Обраќање на директорот Никола Кимовски на пресконференцијата ИТС Брчко Дистрикт

Почитувани присутни, почитувани претставници на медиумите, драги пријатели на театарот,

Дозволете ми, од името на целиот тим на Македонскиот народен театар, да изразам длабока благодарност за синоќешното исклучително искуство кое го доживеавме тука, во Брчко. Настапот на нашата претстава „Народен пратеник“ во рамките на 42. Интернационални театарски средби беше чест, задоволство, но и одговорност – бидејќи настапувавме пред една исклучително сензибилизирана и културна публика која умее да препознае и вреднува вистинска уметност.

Салата беше исполнета до последно место – над 400 гледачи беа таму, присутни со целото срце и душа. Реакцијата по претставата, стоечките овации и аплаузите се потврда дека театарот не само што живее, туку и силно комуницира, поврзува и обединува. Особено би сакал да искажам искрена благодарност до организаторите на фестивалот за извонредниот прием и топлото добредојде кое го добивме. Секој детал, од логистиката до гостопримството, беше на највисоко професионално и човечко ниво.

Голема благодарност и до селекторот, господинот Ирфан Менсур – човек со визија, почитуван уметник, кој со својата уметничка интуиција го препозна потенцијалот на „Народен пратеник“ и му даде простор на оваа претстава да проговори и во еден поширок регионален контекст. Честа што ја имаме да бидеме дел од селекцијата под негова палка, за нас е поттик за понатамошна работа и развој.

Режијата на Егон Савин, актерската посветеност на нашите колеги – Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски – заедно го создадоа тој силен сценски јазик кој публиката го прими со отворено срце. По оваа прекрасна вечер во Брчко, „Народен пратеник“ ја продолжува својата патека и следната недела ќе настапи и на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија – уште една можност да ја споделиме нашата уметност и да го збогатиме културниот дијалог во регионот. Уште еднаш – искрено благодарам. На сите вас. На Брчко. На уметноста. Фала ви. Обраќање на директорот на МНТ, Никола Кимовски

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk