Телото зборува – „Диво месо“ премиерно во МНТ на 27 март – Светскиот ден на театарот
Македонски народен театар ја најавува премиерата на танцовата претстава „Диво месо“, современа сценска адаптација на култното драмско дело од Горан Стефановски, која ќе се оддржи на 27 март, токму на Светскиот ден на театарот, со почеток во 20 часот на големата сцена. Режијата и концептот се на Борче Начев, а кореографијата е на Александра Кочовска - Начева и Елена Антонова-Петровиќ, додека музика е на композиторот Албин Сопа, кој создава звучен пејзаж и го следи емотивниот пулс. Претставата прераснува во моќно танцово-музичко сценско дело во кое зборот се трансформира во движење, гест и телесна експресија. Оваа физичка и емотивна театарска форма создава силна метафора за човекот исправен пред стравот, сиромаштијата и моралната ерозија, поставувајќи го вечното прашање – може ли човечноста да опстане кога светот околу нас се распаѓа? „Диво месо“ не говори само за минатото, туку за секое време на криза и неизвесност. Преку современ танц, физички театар и редуциран, есенцијален текстуален израз, сцената пулсира во ритамот на телата што гладуваат, преживуваат и сведочат. Телото станува главен симбол и носител на драмата – ранливо, но истовремено отпорно, претворајќи се во живо огледало на општеството. Премиерната изведба на овој ко-продукциски проект, реализиран во соработка со МНТ, АРТ КУЛТ-УРА! и со поддршка од Министерството за култура и туризам, претставува достоинствено одбележување на денот посветен на театарската уметност, испраќајќи јасна порака за моќта на сцената како простор за преиспитување, отпор и катарза. Со оваа премиера, националниот театар уште еднаш го потврдува своето определување кон современи, храбри и ангажирани сценски јазици. ?Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата.
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk