Архива на претстави

Година:

Вечната куќа - 07, 08


Автор: ЈОРДАН  ПЛЕВНЕШ
Режисер: ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ


936042_10152126273114636_118654127_n

ПРВА СЦЕНА Изгрејсонце над Ерусалим. Блескаат вечните градби на Ѕидот на плачот, Црквата на раѓањето и Воскресението, и џамијата Ал Акса. Рабинот Ицак Коен седи на камениот стол и чита со прстите пораки од различни страни на светот. Пред него како во молитва и задржан тивок плач е застаната Стела Бенвениста, со поглед упатен во неговото лице.


РАБИНОТ: Запишано е! Од Ерусалим во Македонија ќе појдеш.


СТЕЛА БЕНВЕНИСТА: Рабине мој, чекам не од вчера, не од завчера, не од утре, не од задутре, не од лани, не од оломнани, од многу одамна чекам, чекам цели 62 години. Ден по ден. Ноќ по ноќ, и еве оваа ноќ што траеше повеќе од вечност решив на изгрејсонце да дојдам и да те видам, кажи ми рабине мој, кога, кога и кога?


РАБИНОТ: Најдрага пријателке Стела Бенвениста, само ти од Јудејците сите, од морето средоземно цело можеш на изгрејсонце во тајните на мојата темница да влезеш, Вистина ти велам, наречено е, од Ерусалим во Македонија ќе појдеш.


СТЕЛА БЕНВЕНИСТА: (Се свртува кон сликата на Ерусалим, паѓа на коленици пред него) Господе, рабине мој, облеј ме со твојата мудрост, по патот на сонцето еднаш и за секогаш кон Македонија да тргнам.


РАБИНОТ: Со сиот мрак во моиве од невидлива светлина изгорени очи јасно гледам, објавено е на зрак прероден во лебед низ бели облаци виножита што сечат – од Ерусалим во Македонија ќе појдеш! (...)


ПАТУВАЊЕ НИЗ ВЕЧНАТА КУЌА


1461213_10152126285159636_1997287763_nПатувањето низ Вечната куќа е едно бескрајно патување низ кое човекот треба да стигне до одговорите на најголемите и најсуштинските прашања што ги носи со себе низ животните лавиринти. За таквото големо патешествие да се случи, не треба да се поминуваат огромни растојанија - тоа се случува внатре, во нас, во нашите срца. Таму, во срцето, ние стигнуваме до сопствените одговори на вечните теми за животот, смртта, љубовта, раѓањето. .. Патувањето на Стела Бенвениста низ Вечната куќа го носи во себе Сизифовскиот предзнак. Всушност, затворањето на еден историски период носи прашања и трауми поврзани со периодот што следни. Врзопот со 100 клучеви е влезот во историскиот лавиринт на македонската историја. Во патувањто на Стела, секој клуч е новиот Сизифов камен. Носејќи го букетот македонски трендафили во својата животна одисеја, барајќи го човечкото во човекот, Стела Бенвениста ја повторува и метафората на патувањето на Диоген... Всушност, македонските трендафили се фенерот во дамарите на нашите души со кој го бараме истиот човек кој што го барал Диоген. Во текот на целиот процес на создавање на претставата интензивно размислував што значи отварањето на Вечната куќа сега, токму сега. По многуте реплики оживеани на сцената знам: тоа отворање е откривање на местото каде што се наоѓа клучалката на Земјината топка. Со нејзиното отклучување пред нас се отвараат напластените слоеви на цивилизации, создадени вредности, страдања, победи, прогони... Така го разбрав и поднасловот на Вечната куќа - трагедија + време = комедија.


