Страв и надеж

  • Автор: По мотивите на Франц Ксавер Крец
  • Режисер: Татјана Мандиќ Ригонат
  • Информации:

    Режисер, адаптацијата на драмата и текст на сонгови:Татјана Мандиќ Ригонат
    Преведувач на текстот: Александар Русјаков
    Сценограф: Весна Поповиќ
    Костимограф: Роза Трајческа
    Композитор: Ирена Поповиќ-Драговиќ
    Дизајнер на видео: Јелена Тврдишиќ 
    Извршни продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен

    Претставата е наменета за возрасна категорија 16+

  • Пауза: Не
  • Сцена: Голема
  • Следни изведби:
    14.12.2026 / 20:00
    05.11.2026 / 20:00
    02.11.2026 / 20:00
    09.10.2026 / 20:00

Исказ на режисерката


„Страв и надеж во Германија“ е оригиналниот наслов на драмата на Крец, која го претставува и првото дело на овој автор што ќе биде изведено во МНТ. Заедно со нобеловците Елфриде Јелинек и Петер Хандке, Франц Ксавер Крец е жив класик на германското говорно подрачје, а со Бертолт Брехт — и најизведуваниот германски драмски писател. Неговите исклучителни хиперреалистички драми оставиле силен белег врз современиот театар. Крец е комплексна авторска личност: драмски писател, поет, сценарист, актер и режисер. Човек со богато и разновидно работно и животно искуство: бил градинар, возач на камион, ѕидар, негувател… Ги познава животите на пролетеријатот, работниците, т. н. „мали луѓе“, понижените и навредените, кои системот ги експлоатира на различни начини. Тие луѓе се жртви на системот во кој живеат. Според зборовите на Крец: „Капитализмот и демократијата се, всушност, меѓусебно исклучиви. Капитализмот е догматска и тоталитарна идеологија.“
Како драмски писател првпат го привлекол вниманието на јавноста во 1970 година, кога две негови едночинки премиерно биле изведени во Минхенскиот камерен театар. Нивната тематика — мастурбација, абортус — предизвикала толку бурна реакција што театарот морал да биде ставен под полициска заштита. Списанието Theater Heute драмата Homeworker ја прогласило за „најважна нова драма во 1971 година“. Оттогаш до денес, Крец е автор што не престанува да провоцира — и тематски и формално-стилски — со своите драми. Освен екстремистичките христијански верски групи, против неговите дела протестирале и неонацистите. За своето творештво добил многубројни највисоки признанија.
Да се биде општествено и уметнички провокативен не е исто што и да се биде агитпроп-писател или мајстор на скандали. Критичарот Ричард Гилман пишува дека Крец создал „театар на неартикулираните“ — длабоко политичка драма. Неговите дела денес добиваат засилени нови значења и сила, во време кога капитализмот ја достигнува екстазата на најнегативните облици. Крец вели: „Постоеше јаз меѓу реториката потребна за интелигентен Брехтов текст и неартикулираноста на стварниот живот. Бев млад човек што сакаше да го промени светот. Затоа сакав да го фатам тој буржоаски театар за глава — да создадам антитеатар.“ Во неговиот антитеатар, тишината и гестот се од суштинско значење и поседуваат хипнотичка сила. Во драмата „Страв и надеж во Германија“ токму тој јазичен момент доаѓа до израз: односот на тишината, нејзината полност, молкот на одредени ликови наспроти логореичноста на други. Разликата меѓу говорот, празното брборење и неможноста да се изразат болката и фрустрацијата. Што се крие во молкот, а што зад пороите зборови — тоа е суштинското прашање.
На забелешките дека неговите драми се премногу екстремни за да бидат реалистични, Крец одговорил: „Токму спротивното. Реалноста е толку изопачена во својата немилосрдност што јас, како поет, останувам без зборови. Повеќе не може да се надмине стварноста. Најсуровите Шекспирови драми делуваат бледо кога ќе ги слушнете луѓето трауматизирани од војна. Јас сум љубител на екстремите. Колку поуспешно претерувам, толку е поголема веројатноста во тоа да има вистина.“
Драмите на Крец се изразито актерски, бидејќи и неговото пишување е обликувано од глумата: „Сè одглумувам сам за себе, испробувам. Играм сцени со поделени улоги, замислувајќи ги. На крајот на краиштата, умот е најубавото место за театар. Способноста да се ставите во туѓа кожа беше темелот на моето пишување. Емпатијата е продуктивна — повеќе од сочувството. На крајот на краиштата, и самиот глумев во своите дела. Во нив убивав, сакав… Така актерот Крец секогаш бил во служба на писателот Крец.“

Драмата „Страв и надеж во Германија“, Крец ја напишал во 1984 година. Нејзиниот првичен наслов бил „Страв и надеж во ДР Германија“, а по обединувањето на двете Германии, од насловот ја исфрлил одредницата „ДР“. Драмата на Крец во целина реферира на драмата на Бертолд Брехт „Стравот и бедата на Третиот Рајт“. Драмата „Страв и надеж“ е далеку од формата на добро скроена драма. Напротив, таа е еруптивен, инвентивен, имагинативен, провокативен и оригинален мозаик составен од 19 мини-драми — сцени, приказни. Формално е отворена, така што режисерот, по сопствен избор, може да ги одбере сцените и да изгради сопствена сценска целина. Таа е повик да се промисли моментот во кој живееме. Не ми е познато дека некаде е изведена во континуитет со сите 19 сцени. Драмата првпат ја прочитав пред речиси две децении, кога ја преведе прочуената актерка Рената Улмански — поточно, кога преведе дел од тие 19 сцени. Во тритомната „Антологија на современата германска драма“, делото е објавено во целост. Адаптацијата што ја направив вклучува 15 слики, од кои некои се прекомпонирани, скратени, поставени во изменет контекст, со променет пол на ликовите и нивните професии, а некои сцени се драматуршки недопрени. Адаптацијата претставува личен дијалог со авторот, како и сонговите што ги пишував инспирирана од Х. Мухика, Н. Чомски, Х. Милер и животот во 21. век.
Претставата е сместена во 21. век, а не во 1984 година во Германија. Поточно, таа се случува денес — а тоа „денес“ е Орвеловата „1984“, која Крец со својот хиперреализам прецизно ја насетил и драмски ја оживеал. Ова е време на војни, геноцид, понижување на хуманистичките идеи — време на жива кал на цивилизација што се враќа во варварство, во најсофистицираната епоха на технофеудализмот. Во дневникот што го водел додека ја создавал драмата, запишал дека сите ликови ги гледа како стојат на работ и се подготвуваат да полетаат. Каде? Во небото или во бездната? Ликовите се фатени во кулминации, во точки на пукање, во моменти кога не можат да се справат со товарот на животот: губење работа, егзистенцијална несигурност и принуда, осаменост. Тие ситуации се жанровски разновидни — и хумористични и трагични. Јавното и приватното се преплетуваат. Политичката, економската и системската димензија продира во најинтимните пори на човековото постоење — во брачните и интимните односи. Дејството на драмата се одвива од Божиќ до Велигден, со епилог и претставува крик на надеж, страв и бес: како да се замисли иднината во свет во кој капитализмот ја нагризува самата човекова суштина и достоинство. Преку смеа? Преку иронија? Преку песна? Преку свест за другиот? Преку бунт? Преку театар — додека сè уште постои.

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk