Претставата е работена како испит по предметот „Актерска игра 6“ на студентите од трета
година, во класата на доц. м-р Ангелчо Илиевски, при Факултетот за драмски уметности –
Скопје.
ДОМА
текст: Људмила Разумовска
режија/професор: Ангелчо Илиевски
Играат:
Жана - Теона Крстеска
Мајк - Давид Димоски
Лузна - Милан Петровски
Сине - Ангела Цветковска
Тања - Анастасија Трајковска
Фома - Вера Тошева/Марија Јанчевска
Близнак - Ангела Атанасовска
Вењка - Дамјан Атовски
Светлиот и Темниот Ангел - Ева Костиќ
Тон: Влатко Савески
Светло: Горан Станојевиќ
Претставата „Дома“ на трагикомичен начин отвора големи и болни прашања за човекот и општеството, гледани низ призмата на оние чии гласови најчесто остануваат нечуени – малите, напуштените, заборавените. Во центарот на приказната се група деца чии постапки, избори и односи се само одраз на средината во која се принудени да живеат и на општеството што ги создало.
Ликовите живеат во распаднат подрум, кој го нарекуваат свој дом. Во тој тесен и мрачен простор се создава мал свет со свои правила и хиерархија: едни се посилни и „владеат“, други им служат и стануваат нивни жртви. Но, под таа привидна поделба, сите тие се, всушност, жртви на истиот систем – систем во кој слабоста се казнува, моќта се наметнува, а преживувањето станува единствен закон.
Нивното однесување, нивната суровост, меѓусебното малтретирање и трагичните обиди да преживеат не се само приказна за една група деца. Тие се огледало на една поголема слика – сликата на општеството во кое живеат. Општество што ги научило да се борат едни против други, наместо да се борат заедно против она што ги уништува. И токму тука се раѓа трагикомичното: во најтешките и најапсурдни ситуации, во нивната сурова детска логика, во смеата што се појавува таму каде што најмалку ја очекуваме. Смешното и трагичното постојано се преплетуваат, откривајќи ја апсурдноста на светот во кој овие деца се принудени да растат.
Ова се деца кои морале да пораснат предвреме. Деца чии животи се украдени пред вистински да започнат, чии желби се изгубени, а радоста осакатена. И сепак, длабоко под сета суровост, страв и безнадежност, останува нешто што не успеваат да им го одземат – сонот дека може да постои поинаков живот. Дека еден ден ќе дојде подобро време. Дека секој ќе го најде својот дом и дека во него, конечно, ќе најде барем трошка сигурност, топлина и спокој.
„Дома“ е силен крик против распадот на едно општество, против тивкото уништување на една земја и на нејзините најранливи. Но, истовремено, претставата е и тивка, упорна надеж – дека домот не мора да биде само место во кое преживуваме, туку место во кое живееме; дека земјата што ја нарекуваме свој дом може повторно да стане место во кое има човечност, достоинство и иднина.