Дејан Пројковски, режисер


 УЛОГИ: Искра Ветерова - Стела Бенвениста Драгана Костадиновска - Естреа Бенвениста Дарја Ризова - Естел Бенвениста Оливер Митковски - Ментеш Бенвениста Петре Темелковски - Рабинот Ицак Коин Тони Михајловски - Ефрем Поплавски Весна Петрушевска - Деспина Поплавска Јордан Симонов - Соломон Брант Ѓорѓи Јолевски - Абдураман Баба Ѓул Тина Трпкоска - Жана Балавуан Арна Шијак - Хинг Гиу Миу Гораст Цветковски - Алексеј Ангел Владимир Јачев - Варда Склир Александар Ѓорѓиески  - Теодосиј Трети Никола Ацески - Ахмад Ал Масри Ивица Димитријевиќ (*Алтернација: Ненад Анѓелковиќ) - Гоце Делчев Владо Јовановски - Крсте Мисирков Висар Вишка - Џон Балтимор Нино Леви - Вилијам Гарланд Александар Микиќ - Димитрија Чуповски Звездана Ангеловска - Малина Поп-Иванова Сашко Коцев - Кочо Рацин Софиа Насевска Трифуновска - Кате Дејан Лилиќ – Орце Попјорданов Славиша Кајевски - Готфрид Најцзекер Борче Начев - Бохумил Зелински Катина Иванова - Уранија Емил Рубен - Крсте Поплавски Васил Шишков - Ристо Шишков


ХОР

Магдалена Ризова - Черних, Марија Новак, Снежана Коневска - Руси, Александар Џуровски, Јасмина Поповска, Даница Георгиевска, Александар Шехтански, Стојна Костовска, Томе Витанов, Трајче Ѓоргиев, Теоман Максут, Драгана Левенска, Анкица Бенинова, Александра Стојкова, Александра Михајловска, Александар Михајловски, Стефан Вујисиќ, Тони Денковски, Ненад Анѓелковиќ, Владимир Петровиќ, Владанка Димковска, Ангела Димитрова, Марија Димитрова, Надица Петрова, Марија Петреска, Аница Бебиќ, Анастазија Христовска, Никола Стефанов, Филип Трајаноски, Милош Стојковиќ, Антонио Китановски, Марко Илиќ, Александар Иваноски, Денис Давидковски


1470402_10152126284709636_1392746106_n Сценограф: Валентин Светозарев Костимограф: Благој Мицевски Сценски движења и кореографија: Сташа Зуровац Композитор: Горан Трајковски Дизајнер на светло:  Дени Шесњиќ Ритуали: Александар Илиев Помошник - режисер: Андреј Цветановски Видео дизајнер: Сергеј Светозарев Асс. на режисерот: Дамјан Читкушев, Драгана Таневска и Ѓорги Ризески Инспициент: Никола Кимовски Суфлер: Зорица Благоевска Продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен Лектор: Цветанка Недановска


Техничка екипа:


Раководител на сценска технологија: Гунтер Кубе


Оператори на механизација: Костадин Велков, Васко Бојаџиски, Горан Димов и Трајче Тасевски


Светло – мајстори: Илија Тарчуговски, Горјан Темелковски, Дарко Младеновски, Владо Ќулавковски, Игор Георгиев


Тон – мајстори: Александар Петровски, Ненад Трпеновски, Ташко Грујовски и Александар Арсиќ



ТРАГЕДИЈА + ВРЕМЕ = КОМЕДИЈА


Се сеќавам на мојата рана книжевна младост, во 80-те години на XX век. Додека со еден патувачки театар на илузионисти ја крстосував Европа, се најдов во домот на шпанскиот нобеловец, поетот Винсенте Алеиксандре кој, во интервјуто што го објавив во тогашна „Нова Македонија“, ми зборуваше за тоталната поезија.


Или, поедноставено, за можноста во само една песна да се опише сиот видлив и невидлив свет.


Оттогаш започна мојот чеховски сон да напишам пиеса за три женски лика, мајка, ќерка и внука, кои ќе бидат драмски центар на Вечното раѓање и Вечната смрт. Летото 2001 година се најдов (можеби не случајно) во Лисабон и во архивите на Фондацијата „Гулбенкиан“ открив цртеж на куќа изградена во Скопје, на брегот на Вардар, во 1492 година, непосредно пред доаѓањето на Балканот на 500.000 Евреи прогонети од Иберискиот Полуостров.


