Монодрамата „Последниот час на Његош“, по текст на Слободан Томовиќ, во режија на Благоја Ераковиќ, премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорскиот народен театар. Улогата на Петар II Петровиќ Његош ја толкува актерот Слободан Маруновиќ. Монодрамата е изведена повеќе од 1500 пати на сцени ширум светот и добила најголеми регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
————————
Театарската уметност во Црна Гора имала и има импозантен број значајни и знаменити драмски уметници, но меѓу сите тие сценски великани нема ниту еден кого би можеле, според истрајното толкување на Његошевата духовност, да го споредиме со првакот на ЦНП, Слободан Маруновиќ. Повеќе од илјада и петстотини (1.500) Маруновиќеви изведби на „Последниот час на Његош“, со кои гостувал на речиси сите континенти, сведочат за извонредна психичка и интерпретативна кондиција, за творечки напори, а секако и за многу задоволства, бидејќи секое од тие изведувања (еднакво во театарски сали или елитни салони, училишта, фабрички хали или под мостовите на Сена) било примано со внимание како прочистување, неретко со восхит и овации. Актерот не може да посака ништо повеќе од тоа емоционално и мисловно прожимање, од блиската соработка и полната комуникација со гледалиштето. А тоа Маруновиќ го остварува занатски чисто, психолошки негувано, тонски и визуелно во согласност со достоинството на историската улога на Његош.
Писател и театарски критичар,
академик Сретен Перовиќ