МНТ, по регионална турнеја - најдобар и на Театарскиот фестивал „5РЕ“ со претставата „12“
Македонскиот народен театар се врати од регионална турнеја (дел на првиот блок патувања), носејќи со себе голема гордост и силни впечатоци. МНТ веднаш продолжи со својата динамична програма, каде што на 15 април, на IV Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес, на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, настапи со актуелната претстава „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов. Во согласност со едногласната одлука на жири-комисијата, во состав на: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски, претставата на фестивалот во Велес стана добитник на две награди: награда за најдобра претстава во целина и награда за најдобра режија за еминентниот Синиша Евтимов. „12“ со извонредните актери: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, досега ги освои домашниот и меѓународниот аудиториум со својата силна социјална порака и извонредна режисерска и актерска игра, а овие награди се дополнителна сатисфакција за освојување нови признанија.