Тогаш во мојот драмски свет се појави дванаесетгодишното девојче Стела Бенвениста, депортирана со многучленото семејство на 11 март 1943 година од истата таа куќа. Само таа и нејзиниот брат ќе ги преживеат Треблинка и Аушвиц. Нејзиниот татко ѝ доверува врзоп од сто клучеви што таа ги чува како бесценет аманет, за некогаш да се врати во куќата.


Во 1948 година таа се враќа во Израел и цели шест децении, секој ден, оди на Sидот на плачот и секој ден, речиси 22263 пати по ред, остава ливче со следната содржина: „Господи, ако постоиш на небото, врати ми ја куќата во Македонија“!


Драмата започнува со телефонскиот повик на адвокатот Ефрем Поплавски, специјалист за меѓународно имотно право, кој ја известува старицата Стела Бенвениста дека, по долгата одисеја, куќата е вратена во владение на семејството Бенвениста. Таа потоа стигнува во Скопје, во куќата покрај брегот на Вардар, ги отвора сите сто одаи и од нив излегуваат исто толку сопственици, со непобитни докази дека куќата е нивна.


Тогаш всушност се случи големиот пресврт. Куќата за која станува збор, може да биде куќа на кој било меридијан на планетава! Замислете само што би се случило доколку се спуштат драмските сонди под Белата Куќа во Вашингтон или под зградата на Обединетите нации во Њујорк, или под Кремљ во Москва, или под сличните градби во Пекинг, Техеран, во Њу Делхи, во Рио или во Токио!


„Вечната куќа“ ја пишував речиси 12 години и никако не сакав да ја завршам. Кога разбрав за анонимниот конкурс за отворањето на Македонскиот народен театар, сите дотогаш испишани шестотини страници ги препишав на осумдесет. И ги предадов на конкурсот, последниот ден, последната минута.


Драмата се одвива во сите градови на мојот живот: Скопје, Париз, Њујорк и Ерусалим.


Во Ерусалим никогаш не сум бил, но во близина на моето родно Слоештица, во југозападна Македонија, има еден манастир: Свети Никола Топлички. И во него една чудесна фреска од XIII век: Исус Христос над бунарот на времето. Во архивите на престижниот Универзитет Јеил прочитав дека тој манастир со векови бил под јуриздикција на Патријархот од Ерусалим.


Светот е вистина мал - од каде, на каде, Слоештица и Ерусалим!


Една духовита поговорка што ја раскажуваат Македонците расеани по меридијаните вели: Светот е мал, ама Македонија е голема.


Првата реплика од драмата „Вечната куќа“ што ќе биде изговорена во новата зграда на Македонскиот народен театар гласи: Запишано е, од Ерусалим во Македонија ќе појдеш!.


Спроти Свети Климент Охридски чудотворец Лето Господово 2013



Јордан Плевнеш
 
 

СТРЕМЕЖ КОН ВЕЧНАТА КУЌА


Јордан Плевнеш е, несомнено, еден од најмаркантните, најособени современи драматичари, чијшто интригантен опус битно ги детерминира двете „преодни“ декади во развојот на македонската драматика/драматургија на дваесеттиот век (1982-2003). Нив обично ги именуваме како „преод“ од модернистички драмски дискурс кон постмодерниот. Во македонскиот драмски и театарски контекст Плевнеш влетал наврапито и сосема абруптивно, со својата радикална пиеса „Еригон“, „сценска анатема во два дела“ изведена 1982 г. во скопскиот Драмски театар, во супериорната режија на Љубиша Георгиевски и во маестралната игра на ѕвездите од калибар на Мето Јовановски, Петре Темелковски, Мери Бошкова, Крум Стојанов, Милица Стојанова... Со ваков нестандарден исчекор, прилично нетипичен за еден дебитант, тој себеси се најавил како темпераментен, потенцијално опасен, во секоја смисла „неприлагоден“ нонконформист кој го ветува најважното: дека со него допрва ќе имаме работа. Дури отаде!


