Три сестри

  • Автор: По мотиви на А.П.Чехов
  • Режисер: Нела Витошевиќ
  • Информации:

    Текст: Васил Христов и Нела Витошевиќ
    Драматург: Викторија Рангелова - Петровска

    Превод на драмскиот текст на англиски јазик: Марија Димитриевска
    Сценограф: Игор Васиљев
    Костомограф: Роза Трајческа
    Композитор: Огнен Анастасовски
    Извршни продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен

  • Премиерна изведба: Петок, 25 Септември 2026
  • Времетраење: 165 минути
  • Пауза: Да
  • Сцена: Голема
  • Следни изведби:
    25.12.2026 / 20:00
    19.12.2026 / 20:00
    21.10.2026 / 20:00

РЕЖИСЕРСКА БЕЛЕШКА

 

Што е тоа што нè тера да сакаме да избегаме од сопствениот живот, да се чувствуваме туѓи во него, да сакаме да започнеме одново? Зошто животот толку често ни изгледа како да се наоѓа некаде на друго место, во некое идно време, во некој друг град, во некоја друга верзија од нас самите?

„Три сестри“ е претстава за промашените животи, погрешните одлуки, прекинатите соништа и за постојаната човечка потреба да се започне одново. Во центарот се луѓе кои копнеат по поинаков живот, но не успеваат да се ослободат од минатото. Тие живеат помеѓу она што го паметат и она што го замислуваат, помеѓу носталгичните слики за она што можело да биде и стравот дека она што допрва треба да дојде можеби никогаш нема да се случи,помеѓу вредностите со кои се растени и светот во кој тие вредности сè повеќе исчезнуваат.

Во таа смисла, со „Три сестри“ сакав да ја истражам токму оваа состојба на изгубеност на поединецот во современиот свет и да проговорам за личните и општествените кризи што ја создаваат. Да зборувам за луѓето кои постепено се оддалечуваат од сопствените желби, од оние што ги сакаат, па и од самите себе.

Во оваа приказна препознавам нешто длабоко присутно во времето и просторот во кои живееме: генерации луѓе кои сè уште имаат желба за промена, но сè помалку веруваат дека таа промена е навистина можна.

Но нивната лична криза не е изолирана. Таа е дел од една поширока општествена криза.

Преку интимните неуспеси, разочарувања, зависности, стравови и нерешени односи на ликовите, претставата отвора прашања за општеството во кое живееме - за неговите аномалии, за кризата на вредностите, за осаменоста, емиграцијата, за обезвреднувањето на знаењето и трудот, и за чувството на немоќ на поединецот пред механизмите што го одредуваат неговиот живот.

Колку од нашите погрешни избори навистина се само наши? Колку можеме да бидеме одговорни за сопствениот живот кога условите во кои живееме постојано ни ја одредуваат границата на можностите? Колку општеството влијае врз нашата состојба на изгубеност, колку нашето минато нè определува, а колку самите ние?

Новиот текст за претставата, кој го напишавме Васил Христов и јас, а инспириран од истоименото дело на Чехов, го отвора токму тој простор на соочување со кризите на нашето време, со ерозијата на хуманизмот и со постепеното потиснување на знаењето, мислата и интелигенцијата во современото општество.

Затоа, „Три сестри“ не ја гледам само како приказна за едно семејство кое не успева да се придвижи. Ја гледам како приказна за луѓе и за едно општество заглавени во мртва точка. Сите знаат дека треба да се помрднат, сите зборуваат за промена, сите сонуваат за некаде и некогаш, но никој не успева навистина да тргне.

Тие остануваат тука. Нивната неспособност да се разберат, нивните различни желби, повредувања и премолчувања се дел од истата потреба - да не останат сами. Она што ги разединува е истовремено и она што ги држи заедно.

Можеби токму затоа минатото станува толку силно. Кога иднината изгледа недостижна, минатото станува единственото место во кое можеме повторно да живееме. Во него ги чуваме луѓето што сме ги изгубиле, верзиите од себе што сме можеле да бидеме и иднините што никогаш не се случиле.

Во тој простор помеѓу желбата за промена и неможноста да се направи чекор, помеѓу личната одговорност и општествените околности, помеѓу минатото и иднината, ја наоѓам денешната „Три сестри“.

Не ме интересира толку прашањето дали можеме да започнеме одново.

Ме интересира што е она што нè спречува да започнеме.

Нела Витошевиќ, режисерка

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk