА од Џузепе Верди (29.11.1948 год.), дело што ќе биде еден од столбовите на оперскиот репертоар, и ќе биде најгледано на оперската сцена. Со ТРАВИЈАТА е поврзано и раѓањето на македонскиот балет, формирањето на балетскиот асамбл, со што се заокружува уметничкиот лик на МНТ. Негов основач е балетскиот уметник Ѓорѓи Македонски. Травијата е опера во 3 чина. Светската премиера ја доживува на 06.03.1853 година во Венеција. Македонската премиера е одржана на 29.11.1948 во Скопје. Пишувана е на либрето од Ф.М.Пјаве според романот на А.Дима-синот “Дамата со камелии“.Дејството се одвива во Париз во средината на 19-от век.
Балет
Својата прва премиера, Балетот на МНТ ја прикажал на 27.01.1949 год. во кореографија на Ѓорѓи Македонски, под диригентската палка на Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ - Цицо, костимограф Милица Бабиќ – Јовановиќ, беше изведен балетот ВАЛПУРГИСКА НОЌ од операта ФАУСТ на Шарл Гуно. Во таа прва претстава настапиле: Ѓорѓи Македонски, Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ....... Нов балетски празник се случил на 30 декември 1949 година, кога младиот ансамбл го прикажал својот прв целовечерен балет – „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во „Бахчисарајска фонтана“ се појавува практично и првата генерација македонски балетски играчи кои во следните години, а повеќето од нив во следните две децении, ќе бидат главни носители на репертоарот. Меѓу нив се имињата на Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска и Јанка Атанасова, односно Тони Шулевски, Александар Гочков и Љубомир Спасовски, малку подоцна и Вера Божинова, Смиљка Силјанова и Олга Дорошева.