1461012_10201786935012449_1889083312_nВо поговорот на првото издание на „Еригон“ (Скопје, Мисла, 1992), режисерот Љубиша Георгиевски смело ја пласира констатацијата дека оваа пиеса „пред сè, е модел на едно подруго театарско мислење во нашата драматургија“. Тој модел, за кој тврди дека дотогаш не бил практикуван во нашиот дел од светот, Георгиевски го нарекува митски.


Ете, веќе со своето решително дебитантско зачекорување на штиците што значат живот, 29-годишниот буревесик Плевнеш интуитивно го избрал сопствениот митски еригонски статус на „човек во бегство“ и „пес од македонско потекло“ - што се авторовите лични детерминации/карактеризации на Еригон, првиот драмски јунак во неговата театрографија.


Денес, по три долги децении во текот на кои неговиот писателски багаж среќно се зголемил за уште дванаесет драми и некои други книги (меѓу кои и еден роман со профетски наслов „Осмото светско чудо“), во ѕвездениот миг кога сопственикот на вака импресивна авторска библиографија и (навидум) лукративна граѓанска кариера повторно ги отвора тешките порти на вечната куќа на сопственото творење, првата константа што ја декодираме во секој негов гест и секоја реплика пак е оној вечен митски неспокој од младоста. Ниту даскалската актива собирана по странските универзитети цели 25 години (од 1988 г., кога оди да живее во Париз), ниту дипломатските мисии во кои Македонија ја претставувал како амбасадор во Франција, Португалија и УНЕСКО, ниту високата ректорска функција на Универзитетот за аудиовизуелните уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк (чијшто лидер е последниве седум години) - ништо не го смени неговиот хабитус и неговиот ракопис. Плевнеш - писател и натаму е разбушавен, осамен, циничен и прек скриптор со остар јазик и тешка рака, драматичар и прозаист чијашто опсесивна тема е идентитетот - историски и митски, колективен и интимен-та- најинтимен, реален и симболички, национален и творечки...


МАКЕДОНСКИ. „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш е пастозна драмска фреска која ги театрализира токму овие суштествени егзистенцијални топоси кои реални и фактички го детерминираат нашето постоење, нашето чувство на сигурност, нашата верба во иднина, пред сè онаа на нашите деца. Недобројните лица на оваа мошне екстензивна, во одделни мигови и малкуѕка хаотична пиеса се - луѓе во бегство. Обездомени несреќници кои своите ахасферски судбини упорно ги туркаат низ пределите и низ вековите, верувајќи дека еднаш среќно ќе ја разрешат проколнатата формула што Сартр ја запишал во прочуената синтагма „битие и ништожност“. И дека ќе стасаат до својата вечна куќа.


Бегајќи од општата ништожност што се заканува оти сите ќе нè поништи, едночудо драмски талкачи на Плевнеш - меѓу нив и многумина со неспорен историски или митски статус - постојано излегуваат и излегуваат на сцената за упорно да го бараат своето елементарно право на сопственото место, одајче, покрив, порта - ИМЕ! И го докажуваат тоа право со едночудо тапии, договори и секакви хартии за кои невидливите центри на моќ, преку своите адвокати, експерти за меѓународното право и останатите облигаторни односи, упорно им порачуваат дека е апстрактно и јуристички неиздржано.


Реплика што во оваа пиеса најмногу и најчесто се изговара гласи: „Откажете се од вашето барање“.


Да, ама Плевнеш ја пишува „Вечната куќа“ токму сега и токму затоа што - сега и овде, hic et nunc - сака да ја реафирмира еригонски парадоксалната стратегема на неоткажување, тој бунтовнички лозунг на неговата младост, неговиот непокор, неговата земја, неговата историја и неговиот народ.


НЕОТКАЖУВАЊЕ!


Во театрографијата на Јордан Плевнеш „Вечната куќа“ е жанровски детерминирана со циничната параалгебарска формула/досетка „Трагедија + време = комедија“. А нумерирана е (случајно?) како неговата пиеса број 13!



 
 

 

 

  • Година:: 2013
  • Премиера:: 09.12.2013
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk