На 28. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, Македонскиот народен театар триумфираше со дури две престижни награди, потврдувајќи го својот водечки статус на македонската театарска сцена.
Со едногласна одлука на жирито, беа доделени наградите од страна на стручното жири во следниот состав: Александар Ивановски - претседател, членовите: Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трајкова и Стефан Јакимовски.
Жирито ги донесе следниве одлуки: ГРАН ПРИ ЗА НАЈДОБРА ПРЕТСТАВА „Бог на колежот“ – Македонски народен театар, Скопје НАЈДОБАР АКТЕР Ѓорѓи Јолевски, за улогата во претставата „Бог на колежот“
„Бог на колежот“, на МНТ, ја понесе и Гран при наградата за најдобра претстава на фестивалот, што дополнително ја зацврстува нејзината уметничка и критичка вредност. Претставата е копродукциски проект работен според текстот „God of Carnage“ од Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска. Сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше сведок на интелигентна, провокативна и емотивно набиена комедија, која преку судирот на две семејства ја осветлува ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности. Во претставата настапуваат актерите: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, како и децата од актерската школа на Петрушевска. Иако минималистички по форма, „Бог на колежот“ плени со силна актерска игра, духовит дијалог и прецизна режиска визија, кои на публиката ѝ понудија искуство што и забавува и поттикнува на размислување.
Ѓорѓи Јолевски, првенецот на ансамблот на МНТ, е добитник на наградата за најдобар актер, за својата блескава улога во претставата „Бог на колежот“. Ова признание е резултат на неговата исклучителна интерпретација и актерска зрелост, кои успешно го обликуваат сложениот лик и ја доловуваат драматичната напнатост зад хуморот на текстот. Јолевски, во повеќе децениска кариера исполнета со значајни улоги во театарот, филмот и телевизијата, уште еднаш покажа зошто важи за еден од најпочитуваните и највлијателни актери во земјата. Тој за првпат се натпреваруваше на фестивал со комичен карактер и токму за ова свое прво комично остварување ја освои наградата за најдобар актер. Познат по улоги во сериозни и драмски жанрови, Јолевски со улогата во претставата „Бог на колежот“ маестрално се префрли во светот на комедијата, покажувајќи актерска флексибилност, суптилен хумор и длабоко разбирање на сложената природа на човечките односи. Со оваа награда, жирито ја призна неговата импресивна изведба.
Како круна на годинешното издание, фестивалот ѝ го додели признанието „Лауреат“ на актерката и режисерка Весна Петрушевска, за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската комедија. Фестивалот „Денови на комедија“ 2025 започна на 24 септември и ќе трае до 10 октомври, со вкупно 11 претстави на програмата. Победите на МНТ се сведоштво за квалитетот, професионалноста и современиот театарски израз што го негува театарот.
МНТ со гордост им честита на наградените и се заблагодарува на жирито и организаторите за укажаната доверба. Ова е поттик за нови, смели и жанровски разнолики театарски проекти.
Следете нè за следните изведби и нови театарски предизвици.

