МНТ вечерва го отвора 22. меѓународен фестивал на актерот во Никшиќ
Македонскиот народен театар вечерва, на 5 ноември, ќе го отвори 22. Меѓународен фестивал на актерот – Никшиќ 2026, кој се одржува од 5 до 10 ноември под слоганот „Да играме со срце“.
МНТ ќе настапи со претставата „Страв и надеж“, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, со чија изведба ќе започне шестдневната фестивалска програма посветена на актерската уметност и современите театарски остварувања.
Во претставата играат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Покрај Македонскиот народен театар, на фестивалот ќе учествуваат и Центарот за култура – Тиват, Звездара театар и Народно позориште од Белград, како и Народно позориште на Република Српска од Бања Лука.
Фестивалската програма ќе заврши на 10 ноември со доделување на наградите и изведба на претстава во чест на наградените.
По вечерашната изведба на „Страв и надеж“ ќе се одржи разговор со актерската екипа, на кој публиката и новинарите од Никшиќ ќе имаат можност непосредно да се сретнат и да разговараат со актерите.
Учеството на Македонскиот народен театар на фестивалот во Никшиќ претставува можност за меѓународна афирмација на продукцијата на театарот и за непосредна средба со регионалната театарска публика.

