Делата на Франц фон Штролхен се како географски, така и политички современи документи и ја тематизираат границата меѓу реалноста и фикцијата. Како појдовна точка за „Копање“, Франц фон Штролхен го зема текстот на австрискиот драматург Кристијан Винклер за да ги обработува општествените јазови и прашањето за нивно надминување.
Двајца пријатели, што не се виделе шеснаесет години, се среќаваат во еден осамен предел на село, придружени од трето лице, за да ископаат бунар. Притоа тие разговараат, но истовремено и го премолчуваат заедничкото минато, нивната поврзаност, но и нивното раздвојување. Во еден перформанс со силни визуелни елементи, чинот на копање ќе стане физички двигател на актерите, кои притоа не само што навлегуваат во актуелни политички конфликти, туку и обелоденуваат општествени фронтови и нивните механизми воопшто. Дали е воопшто возможно преку заедничката активност, копањето, да создадат нов слободен простор за заедништво или јазовите на крај ќе станат уште поголеми? Дали дијалогот меѓу едниот и другиот е сѐ уште возможен? Франц фон Штролхен уште во ФИКШАНАЛ СТЕЈТ ― Трилогија на соживотот дел 3, заедно со македонските актери го истражува прашањето за идентитетот и новите утопии на соживот. Во „Копање“ тој продолжува со уметничкото истражување на локалните и глобалните феномени и развива привлечен перформанс полн со изненадувања и визуелни повеќезначности.
КРЕАТИВЕН ТИМ И ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Сценограф: Андреа КоциКомпозитор: Горан Трајкоски
Видео дизајнер: Стефано Коци
Извршен продуцент: Виктор Рубен
Инспициент: Александар Рајковски
Преведувач: Марија Димитриевска
Раководител на работилници:Татјана Блажевска - Христова
Вајар: Ангелчо Петровски
Ликовен соработник: Кристина Божурска
Асистенти за изработка на сценографија: Лусиана Ампера, Мила Добревска, Аница Китаноска, Ристе Мицевски, Ева Петковска, Марија Бојковска и Силвана Карабеговиќ
Светло-мајстори: Дарко Младеновски и Владо Ќулавков
Тон-мајстор: Александар Арсиќ
Видео режија и камера оператор: Давор Черепналкоски
Пиротехничар: Методија Најдоски
Дизајнер на плакат: Срѓан Јаниќијевиќ
Фотограф: Драган Гајиќ
Лектор: Тодорка Балова
Реквизитер: Златан Бојчевиќ
Гардеробер: Фиданчо Петровски
Фризер и шминкер: Бранка Пљачковска
ЗА ПИЕСАТА КОПАЊЕ
Пиесата „Копање“ на Кристијан Винклер е еден исклучително вешто напишан драмски текст што во драматуршка стапица „заглавува“ три карактери, ликови што веќе имаат заедничка историја со цел да ги соочи со себе, со минатото, со вистината. Сега, по долго време обединети во еден простор, со едно апсурдно дејство – копање бунар, тие ги откопуваат запретаните емоции, болки, недоразбирања, фрустрации сѐ со цел да се потсетат на тоа кои се, и што тие си значат еден на друг.Навидум една банална средба, мотивирана од навидум една банална причина, се претвора во длабока емоционална исповед. Зошто? Зошто луѓето премолчуваат? Зошто се оддалечуваат? Зошто потиснуваат? Зошто манифестираат крајна кревкост во соочувањето со себе?
Драматуршката вредност на текстот се заснова на извонредно изградените ликови на двајца другари од детството, Ивица и Гораст. Во нивните премолчени, неискажани превирања се гради психолошка драма исполнета со суптилна тензија. Во недореченото е реченото. Ликот на Алек, кој функционира како еден банален контрапункт преку кој авторот ја гради играта на зборови и драматуршкото сокривање. Алек на некој начин е драматуршка кочница на недореченото да биде речено. Воедно, овој лик сосема успешно придонесува во драматуршкиот развој на односот меѓу Гораст и Алек. Кочницата, во еден момент во „Копање“ станува мотор.
Вештината на водењето на дијалогот, преку кој се создава драмската тензија е еден од најсилните атрибути на оваа современа драма. Брзите, кратки и динамични реплики, што повеќе сокриваат отколку што кажуваат, придонесуваат за извонредниот ритам на драмата.
Актуелноста на темата пријателство, прашалникот кој е поставен меѓу момчињата е прашалник кој може да се препознае во многу човечки релации. Оттука, во оваа тензична релација, игра на три лика, ќе се препознаеме сите ние, во некој замрзнат момент од нашето живеење.
Загорка Поп-Антоска-Андовска