Архива на претстави

Година:

Сината птица

Во градот Никеја, во 787 година, се одржал Седмиот велик икуменски собор. На него, многу-умните теолози како што биле св. Јован Дамаскин, патријархот Никифор и св. Теодор Студит, пред своите противници го бранеле (и одбраниле) својот исказ за смислата на иконата: дека не треба да се слават (занаетскиот) цртеж или пак боите и штичката на која се нанесени – туку треба да се слават вечната убавина, која во бои и цртеж на штичката е изобразена.
Иако можеби не секогаш сме свесни, но за нас – луѓето од творештвото, овој историски момент е еден од најважните, бидејќи токму тогаш е извојувана една од најголемите победи во име на уметноста, победа во име на идеите и на суштината на творештвото како такво.
Во филмот на А. Тарковски, „Соларис“, еден од космонаутите, повратници од вселената, е сослушуван од комисија научници за чудниот феномен што тој го искусил во орбитата на Земјата; им прикажува снимен материјал како доказ за вистинитоста на случката кога тој, западнат во чудниот соларен океан, здогледал фигура на човек, фрлен во пространиот бескрај. Меѓутоа на снимката сè што комисијата може да види се само некои облаци. Останатите не можат да го видат Човекот во бескрајот. Него може да го види само конкретниот космонаут. Таа таинствена фигура е вообличување на неговите сопствени мисли, идеи, копнежи. На неговата душа. Само секоја посебно може да ја види сопствената душевна слика и воедно да содејствува со неа, да комуницира лице в лице, дури и да се вљуби во неа.

Нашите секакви дејанија и дела, расфрлани во тесната рамка на нашите кратки животи, се скаменети споменици со коишто живееме секојдневно, комуницираме со нив, се препираме или другаруваме со нив. За луѓето од творештвото, делото е нешто со што се обидува да содејствува со бесконечното Време кое пред 12-ина милијарди години почнало да тече, кога во „Големиот Тресок“ настанало сè што е видливо и невидливо во новонастанатиот бескраен простор на вселената. Создавајќи монументи со кои пловиме по континуитетот на временскиот брзак, се обидуваме барем за еден момент да го замрзнеме неумоливото брзање на вселената, а притоа многу добро знаеме дека тоа ќе ни успее само ако го преживееме мраз-студеното сечило на судот на времето. Всушност, се работи за победа над смртта и за слава на животот.

Потрагата по сината птица е потрага по нас самите, потрага по нашата среќа – и тоа среќата дефинирана како суштински контакт со себеси, со сопствените копнежи, соништа и мисли (нештата од кои, всушност луѓето се направени). Единствената смисла е постојано да се трага и бара – само така може да се создаде светот на убавината (онаа иста убавина за која Достоевски смета дека ќе го спаси светот).

Прекрасен е многу цитираниот момент од романот „Дон Кихот“, кога истоимениот јунак ги напаѓа ветерниците, мислејќи дека се чудовишта. Таа сцена е метафора за состојбата во која се наоѓа оној кој создава. Во сите изминати времиња творецот, тој јавач на ветрот, е моќен запишувач на времето што го живееме, но воедно е ранлив и детинест „господар“ на ветерниците со кои сето време се бори.
На сите оние, кои не се во состојба да го поделат сонот – јавачите на ветрот и ветерниците, едноставно, ќе им простат.

На космонаутот Марко, во Скопје 18 мај 2014 г.

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk