Аплауз за новата генерација – „Син понеделник“ ја допре публиката
Премиерната изведба на претставата „Син понеделник“ од Калија Киселичка, во режија на младиот режисер Борјан Стојков, се наметна како впечатливо и зрело театарско остварување. Како негово прво режисерско театарско деби, Стојков демонстрираше јасна авторска визија, која беше препознаена и наградена со долг, искрен аплауз и повеќекратни враќања на актерската екипа на сцената. Публиката потврди дека претставата успева да воспостави автентична комуникација, отворајќи прашања кои се суштински и блиски до современиот млад човек. „Син понеделник“ ја тематизира транзицијата на три млади девојки кон светот на возрасните, суптилно разгранувајќи слоеви на социјални, психолошки и системски предизвици со кои се соочува новата генерација. Актерската екипа, составена од млади и веќе профилирани изведувачи, внесе свежина која ја носи автентичноста на нивниот сценски израз. Во претставата настапија: Јана Вељановска, Ана Јовановска, Ирена Димеска и Нела Павловска, заедно со младите изведувачи: Ана Бимбилоска, Катја Велјаноска, Мина Ѓаку, Саша Димитриевска, Андреа Зорзиќ, Елена Кочарева, Ана Марија Марковска, Сара Марковска, Тео Манев, Павел Николоски, Јана Рилкова и Леа Стојков, чија колективна игра создава динамичен и уверлив сценски мозаик. Авторскиот и креативниот тим, предводен од сценографката Бојана Исијанин, композиторот Симон Пеоски и асистентот на режија како и сценските движења на Дамјан Цветановски, дадоа заокружена естетика и внимателно обликуван сценски јазик. „Син понеделник“ е копродукциски проект на Перипетија Продукција и Македонскиот народен театар, реализиран во соработка со студиото за актерска игра „Прва проба“. Со „Син понеделник“, на сцената се афирмира нова генерација театарски гласови – храбри, искрени и подготвени да проговорат за реалноста што ја живеат. Претставата е дел од програмата „TRY – Театарот ги обединува младите“, кофинансирана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура и туризам на РСМ.

